Четиринаесетмина волонтери од холандската фондација „Аут оф ареа“, во костими на кловнови деновиве се во Скопје, каде работат со вработени и пациенти на Клиниката за детски болести, Геронтолошкиот завод „13 Ноември“ и Детското СОС село, како дел од проектот „Клиник клаунс/Контакт клаунс“. Екипа на САКАМДАКАЖАМ.МК кусо присуствуваше на работилницата на волонтерите од различни возрасти и професии со социјалните работници од Геронтолошкиот завод. Волонтерите се специјализирани за работна терапија на пациенти со деменција, неподвижни пациенти и лица со психички и физички попречености.
Фондацијата постои повеќе од 16 години, осонована е непосредно после војната во БиХ од Вилијам Бос и Ани Кос. Координаторката на фондацијата за Балканот Нермина Орман ни рече дека Бос бил војник на холандскиот баталјон во БиХ, и тогаш ја основал фондацијата. Освен во БиХ, работат и во Македонија, Косово, Грузија, а ова им е шеста посета на Македонија во изминативе пет години. Лани во јули, дваесет и осум ученици и тројца професори од гимназија во Ротердам ги фарбаа ѕидовите и цртаа детали препознатливи за детската публика на Детската клиника на Клиничкиот центар во Скопје. Во паузите од цртањето, учениците го исчистија и дворот пред клиниката, која како и целиот Клинички центар во тој период беше затрупана со ѓубре.
„На оваа работилница на Геријатрија волонтерите се повеќе фокусирани на вработените, да ги обучат како да работат со пациентите. Тоа се различни активности кои го разубавуваат денот, различни моторички активности. Нашите волонтери, освен нивните професии, работат и како клинички кловнови во болниците во Холандија. Тие сами си го финансираат патот, сами си плаќаат материјали, престој и лет. Тоа е чисто доброволна волонтерска работа“, ни рече Орман.
Лоренс Кител, водач на групата, со солзи во очите излезе од работилницата, говорејќи дека активностите се многу емотивни и не може да се воздржи да не заплаче.
„Им кажуваме како ние кловновите ги забавуваме пациентите, како воспоставуваме контакти, како се зближуваме и како ги користиме елементите од нашата работа. Тоа го практикуваме со конкретни вежби“, ни рече Кител.
Таа вели дека целта на работилницата е да ги споделат искуствата од нивната работа, за вработените во институциите да можат да бидат инспирирани од тоа што го работат кловновите, но и Холанѓаните да научат нешто од македонските социјални работници, како работат, кои се нивните проблеми и да се обидат да се збогатат едни со други.
„Во Холандија сме познати како контакт клаунс, или кловнови за здравје. Вакви проекти се голем тренд, има сѐ повеќе кловнови кои работат вака, бидејќи има многу луѓе кои работат за здравјето и средината. Почна во 1980-те во САД, и оттогаш се шири во светот, а има многу во Франција, Холандија, Белгија, Шпанија, Италија, па дури има и во Јапонија, Кина, Индија, Африка, земји кои немаат силна врска или традиција со кловнови. Сѐ уште нѐ мешаат со кловнови од циркус или од роденденски забави, а ние работиме сосема нешто поинакво“, вели Кител, која работела и со бегалци во Грција и во Либан.
Портрапролот на Геронтолошкиот завод, Борче Ефтимовски-Ѓеорѓиевски вели дека Заводот располага со осуммина социјални работници, но двајца се во објекот „Мајка Тереза“ во Злокуќани.
„Социјалните работници секојдневно се грижат за нашите пациенти. Нивната работа е секојдневна анимација, а исто така при прием на пациент, анамнезата покрај докторот ја дава и социјалниот работник. Ние сме единствена билница во Македонија со долгорочен престој. Пациентите се анимирани, ова е нивни втор дом, но ова не е прва активност, сме имале и порано каде се залагаме за подобрување на нивното здравје“, вели Евтимовски-Ѓеорѓиевски.
- ХОЛАНДСКИ СРЕДНОШКОЛЦИ ГИ ИСЦРТАА ЅИДОВИТЕ НА СИТЕ СПРАТОВИ НА ДЕТСКАТА КЛИНИКА
- ХОЛАНДСКИ ГИМНАЗИЈАЛЦИ ГО ЧИСТАТ ЃУБРЕТО ПРЕД ДЕТСКА КЛИНИКА
Б. НЕСТОРОСКА