Тетовци денеска за првпат имаа можност да присуствуваат на ревија на стари автомобили. На Градскиот плоштад беа изложени 50-ина автомобили од најразлични марки, произведени пред најмалку 40 години. Сопствениците на овие олдтајмери беа од Македонија и Косово и имаше модели на „фиќо“, „лада“, „голф“, „мерцедес“, имаше и еден „олдсмобил“ и еден „кадилак линколн“, донесени од САД.
Погледите најмногу се задржуваа на еден вистински олдтајмер, син „фиат балила“ од 1932 година. Неговиот сопственик Стефан Ѓорчев раскажува како ова возило се нашло во Македонија.
„Ова е ‘фиат 508 балила‘, произведен во 1932. Возилото дошло во Македонија во 1956. Првиот сопственик ми се чини бил од Риека и тој тргнал на патешествие низ Југославија со тогаш веќе стар автомобил, меѓутоа во Македонија доживеал некаков дефект кој не можел да го отстрани, па се решил да го продаде возилото и да се врати дома со друг вид превоз. Тогаш автомобилот го купил Раде Мадиќ од Скопје, тогаш доста познат мотоциклист, после него го купил некој Сотир од Маџир Маало, по што завршило кај Стеван Милошевски, познат како Стево Атракција. После 50 години ова возило од него го откупив јас“, вели Стефан Ѓорчев, колекционер на стари автомобили од Свети Николе.
Автомобилот долги години не бил во возна состојба, иако имало обиди да се реставрира. Кога станал сопственост на Ѓорчев, започнала макотрпната работа за негово враќање во возна состојба.
„Кога го купив во 2021, не беше во возна состојба. Околу 2000 година бил реставриран, но како музејски експонат и не можел да се вози. Последен пат бил возен во 1980, тогаш му била и последната регистрација. Оваа година, некаде во март, возилото го вратив во возна состојба со помош на чичко Ацо од Куманово. За да го оспособам за возење, користев и стари и нови делови, сè што можев да најдам и што можеше да се вклопи. Ова во суштина се едноставни модели на возила, па деловите можат да се комбинираат, па дури и да се направат. Бојата на некои места е излупена, но не сакам да ја обновам. Иако сум добил многу понуди за ова возило, а и за другите стари возила што ги имам, ниедно се сакам да продадам. Сега ова е најстарото возило во Македонија кое е во возна состојба и е регистрирано. Досега имам поминато со него околу 5.000 километри“, раскажува Ѓорчев.
Организатор на ревијата на стари автомобили беше „Ретро клуб Тетово“.
З. АНДОНОВ