„Титаник“ се враќа во живот по повеќе од 100 години откако реплика на бродот со вистински димензии е изградена за потребите на тематски парк во Кина. Главниот поддржувач на проектот вели дека инспирација да го рекреира најславниот брод на светот добил од филмот „Титаник“ од 1997 година, кој беше голем хит во киносалите во Кина.
Оригиналниот брод, најголем во своето време и опишан како непотонлив од сопствениците, трагично заврши во 1912 година, откако се судри со санта мраз и потона во длабочините на Атлантскиот Океан, при што загинаа повеќе од 1.500 луѓе.
Инвеститорот Су Шаојун вели дека ја финансирал изградбата на 260 метри долгата реплика за да го одржи во живот сеќавањето на „Титаник“.
„Се надевам дека бродот ќе биде тука 100, 200 години. Ние градиме музеј за ‘Титаник‘“, изјави Шаојун.
Репликата се градеше шест години, подолго отколку вистинскиот „Титаник“ и за неа биле искористени 23.000 тони челик. Проектот чинел една милијарда јуани, односно 153,5 милиони долари. Од трпезариите и луксузните кабини, па сè до рачките на вратите, сè е направено во стилот на оригиналот.
Бродот ќе биде главна атракција на тематски парк во провинцијата Сичуан.
„Би сакале да ги поканиме Џек, Роуз и Џејмс Камерон на церемонијата на отворањето“, кажа Шаојун.