Мина Тренкоски, ќерката на актерката Весна Петрушевска, лани во ноември поминала 15 дена на апарати во болница во Дубаи, откако изгубила свест и ѝ дијагностицирале белодробна емоболија или белодробен инфаркт. Петрушевска вели дека 15 дена ќерка ѝ била ни на небо ни на земја, а сметката во болницата во Дубаи допрва треба да ја плати.
Мина, која во ноември во 2024 наполни 20 години, заминала да работи во Дубаи со Моника Милкова, семејна пријателка на Петрушевска која актерката ја нарекува нејзино трето дете. Во Дубаи, Мина работела во оддел за човечки ресурси во агенција за недвижности.
Петрушевска, која лани објави дека објави дека се оперирала од рак на дојка, вели дека за неа 2024 била лоша година.
„Кога ќе ми се спомне 2024 година ми се темни. Една дијагноза рак на дојка и две операции. Си отидов ‘мртва ладна’ сама со кола, не драмев, не се лигавев туку се соочив и вешто ја избегнував репликата ‘Зошто баш мене?’. Ќе признаете дека е флоскулна, изветвена и патетична. Отидовме јас, Мина и Мони на заслужен одмор до Санторини каде буквално никого не знаевме, а нашите 5 кучиња се шеткаа како да е нивен островот. Малку здивнав, а во меѓувреме полагав испити за мастерот на ФДУ, театарска режија и имав неколку проби со екипата во мај. Моби и Мина заминаа за Дубаи на школо и работа. Си реков, после 23 години сосема сама. Супер! Почнавме со проби во МНТ со ‘Богот на колежот’ и уживавме во процесот. Сѐ до оној почеток на ноември кога Моника (тоа е третото мое дете) ми се јави да ми каже дека Мина изгубила свест и е во болница н апарати. Како? Зошто? Чекавме до крај резултати. Петнаесет дена ни на небо ни на земја. Терав проби и го почитував правилото на театарот дека моите проблеми ги оставам надвор. Така и беше. Мина и Моника дојдоа на рехабилитација која од состојбата на кома треба да трае од 3 до 6 месеци. Имавме одлична претстава, овации, аплаузи. Јас го преживував сопствениот бог на колежот. По не знам кој пат се исправив над страшните работи кои ми се случуваа и сѐ уште ми го прават животот забавен. Онаа неподнослива леснотија на животот. Јас и Кундера, тие сме“, ни рече актерката.
Мина, на 24 декември во Македонскиот народен театар додека траеше аплаузот на крајот од претставата, со цвеќе ја изненади мајка си на премиерата на „Бог на колежот“, која Петрушевска ја режираше. Актерката вели дека ќерка ѝ е сега е дома, ќе се одмара и ќе паузира од работа. Нејзиниот син Кирил живее со татко му Јанко Тренкоски во САД каде што студира.
„Во оваа 2025 треба да платам огромна сметка за Мина во Дубаи. Би сакала да сработам уште една претстава, да си завршам и официјално со мастерот и се надевам скришно на спокојна година. Ќе се обидам да ја работам и актерската школа иако сум маг за таа работа, но полека но сигурно не гледам смисол во таа насока. Но, тоа е друга тема. Среќна и живописна година“, вели Петрушевска.
На 12-годишна возраст, во 2016, ќерката на Петрушевска беше жртва на педофил кој по една година судски процес доби дванаесет и пол години затвор. Во 2013, се запали семејната куќа на актерката во скопската населба Кисела Вода, во која живееја нејзините родители. Семејството потоа изгради нова на истото место, а се организираше и хуманитарен концерт на кој настапи речиси целата македонска естрада.
Петрушевска, која е активна во хуманитарни акции, со поранешниот сопруг ги посвои децата од Домот за деца во Битола во 2004. Тогаш Мина имаше девет месеци, а Кирил две и пол години. Петрушевска тешко ја поднесе загубата на татко ѝ Кирил, кој почина во декември во 2021. Нејзината мајка Сашка во негова чест на напиша книгата „Скопска љубовна приказна“.
М. ЏАРОВСКА