Минатата година, францускиот фотограф Франсоа Прост помина часови прелистувајќи ги мапите на Гугл за да испланира патување со документирање на „љубовните хотели“ во Јапонија – установи кои се наоѓаат низ целата земја што нудат сместување на час.
Некои хотели имале форма на срце или усни, но повеќето се со разиграна архитектура која е далеку од дискретна.
„Можете да видите вселенски бродови, чамци, а исто така и голем кит, што некако е многу детско“, рече Прост .„И многу, многу од нив се замоци“, додаде тој за фасадите на околу 200 љубовни хотели сликани во неговата нова серија фотографии.
Додека гостите можат да изнајмуваат соби преку ноќ, љубовните хотели во Јапонија нудат и цени за краток престој . Тие процветаа откако земјата ја забрани проституцијата во 1958 , потег што ги затвори борделите. Сепак, денес, наместо да се поврзуваат со секс или неверство, тие првенствено се грижат за парови кои живеат во мали или заеднички семејни домови.
„Се разбира, има малку проституција, но главно луѓето, особено младите парови одат таму за да имаат приватност“, рече Прост. Карактеристичната архитектура што Прост ја документирал, се појавила во 1960-тите и 1970-тите.
Еден од најпознатите љубовни хотели од 1970-тите, „Мегуро Емперор“ е дизајниран да личи на европски замок. На друго место, тој наиде на згради по примерот на француските селски куќи, клубови од тропски плажи и голема арапска палата со куполи од кромид.
И покрај нивниот донекаде раскошен изглед, дизајнот на хотелите ја одразува нивната функција. Заради приватност, надворешноста често има неколку, па дури и лажни прозорци. Многу од хотелите користат самопослужување со што се намалуваат шансите за несакани средби.
„Сè е планирано за да бидете сигурни дека нема да сретнете некого кога ќе влезете во зградата“, рече Прост. „Значи, влезот е на друга страна од излезот, и може да има еден лифт кој оди нагоре до собите и друг за враќање надолу. Сето ова е дел од процесот на дизајнирање“, рече Прост.
Тешко е прецизно да се каже колку љубовни хотели сè уште работат во Јапонија, иако се смета дека има повеќе од 20.000. Бројките на угостителската индустрија од доцните 1990-ти велат дека секоја година ги посетувале околу 500 милиони. Ако е вистина, тоа би значело дека околу половина од сексот во Јапонија се случувал во љубовните хотели во тие години, напиша правниот научник Марк Д. Вест во својата книга од 2005 година.