„МИС СТОН: НЕКАДЕ ПОМЕЃУ ЕЛЕН И АВТОНОМИЈА“- РЕТКА ИЗЛОЖБА НА ЗАЧУВАНА АРХИВА ОД ФИЛМОТ КОЈ СЛАВИ 60 ГОДИНИ ОД ПРЕМИЕРАТА

    „МИС СТОН: НЕКАДЕ ПОМЕЃУ ЕЛЕН И АВТОНОМИЈА“- РЕТКА ИЗЛОЖБА НА ЗАЧУВАНА АРХИВА ОД ФИЛМОТ КОЈ СЛАВИ 60 ГОДИНИ ОД ПРЕМИЕРАТАИзложбата во Битола „Мис Стон: Некаде помеѓу Елен и Автономија“ преку изложената пишувана документација ја раскажува приказната за филмот. Од развојот на идејата во тогашното општествено-историско милје дефинирано од јасни политички стратегии, преку неколкуте верзии на сценарија, формирањето на екипата и почетоците и текот на снимањето, па сè до премиерата на филмот и приемот кај публиката, реакциите во медиумите и филмската критика, неговата дистрибуција во странство (Фото: Кинотека на Македонија )

    Изложба со значајни зачувани архивски материјали и филмска проекција во чест на 60-годишнината од премиерата на македонскиот игран филм „Мис Стон“ ќе има вечерва во 19 часот во битолскиот културен центар „Магаза“. Изложбата е насловена „Мис Стон: Некаде помеѓу Елен и Автономија“, а настанот го организира Кинотеката на Македонија како дел од Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

    Сочуваните материјали денес се дел од збирката на пишувана документација на архивот на Кинотеката на Македонија

    Ќе бидат изложени фотографии, документи, преписки, сценарија, прес-клипинзи, книги на снимање, сценографски скици, пропаганден материјал и друга архивска граѓа. Сочуваните материјали денес се дел од збирката на пишувана документација на архивот на Кинотеката на Македонија.

    Од Кинотеката велат дека своевремено, „Мис Стон“ беше меѓу најскапите и најамбициозни југословенски продукции, прв македонски филм во боја, но и во тоталскоп техника (италијанската верзија на холивудскиот синемаскоп), како што тогаш ги снимаа костимираните историски епопеи во студиото Чинечита.

    „Инспириран од настан што навистина се случил во 1901 година, кога четата на Јане Сандански ја грабнува американската мисионерка Елен Стон со цел да изнуди откуп и со тие пари да го финансира востанието и борбата за независна Македонија, филмот ‘Мис Стон’ во режија на Живорад-Жика Митровиќ требаше да задоволи и оправда многу очекувања.

    Василије Поповиќ-Цицо беше награден за сценографијата во филмот

    Требаше да ја најави новосоздадената македонска кинематографија и да ја промовира вон границите на Југославија; да ја промовира и претстави македонската култура и историја; да биде забава за филмската публика, но и психолошка драма истовремено. Требаше да му биде отскочна штица на ‘Вардар филм’, за продуцентската куќа во формирање да се докаже пред останатите поискусни и подобро екипирани конкурентни имиња на југословенскиот филмски пазар. Требаше да даде официјален, научно поткрепен став кон дел од историското минато за кое дотогаш малку се истражуваше и јавно пишуваше. Пред сè, требаше да биде добар филм“, велат од Кинотеката.

    Веднаш по премиерата во ноември 1958 година, „Мис Стон“ стана еден од најгледаните филмови во тогашна Југославија, подобро прифатен од публиката отколку од филмската критика. Следната година доби три Златни арени на престижниот Пулски фестивал, Петре Прличко беше награден за улогата на Манданата, Олга Спиридоновиќ за улогата на Елен Стон, и Василије Поповиќ-Цицо беше награден за сценографијата во филмот. Следувале и други фестивали и награди, а започнала и доста амбициозно планираната дистрибуција вон границите на земјата.

    Веднаш по премиерата во ноември 1958 година, „Мис Стон“ стана еден од најгледаните филмови во тогашна Југославија, подобро прифатен од публиката отколку од филмската критика

    „Но ‘Мис Стон’ не го освои светот. Четири години по премиерата, во 1962 година, за време на големите поплави во Скопје, беа оштетени изворните филмски материјали, негативите од филмот и во тоа време не можеше да се направи квалитетна позитив-копија за прикажување и дистрибуција“, велат од Кинотеката.

    Во децениите што следувале „Мис Стон“ бил прикажуван на ТВ, и поретко во рамките на некоја манифестација, филмска програма, или јубилеен настан, но во доста компромитирачка состојба, од премногу употребувани и оштетени ролни, копии на копии на копии на копии.

    Во декември 1990 година, Кинотеката на Македонија организираше научен симпозиум за филмот, на кој присуствувале добар дел од актерската и филмската екипа, филмски критичари, историчари, режисери, драматурзи, културни дејци и љубопитна публика.

    „’ Мис Стон’ повторно беше прикажан, во скромната сала на Клубот на пратениците, а Петре Прличко, видно возбуден и со силен емотивен набој, пред самата проекција и пред публиката, го реплицираше својот монолог од познатата сцена по раѓањето на малата Елена, којашто за малку ќе добиеше име Автономија“, додаваат од Кинотеката.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира