КОГА НАШИТЕ ПЕТ ДЕЦА ИГРААТ ШАХ, ЈАС ИМ СВИРАМ НА ВИОЛИНА, ВЕЛИ ЛЕЈЛА БРНС, ВИОЛИНИСТКА ВО МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА

    КОГА НАШИТЕ ПЕТ ДЕЦА ИГРААТ ШАХ, ЈАС ИМ СВИРАМ НА ВИОЛИНА, ВЕЛИ ЛЕЈЛА БРНС, ВИОЛИНИСТКА ВО МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈАЛејла и Мајкл Брнс и нивните четири деца на шаховскиот турнир во Штип. (Фото: СДК.МК)

    Виолинистката од Македонската филхармонија Лејла Брнс, заедно со нејзиниот сопруг Мајкл кој е од Ирска, и четирите од петте деца, Елисавета, Кејла, Мајкл и најмладиот Бенџимин, минатата недела учествуваа на Меѓународниот брзопотезен шаховски турнир што се одржа во Штип. Атракција беше најмладиот од семејството Брнс, кој со седум години ден беше и најмладиот од 122 учесници на турнирот.

    Лејла ни кажа дека таа и сопругот не се по шахот, но љубовта кон овој спорт на сестрите и браќата им ја внела најстарата ќерка Маргарет, која има 19 години и во Холандија студира виолина.

    „Еднаш дома во Скопје им покажа на помалите браќа и сестри на видеоигра како се движат шаховските фигури. Како магнет оваа игра им го привлече вниманието на сите, на најголемиот Мајкл кој има 14 години, па на Елисавета која има 12 години, па на Кејла десет години и на најмалиот Бенџамин кој тогаш имаше шест години. На сите, па и на нас, шахот ни стана втора, а можеби сега и прва љубов затоа што дома нон-стоп играат шах меѓу себе и сите аплицираат за учество на домашни и меѓународни шаховски турнири“, вели Лејла Брнс, која истовремено со шахот на децата вежба и за нејзините настапи во Македонската филхармонија каде работи повеќе од 16 години.

    Таа вели дека најзаграен за шахот е Бенџамин. Досега учествувал на неколку класични турнири, последниот  беше во Солун, но сега првпат учествуваше на турнир во брзопотезен шах.

    „Иако најмлад на турнирот, свесен беше дека учествуваат многу силни шахисти, па затоа со голема почит му пружи рака на својот прв противник кој од него е повозрасен 50 години, свесен дека за него турнирот е едно големо искуство. Задоволен е што веќе ги има првите 100 рејтинг поени по правилата на ФИДЕ“, вели Лејла.

    Таа кажа и зошто се пријавиле на шаховскиот турнир во Штип.

    „Мој дедо е писателот Шукри Рамо кој потекнува од Штип. Дури по војната се преселиле во Скопје, но за Штип и за македонското образование оставил голем број литературни дела чии раскази и песни се дел од сите македонски буквари. Затоа, кога слободно свирам дома, музиката ја посветувам на моите деца, но и на нивните предци“, рече Лејла.

    Таа вели дека децата имаат и свои шаховски идоли. Споменуваат повеќе светски шаховски велемајстори, но посебно се задржуваат на најновите, како младиот светски шампион, Норвежанецот Магнус Карлсен, кој е актуелен светски шампион и во брз шах.

    „Иако сме во Скопје, децата имаат онлајн настава со училиште во Ирска од каде е нивниот татко. Досега не сме биле во Ирска, не сме стигнале од многу обврски. Се запознавме пред 20 години во ресторан во Скопје каде имаше музика со звуци на виолина. Мајкл беше упорен, но кога видов дека е прекрасна личност, се засакавме и брзо се венчавме“, вели Лејла.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира