„МАМА МИА“ ГО РАЗИГРА МНТ, ПРЕТСТАВИТЕ ЗА ДЕКЕМВРИ РАСПРОДАДЕНИ

    „МАМА МИА“ ГО РАЗИГРА МНТ, ПРЕТСТАВИТЕ ЗА ДЕКЕМВРИ РАСПРОДАДЕНИПовеќе од 70 актери, балетски танчари, музичари и пејачи, речиси 3 часа, неуморно, со одлична кондиција и енергија, ги пееја и играа хитовите на антологиската шведска група „АББА“ (Фото: М.Златевска)

    Нема билети за декемвриските изведби на мјузиклот „Мама миа“ во Македонскиот народен театар (МНТ), чија премиера помина синоќа во полн салон со стоечки овации и танцување. Распродадени се изведбите на 26, 28 и 29 декември, а од МНТ велат дека во продажба се претставите за следните датуми: 12, 13 и 23 јануари.

    Мјузиклот „Мама миа“ , како лиценциран проект заедно со словенечката фирма „Проспот“, во МНТ го поставија режисерката Наташа Поплавска и кореографката Олга Панго, додека текстот на драматургот Кетрин Џонсон, по приказната на Џуди Крејмер, како и песните, ги преведе и препеа актерката Тина Трпкоска.

    Повеќе од 70 актери, балетски танчари, музичари и пејачи, речиси 3 часа, неуморно, со одлична кондиција и енергија, ги пееја и играа хитовите на антологиската шведска група АББА“.

    Публиката аплаудираше по секоја песна, скандираше, едноставно, исто како и екипата на сцена, уживаше и се забавуваше.

    Расположението се крена кога на една од последните сцени, за време на венчавката, свештеникот ја повика публиката да стане, како што е традиција при венчавање. Следеше грчкото оро „сиртаки“, па „Мама миа“, „Денсиг квин“ и „Ватерло“, и сето тоа со конфети, светки, диско топка беше одличен крај за веселата ноќ во празничната новогодишна атмосфера.

    Нина Деан, Никола Наковски, Биљана Драгичевиќ- Пројковска, Тања Кочовска, Арна Шијак, Владимир Јачев, Трајче Ѓоргиев, Кире Ѓоревски, Александра Павлова, Билјана Јовановска, се дел од големиот каст кои повеќе од два месеци, по интензивни проби, синоќа добија искрени аплаузи и најпозитвни пофалби.

    Мјузиклот „Мама миа“ во МНТ го поставија режисерката Наташа Поплавска, кореографката Олга Панго и асистенската Ирена Лозинска (Фото: М.Златевска)

    Впечатокот е комплетен и со придружните вокали на сцена, со Оркестарот на Македонската опера и балет (МОБ) под диригентство на Бисера Чадловска, со сцената и костимите на Александар Дениќ и на Роза Трајческа- Ристовска, како и со дизајнерите на звук и на светло.

    Б.НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира