НА ГЛУМЕЦ НЕ СМЕЕШ ДА МУ КАЖЕШ ДЕКА ЛОШО ОДИГРАЛ, ВЕЛИ ЛЕГЕНДАРНИОТ СРПСКИ РЕЖИСЕР ГОРАН МАРКОВИЌ

    НА ГЛУМЕЦ НЕ СМЕЕШ ДА МУ КАЖЕШ ДЕКА ЛОШО ОДИГРАЛ, ВЕЛИ ЛЕГЕНДАРНИОТ СРПСКИ РЕЖИСЕР ГОРАН МАРКОВИЌ„Најголема глупост која еден режисер може да ја направи е јавно да каже ’Стоп, ова не е добро’. Со тоа ја уништува секоја можна врска меѓу себе и глумецот. Најдобра режија е отсуство на режија. Штом во филмот ја гледате режијата, тоа за мене е егзибиционизам“, вели Марковиќ; - на мастеркласот на филмскиот фестивал Киненова Скопје (Фото: М. Гавриловска)

    „Режисерот  никогаш не смее да му каже на глумецот како да игра. Режисерот мора од глумецот да ја добие неговата креација, не својата“, е еден од скапоцените совети кои вчера, за жал, малубројната публика во Кинотеката на Македонија,  ги доби од еден од најславните српски и ексјугословенски филмски режисери, Горан Марковиќ.

    Марковиќ (71 година), е во Скопје првпат по 25 години, како претседател на жирито на филмскиот фестивалот Киненова, чие второ издание затвора вечерва со „Сенките над Балканот“ на Драган Бјелогрлиќ, во 20 часот во Синеплекс.

    За Марковиќ велат дека е татко и мајка на српската кинематографија. Тој е син на  славните српски актери Раде и Оливера Марковиќ. Снимил над 50 документарни филмови, 11 играни филмови, а напишал и 10 сценарија, три книги,  шест театарски драми, режирал три претстави во театар.

    Филмовите на Марковиќ се наоѓаат на листата на 100-те најдобри филмови во Југословенската кинотека, а меѓу нив се: „Специјално воспитување“ „Национална класа“, „Мајстори, мајстори“, „Вариола вера“, „Веќе видено“, „Собирен центар“, „Тито и јас“, „Урнебесна трагедија“, „Кордон“, „Турнеја“, „Фалсификатор“.

    „Уште на првото предавање на студентите во прва година им велев дека факултетот не е место каде што се учи како да бидеш уметник. Тоа едноставно е мистерија. Не можеш на некој факултет да научиш да бидеш уметник. Уметноста е приватен проблем. Уметниците се луѓе кои сами со себе се создаваат. Затоа е нерелно да очекуваш од факултетот да станеш уметник“, вели Марковиќ (Фото: М. Гавриловска)

    Мастеркласот, насловен „Актерска игра во крупен план“ беше ретка можност за студентите од Факултетот за драмски уметности, како и за филмските уметници, за медиумите,  од прва рака да слушнат занаетски совети, споредби со странски режисери, како и анегдоти од снимањето на култните ексју филмови.

    Марковиќ беше 34 години професор на Српската академија за драмски уметности, по предметот Работа со актери, а подоцна истиот предмет го преименувал во Глума пред камера.

    „Уште на првото предавање на студентите во прва година им велев дека факултетот не е место каде што се учи како да бидеш уметник. Тоа едноставно е мистерија. Не можеш на некој факултет да научиш да бидеш уметник. Уметноста е приватен проблем. Уметниците се луѓе кои сами со себе се создаваат. Затоа е нерелно да очекуваш од факултетот да станеш уметник“, рече тој.

    Она што за глумецот во театар, претставува гледалиштето, тоа за филмскиот актер е камерата и режисерот. Затоа, вели тој, најдобра соработка меѓу глумецот и режисерот има кога, глумецот му верува на режисерот дека има вкус, кога има доверба.

    „Таа насушна потреба за публика е многу важна, тоа е релација на симпатија. За време на снимањето на ’Мајстори, мајстори’, имаше една сцена со Мира Бањац, која глуми келнерка и ја снимавме во едно училиште. Таа нешто се забавуваше, танцуваше, а од страна стоеја вработените готвачки од училиштето. Не сакав да помислат дека се исмеваме со нив, и ги замолив да заминат. Кога си отидоа, Мира веќе не можеше да глуми. Така сфатив дека тие  беа нејзе публика, она за нив танцуваше“, рече Марковиќ.

    Кога и да наидат на некој проблем, советува Марковиќ, глумецот и режисерот треба да се држат до текстот. Тоа им е заедничка нишка. Тие не мора да бидат приватно пријатели, но на тој проект мора да создадат некоја интима, некоја врска, да се обидат да направат нешто што за другите, ако е можно, да остане тајна.

    „Најголема глупост која еден режисер може да ја направи е јавно да каже ’Стоп, ова не е добро’. Со тоа ја уништува секоја можна врска меѓу себе и глумецот. Најдобра режија е отсуство на режија. Штом во филмот ја гледате режијата, тоа за мене е егзибиционизам“, кажа авторот.

    Марковиќ, објаснувајќи ја работата со крупен план во кадар, рече дека тоа е скок во интима која и не постои. Тоа е момент, вели тој, кога вршите насилство во најдобра смисла, му скокате на човек в лице.

    „Тоа е ситуација која треба да биде внимателно одбрана. Тука веќе не го слушате актерот  што говори, многу му е блиску лицето и инстиктот ве води да гледате што чувствува додека говори. Треба да видите што има зад тие зборови, каков човек е. Сметам дека крупниот план е кристален момент на кинематографската сцена, тоа не постои во друга уметност“, вели тој.

    Околу изразувањето, или пак криењето на чувства на филм, Марковиќ смета дека смеата е некој облик на лелек. Само силни нешта, кои го потиснуваат човекот,  можат да бидат смешни. Не може, вели, да е смешно нешто што не ве допира.

    За начинот на работа со актерите, режисерот рече дека е целосно флексибилен, дозволува импровизација, затоа што многу му е поважно да им го развие чувството дека се креатори, а не изведувачи.

    Исто така, вели, има различни глумци, некои не сакаат ниту една проба пред снимање, а некои пробуваат постојано.

    „Таков проблем имав кога го снимавме ’Веќе видено’ со Аница Добра и Мустафа Надаревиќ. Тој не сакаше да пробува, а пак таа вежбаше по 12-13 пати. Морав јас да го заменувам, па така кога снимавме сцена, нему му беше прв пат, а неа стоти“, се смее режисерот.

    Актерите за своите филмови ги бира од театарските сцени, за што вели: „Ако само гледате филм, или не дај боже телевизија,  имате суд за глумците како што има секоја домаќинка. Но ако одите во театар ќе може да видите како се развиваат. Таму најдобро се гледа кој што може“.

    Марковиќ со публиката ја сподели и приказната за кастингот за филмот „Тито и јас“. Неговите асистенти оделе по школи, во потрага по момче од 9 до 11 години, стигнале до 50, па од нив до избор од 20 деца.

    Кога и да наидат на некој проблем, советува Марковиќ, глумецот и режисерот треба да се држат до текстот. Тоа им е заедничка нишка. Тие не мора да бидат приватно пријатели, но на тој проект мора да создадат некоја интима, некоја врска, да се обидат да направат нешто што за другите, ако е можно, да остане тајна (Фото: М. Гавриловска)

    „Со тие 20 , пробувавме по некои реплики, но не од филмот. Не смеете да им дадете да пробаат нешто што можеби ќе го играат, затоа што тоа ќе го научат на еден начин и потоа нема шанси да го сменат. Стигнавме до 10 момчиња, имавме сериозни проби, и кога дојдовме до две, бев многу неодлучен. Ми пријде Димитрије (н.з Војнов) и вели ’Чичко Горане, јас морам да играм’. Тоа ме пресече и почнавме да снимаме. Тој толку го прифати ликот, што јас немав никаква работа со него. Лазар Ристовски беше многу љубоморен на него (ха ха). За време на монтажата, Димитрије побара да го види снименото. Седна, се виде себе си и веќе никогаш не можеше ништо да направи. Тоа е проблемот со натуршчиците, после филмовите се упропастени. Бидејќи го земате, го вадите човекот од неговата природна средина. Ретко кој од нив станува професионален актер“, вели Марковиќ.

    На прашањето дали порано беше полесно или потешко да се сними филм, Марковиќ ја споредуваше работата на сет и снимање со филмската лента и денешната дигитална технологија, истакнувајќи оти секако денес е се полесно и побрзо.

    „Исто така, денес се подемократски односите, денес сѐ може да се сними и да се прикаже без да побарате милиони, не морате да сте член на комунистичката партија за да добиете филм (иако јас никогаш не бев), не морате да се умилкувате. Идеите пак, беа проблем, и тогаш и сега. Квалитетот на продукцијата е исто така голем проблем, суштински е сепак тешко да направи добар продукциски квалитетен филм“, заклучи Марковиќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира