КУМАНОВКА ГРАВИРА УМЕТНИЧКИ ДЕЛА НА ЛУШПА ОД ЈАЈЦА

    КУМАНОВКА ГРАВИРА УМЕТНИЧКИ ДЕЛА НА ЛУШПА ОД ЈАЈЦАЗа да се изработи едно јајце, Кубица Спасиќ прави по неколку илјади дупчиња на лушпата (Фото: СДК.МК)

    Кубица Спасиќ (62) од Куманово е една од ретките во државата и единствена во својот град која изработува вистински уметнички дела на лушпа од јајце. Нејзините резби никого не оставаат рамнодушен и украс се во многу кумановски куќи за велигденските празници. Оваа исклучително талентирана и креативна жена со ова хоби се занимава шест години, а започнала случајно откако на една хрватска телевизиска репортажа ја видела убавината на оваа несекојдневна уметнoст.

    „Отсекогаш сакав да украсувам велигденски јајца. Ги цртав, бојадисував, лакирав, но со време се заситив. Барав начин да ја надградам мојата креативност и тогаш ја видов репортажата. Жената многу убаво го објасни целиот процес и тоа кај мене предизвика љубопитност и желба да се испробам. На почетокот ја обработував лушпата со игли и бургии, но тоа не го даваше посакуваниот резултат. Почнав да пребарувам на интернет и пронајдов многу информации и соодветен алат за таа намена. Еден наш пријател ми донесе специјална машинка од Москва и сама постепено почнав да ги совладувам вештините на резбарењето. Како одминуваше времето, јас бев посигурна, се усовршував и преминував на посложени обработки“, кажува Кубица, која работи како негувателка во градинка во Куманово.

    Кубица најчесто резба лушпа на јајце од гуска, затоа што е најдобро за обработка (Фото: СДК.МК)

    За да се изработи едно јајце, потребно е да се направат и по неколку илјади дупчиња на лушпата, со посебна техника и постапка која трае со часови. Со големо трпение и хируршка прецизност се создаваат украси во различни форми и големини, како геометриски тела, цветови и елементи од фолклорот.

    „Јајцето прво мора да се исцрта со молив, па да се издупчи и изрезбари, потоа да се исчисти однатре и однадвор и да се избургија. Кога е готов физичкиот дел, започнува украсувањето. Работам разни техники со салфетки и бои, а некои остануваат и само како бел вез. Ги поминувам со лак во спреј за да добијат сјај и на крај им ставам машнички, бисери или други украси. Целиот процес оди многу бавно затоа што материјата е кршлива. За изработка на едно јајце ми требаат најмалку шест часови ефективна работа“.

    Таа најчесто резба лушпа на јајце од гуска, затоа што е најдобро за обработка, помалку на кокошка, бидејќи е покрто и почесто пука, а од шатка и ној потешко се наоѓаат.

    Таа досега изработила над 600 резбани јајца (Фото: СДК.МК)

    „Гуска носи јајца само во април и мај и тогаш ги купувам за да ги имам во текот на годината. Со медицински шприц ја празнам содржината и ги оставам да се исушат. Додека се свежи имаат многу цврста опна која не дозволува добро да се обработи лушпата. Ги изработувам најчесто во зима кога повеќе сум дома“.

    Таа досега изработила над 600 резбани јајца, кои завршиле кај роднини и пријатели, дел и во странство, а стотина ѝ се во личната колекција која грижливо ја чува во својот стан. Тоа се изработки за кои посебно е врзана и ги направила во некој значаен период од животот. Особено е горда на гоблените четири годишни времиња пренесени на лушпа од јајце на пауница.

    „За изработка на едно јајце ми требаат најмалку шест часови ефективна работа“, вели Спасиќ (Фото: СДК.МК)

    Кубица досега не учествувала на изложба, иако има желба да се претстави пред пошироката јавност. Идејата била тоа да се случи оваа година за велигденските празници, но моменталната здравствена криза ги одложи плановите за некои подобри времиња.

    „По природа сум смирена и упорна, предизвик ми се нови работи. Сакам да експериментирам и да се докажувам. Додека можам, ќе работам. Јас не сум уметник, само уметничка душа која многу ги сака рачните изработки, шиење, плетење, везење и резбарење. Тука наоѓам мир и задоволство по секојдневните работни обврски и стресови што неминовно ги носи животот“, додава Кубица.

    Талентот и љубовта кон уметноста Кубица ги носи од дете, но вели дека направила погрешен избор во образованието и животот ја однел во друга професија. Сега понекогаш слика и црта аматерски, за своја душа. Се надева дека нејзините талент и хоби ќе ги наследи осумгодишната внука Стефани, која со задоволство следи и се распрашува што работи баба.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира