НА БИТОЛСКИОТ МОНМАРТР СТИГНУВААТ ЦРТЕЖИ ОД БАХАМИТЕ, А НИТУ ЕДЕН ОД БИТОЛА

    НА БИТОЛСКИОТ МОНМАРТР СТИГНУВААТ ЦРТЕЖИ ОД БАХАМИТЕ, А НИТУ ЕДЕН ОД БИТОЛАНа конкурсот пристигнаа околу 11.000 цртежи од 326 училишта од 34 земји низ светот, но слаб е одзивот на училиштата од Македонија (Фото: СДК.МК)

    Ниту еден цртеж од битолските училишта не пристигна ни годинава на меѓународниот ликовен конкурс „Битола 2018“ распишан од „Малиот битолски Монмартр“.

    На конкурсот кој траеше од септември минатата година до февруари годинава, пристигнаа творби од Бахамите, но не и од основните училишта во градот каде се одржува манифестацијата.

    „Сакам да се обратам и до Министерството за образование, да обрнат поголемо внимание кон младите таленти. Слаб беше одзивот на ученици од Македонија, и ме загрижува тоа што ниту едно битолско училиште не учествуваше на конкурсот.

    Од земјава конкурираа 15 училишта, а замислете имавме 25 екипи од Хонг Конг, а од Битола нити едно.
    Не е само годинава туку и во изминатите години, тоа е некој став. Но, факт е дека за да се учествува тука, треба да се работи со децата и треба да се пушти квалитет. Од квалитетот што ни го праќаат од училиштата од целиот свет можеби половина од нив не се за награда. Ние се трудиме да го задржиме своето реноме“, рече Коста Хаџи Антоновски, организатор на „Малиот битолски Монмартр“.

    „Ме загрижува тоа што ниту едно битолско училиште не учествуваше на конкурсот.Од квалитетот што ни го праќаат од училиштата од целиот свет можеби половина од нив не се за награда. Ние се трудиме да го задржиме своето реноме“.- Коста Хаџи Антоновски, организатор на „Малиот битолски Монмартр“ (Фото: СДК.МК)

    На конкурсот пристигнаа околу 11.000 цртежи од 34 земји, поточно од 326 училишта низ светот.

    „Добивме прекрасна колекција од Бахамите, ќе ги поканиме да дојдат во Битола. Тие ни рекоа : ‘Сакаме да ја видиме Битола и да работиме со останатите деца од целиот свет’.

    Од Хонг Конг доаѓаат 26 лица. Конкуренцијата од Хонг Конг беше толку голема што имаше 20 екипи кандидати за да дојдат во Битола. Доаѓаат деца од Индија, Индонезија, Тајван и многу други земји“, рече Хаџи Антоновски.

    Избраните 781 творба од меѓународното жири ќе бидат изложени во мај во Битола (Фото: СДК.МК)

     

    Избраните 781 творба од меѓународното жири ќе бидат изложени ден пред отворањето на Детската ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ на 23 мај годинава во Битола.

    Добитник на Гран- при наградата е школото „Зух Плзен“ од Чешка, специјална награда доби школо од Трабзон, Турција, а ќе бидат доделени и 17 Златни четки, 114 Златни плакети и 232 дипломи за учество. Дваесет и три екипи како награда добија учество на годинешниот „Монмартр“.

    Годинава од Националната програма на Министерството за култура за првпат по 15 години финансиски ќе биде поддржана Светската изложба, понатаму ликовните колонии, изложбата на 8 Септември и учеството на „Монмартр“ на меѓународни конкурси на УНЕСКО.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира