КОПАНИЧАРИТЕ СО ОРИГИНАЛИ СЕ БОРАТ ПРОТИВ РЕЗБИТЕ ОД КОПИРКА

    КОПАНИЧАРИТЕ СО ОРИГИНАЛИ СЕ БОРАТ ПРОТИВ РЕЗБИТЕ ОД КОПИРКАКопаничарите велат дека во последно време оваа уметност почна да се комерцијализира, па во тренд е набавката на копир фрези кои машински ги штанцаат резбите; рачна резба од 64. Изложба на копаници во Битола (Фото: СДК.МК)

    Во услови кога почнаа машински да се корпираат резби, 64. Изложба на копаници во организација на Здружението на копаничари на Македонија што се одржа во Битола ја покажа убавината на оригиналните рачно изработени резбарски творби. Беа изложени икони и делови од резби со многу слоеви, ситни детали, флора, фауна и верски мотиви изработени од 26 македонски копаничари.

    Дел од копаничарите се пожалија дека шунд, кичерај, машински копии, резби со туѓи симболи се закануваат да го уништат изворното македоското копаничарство. Велат дека во последно време оваа уметност почна да се комерцијализира, па во тренд е набавката на копир фрези кои машински ги созадаваат резбите без и малку уметност.

    Проблемот е што навлегуваат такви копирки, па некои инвеститори, градители ги купуваат од Грција и со нив се прави црковен ентериер, велат копаниларите; – од 64. Изложба во Битола (Фото: СДК.МК)

    „Проблемот лежи во тоа што се јавува машинска резба на ЦНЦ копир фреза. Тоа подразбира компјутерска програма и едно парче резба излегува за две минути, а ние него треба да го работиме два месеца. Тоа е како икона да ставите на копир. Тоа нема никаква уметничка вредност, чиста индустрија, не е ни занает. Проблемот е што навлегуваат такви копирки, па некои инвеститори, градители ги купуваат од Грција и со нив се прави црковен ентериер“, вели Јане Крстевски, магистер по резба.

    Како примери се посочуваат иконостасот во црквата „Света Троица“ во Радовиш, позлатен во руски стил. Во црквата „Св. Богородица“ во Скопје царските двери и северните и јужни порти се изработени на копирка. Исто така во „Св. Успение на Пресвета Богородица“ во Македонска Каменица иконостасот е изработен на компјутер. Во црквата во село Зубовце, Гостиварско иконостасот е изработен во метал, во црква во Штипско ентериерот е увезен од Грција. Во црквата „Св. Петка“ во Битола иконостасот е направен рачно, но во непрепознатлив стил.

    Копир-изработки се многу поевтини од оригиналите. Здружението на копаничари преку квалитетна работа се обидува да се спротивстави на копиите (Фото: СДК.МК)

    Ваквите изработки се многу поевтини од оригиналите. Здружението на копаничари преку квалитетна работа се обидува да се спротивстави на копиите. Тоа денес брои 89 члeнови.

    „Имаме и поактивни членови, уметници, кои заработуваат за живот од тоа. Но, главно на повеќето покрај работата, ова ни е хоби. Слободното време го пополнуваме. Инаку љубовта кон копаничарството е голема, кога ќе навлезиш во израбтката на детали, те врзува, па се случува да работиш и по 10 до 12 часа дневно. Секогаш денот ти е краток ако си копаничар во правa смислa“, рече претседателот на Здружението Весeлин Поповски.

    Здружението на копаничари денес брои 89 члeнови (Фото: СДК.МК)

    Артефактите од резба од Македонија се вбројуваат меѓу најбројните и најрепрезентативните копаничарски творби на Балканот.

    „Нив ги следиме позачестено од 16 и 17 век, со посебна експлoзија на резбарски дела од средината до крајот на 19 век. Поширокиот регион на Битола како средиште на Пелагониската митрополија ја претставува територијата со најгуста поставеност со резбарски дела од 17 до 19 век. Од 19 век овде е грандиозниот иконостас од црквата ‘Св. Димитрија’ во Битола , како најголем по површина од сите олтарски прегради изведени од тоа време до денес“, вели Ристо Палигора, историчар на уметност.

    За жал, до денес не е сочувано врвната резба работена од тајфата на Петре Филиповиќ – Гарката што изгоре во пожар за време на Илинденското востание во Крушево.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира