КНИГАТА ЗА ИЗБЕГНУВАЊЕ МАНИПУЛАТОРИ НА ТЕТОВКАТА ДИЈАНА ЈОВАНОСКА Е ХИТ НА АМАЗОН

    КНИГАТА ЗА ИЗБЕГНУВАЊЕ МАНИПУЛАТОРИ НА ТЕТОВКАТА ДИЈАНА ЈОВАНОСКА Е ХИТ НА АМАЗОН„Победничка вештина - избегнувај манипулатори и уживај во успехот“ на тетовката Дијана Јованоста стана бестселер во неколку земји во светот откако е пуштена на продажната платформа Амазон (Фото: СДК.МК)

    Само за еден ден откако беше поставена на најголемата платформа за продажба Амазон книгата „Победничка вештина – избегнувај манипулатори и уживај во успехот“ на тетовката Дијана Јованоста стана бестселер во неколку земји во светот. Според рејтинг листите што ги доставува Амазон, оваа книга во својата категорија веднаш по објавувањето во Австралија била на второто место, во Канада е на третото место, а во САД петото место по бараност. Книгата е напишана на англиски јазик, објавена e во електронска верзија и засега може да се купи само преку Амазон.

    „Книгата произлезе од мојот онлајн курс што го водам, но и од моето лично искуство. Одлуката, книгата првин да ја пласирам на светскиот пазар произлезе од тоа што кога живееш во земја во која те проценуваат по сé и сешто, а најмалу по твојата професионалност, тогаш ќе мора да работиш глобално каде има почит и вредување на професионалноста. За жал, така е кај нас. Затоа јас во мојата книга пишувам дека првин треба да се почне од себе, да се изградат личните норми и граници кај себе, за да не може друг да манипулира со тебе. Кај нас жената е посебно изложена на овие манипулации, бидејќи таа речиси секогаш молчи и не може да каже доста е кога некој нешто ѝ наредува да го сработи тоа што не го може. Жената не смее да биде потчинета на т.н. квазилидери, на манипулатори.  Во еден дел од мојата книга се зборува токму за тоа – како да ги препознаеме манипулаторите и како да се справиме со нив. Во книгата внесов и дел од моето животно искуство за напорите што ги имав кога настојував една млада личност, еден голем манипулатор, да го ослободам од таа негативна особина. Тоа мое животно искуство беше поттик првин да го направим онлајn курсот, а потоа да ја напишам и книгата“, вели Јованоска.

    Дијана Јованоска е доктор по економски науки, работи како деловен консултант, личен и трансформационен тренер, автор и претприемач. Долги години таа имала раководни позиции во повеќе државни установи од областа на градежништвото и здравството. Таа живее во Македонија со сопругот и двајцата синови.

    „Никогаш не смееш да речеш да ако мислиш не, зашто во спротивно веднаш го губиш својот интегритет и дозволуваш манипулаторот да раковиди со тебе. Јас ги учам луѓето како да се разбираат во луѓето и како лесно да ги препознаат манипулаторите“, вели Јованоска во книгата што се продава само на Амазон

    Книгата „Победничка вештина “ има седум делови во кои аворот пренесува дел лични искуства, има делови од онлајн курсот, а има и совети како да успешно да се справиме со манипулаторите.

    „Да не ја откривам целата содржина на книгата, туку само сакам да ја пренесам нејзината најважна порака, а таа e дека секогаш треба да си ги знаеме сопствените вредности и да си поставиме една црвена линија дека никогаш нема да одиме под тие вредности. Тоа се основните и наважни услови и кога со нив ќе се поставиш пред манипулаторот, тој сигурно нема да може ги издржи тие твои услови и ќе се повлече. Никогаш не смееш да речеш да ако мислиш не, зашто во спротивно веднаш го губиш својот интегритет и дозволуваш манипулаторот да раковиди со тебе. Јас ги учам луѓето како да се разбираат во луѓето и како лесно да ги препознаат манипулаторите“, открива Јованоска еден мал дел од својата книга.

    Книгата ја напишала реалтивно брзо, за три месеци со помали прекини, а бидејќи е пишувана на англиски јазик како најдобра платформа за нејзина презентација ја понудила на глобалниот издавач Амазон.

    „Книгата беше поставена на Амазон на 23 мај и веднаш стана бестселер. Според податоците што ги добив од Амазон, дента кога се појави книгата според купени примероци беше втора во Австралија, трета во Канада петта во САД, седма во Германија, а барана беше и во други земји, во конкуренција на стотици книги во категориите самопомош, емоции, среќа и ментално здравје. Тоа навистина беше големо изненадување и за мене. Просто не им верував на резултатите иако знев дека луѓето од овие земји ги сакаат и пред сѐ ги почитуваат ваквите книги од кои можат многу да научат и наученото практично да го применат. Пишувањето одеше доста лесно бидејќи проблематиката ми беше добро позната, но имав многу проблеми со мојата лекторка Андреа Меккејн од Америка која вршеше коректура на текстот. Кутрата таа, постојано ми се јавуваше и бараше да ѝ дообјасним што значат некои поими што ги споменувам во книгата. Најмногу се намачив да и го објаснам поимот  дивоградба, кој за неа беше целосно неразбирлив. Се обидував со наједноставни зборови да и кажам што значи дивоградба, но таа  не можеше да сфати дека такво нешто може да постои, некој да гради објект без да има дозвола. ‘Не може тоа да биде, такво нешто не може да постои’, ми велеше, ‘не верувам декоа може некој да помисли да гради без дозвола’, ми велеше. Ете тоа ми беше најголемиот проблем, како да ѝ ги објасним состојбите кои кај нас, за жал, се вообичаени“, вели Јованоска.

    Засега не размислува книгата да ја напише на македонски јазик, но можеби понатаму и тоа може да се случи.

    „Се плашам дека ова што го пишувам ќе наиде на потсмев во Македонија, бидејќи менталниот склоп на луѓето овде и надвор од земјава мислам дека е сосем различен. Се прашувам дали овде, во Македонија, оваа книга, овие совети би можеле да пројдат кај нашата читателска публика и да има добар прием. Но можеби во иднина и тоа ќе ми биде некој предизвик“, вели Јованоска.

    Сега таа е преокупирана со еден нов проект,  поканета е да учествува во пишување на една групна книга заедно со уште 26 автори, најмногу од САД и од Англија. Во книгата ќе го пренесе своето позитивно искуство како ѝ помогнала на една клиентка која го посетувала нејзиниот курс и успеала да опстои на своето раководно место и покрај тоа што нејзиниот претпоставен бил голем манипулатор, и како таа успеала да излезе како победник и да стане многу поуспешна од пред тоа.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира