КНИГА ОД ЖАН-ЖАК РУСО СТАРА 266 ГОДИНИ Е ЕДНА ОД НАЈСТАРИТЕ ДЕЛА ВО БИТОЛСКАТА ГИМНАЗИЈА

    КНИГА ОД ЖАН-ЖАК РУСО СТАРА 266 ГОДИНИ Е ЕДНА ОД НАЈСТАРИТЕ ДЕЛА ВО БИТОЛСКАТА ГИМНАЗИЈАФилозофскиот есеј на француски јазик „Расправа за потеклото и основите на нееднаквост меѓу луѓето“ од филозофот Жан-Жак Русо е објавен 1755 година. (Фото: СДК.МК)

    Една од најстарите и раритетни книги во училишните библиотеки во Битола датира од пред 266 години. Тоа е филозофскиот есеј на француски јазик „Расправа за потеклото и основите на нееднаквост меѓу луѓето“ од филозофот Жан-Жак Русо, објавен 1755 во Амстердам, Холандија. Денес се чува во витрините на школската библиотека во гимназијата „Јосип Броз Тито“, која од средните училишта има еден од најбогатите книжни фондови.

    Судејќи според печатот кој бил ставен на книгата, таа била сопственост на Романскиот лицеј во Битола. Лицејот бил отворен во 1880, а интересно е дека она што на печатот покрај името на оваа образована установа, со латинско писмо пишува и Битола Македонија.

    Училишните библиотеки имааат над 200.000 книги, лектирни изданија, белетристика и стручна литература. (Фото: СДК.МК)

    „Инаку, има стари книги од крајот на 18. и почетокот на 19. век, а според областа тоа се историски книги, филозофски и стручна литература, зоологија, ботаника, аритметика, психологија и слично. Има и белетристика, од класични автори, а пишувани се на француски, германски, руски, бугарски, српски и хрватски јазик “, вели библиотекарот Драган Ристевски.

    Меѓу ретките примероци се „Преглед на историјата на Франција“ од Десире Бланше, Берлин 1894 , „Публикација на плуралноста на населените светови“ од францускиот вљубеник во астрономијата Камиј Фламарин 1877,  Париз, „Енеида“ од Жак Делил 1804 година, Париз.

    Ова е само еден пример за книжното богатство на училишните библиотеки во Битола. Неодмна, Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ во Битола го издаде зборникот „Училишните библиотеки во Битола и Битолско“ кој содржи 23 стручни трудови на библиотекари. Според книгата, училишните библиотеки имааат над 200.000 книги, лектирни изданија, белетристика и стручна литература.

    Има стари книги од крајот на 18. и почетокот на 19. век. (Фото: СДК.МК)

    Од средните училишта најстара е библиотеката во Земјоделското училиште, отворено 1908 година од кога почнало да збира свој книжен фонд. Со најмногу наслови се двете гимназии „Јосип Броз Тито“ и „Таки Даскало“. Со стручна литература посебно изобилуваат Техничкото, Медицинското и Економското училиште, а за Музичкото карактеристично е што располага со медијатека со голем број грамофонски плочи од концери на големи светски оркестри, диригенти и композитори.

    Сепак, бројката на читатели се намалува, но не драстично. Во едно до средните училишта во 2015/16 година имале 2.856 посети во библиотеката, а пет години подоцна 1.717. Бројот на позајмени книги бил 661, а потоа 440. Членови имало 335, а половина деценија подоцна 221.

    „Денес сѐповеќе слушаме за e-библиотеки, e-книги и денешните генерации ученици повеќе преферираат интернет отколку книга. Ова не е личен впечаток, туку заклучок од спроведена дебата ‘Книга или интернет’ со учениците. Но, според бројките може да се каже дека библиотеката/книгата успешно се спротивстваува на овој тренд. Извесно е дека и печатената и електронската форма ќе преживеат, не смее да се занемари печатениот облик или за сметка на електронските да исчезнат печатените книги . Интернетот ни овозможува да бидеме добро известени, но ништо не може да ја замени книгата во смисла на образованието“, пишува во трудот Даниела Манчевска, стручен соработник-библиотекар во СОУ„Ѓорги Наумов“.

    Ова е прв зборник во земјава посветен на училишните библиотеки, а раководители на проектот се Ленче Андоновска и Гордана Пешевска кои рекоа дека училишните библиотекли се гнезда на богат и раритетен книжевен фонд.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира