Фотографиите од конкурсот за најдобро прајд дело не се изложени за да навредат некого, нити пак да задоволат некого. Тие се изложени за да ја покажат реалноста, реалноста на сексуалните и родови маргинализирани групи, рече вчера во Националната галерија – Мала станица Ерик де Кројф, куратор на изложбата со победничките фотографии од меѓународниот фотографски конкурс „Награда за прајд фотографија“ (Pride Photo Award) за 2016.
На конкурсот во 2016 пристигнале 3.600 пријави од 398 фотографи од 70 различни националности, а поставката во Мала станица, која претходно беше во Тирана и во Приштина, е селекција од победничките фотографии.
„Оваа изложба е разнобојно патување низ светот, празник за можност за себепризнавање на некои од вас, на некои од вас ќе им биде непријатно, некои ќе бидат ни ваму ни таму. Но не е важно, најважно е овие слики да ве допрат, да предизвикаат емоција и став. Премногу е лесно да го свртите погледот, премногу е лесно да бидете мрзливи. Но добра работа е што не мора да се плашите, бидејќи може само да научите и да бидете инспирирани, да откриете нови светови, во кои може да ви е удобно“, додаде Де Кројф.
Холандскиот амбасадор Воутер Пломп кажа дека преку овие фотографии гледаме што им недостасува на луѓето, и како може да им помогнеме, без оглед на припадноста.
„Изложени се слики од фотографи од цел свет, кои ја покажуваат суштината на најважното нешто, човечката потреба. Ќе видите радост, тага, осменост, симпатии и сила. Во еден збор сѐ она што нè прави луѓе“, рече амбасадорот.
Министерот за култура Роберт Алаѓозовски рече дека македонската Влада и Министерството за култура во изминатите неколку месеци, преку присуство и поддршка на вакви настани, „јасно и недвосмислено ја потврдува својата цврста определба да гради демократско и отворено општество еднакво за сите граѓани, кое ќе почива на темелите на почитувањето на човековите права, правдата и солидарноста“.
„Тоа е пристап и пат по кој цврсто ќе чекориме и од кој немаме намера да се откажеме“, рече Алаѓозовски.
Б. НЕСТОРОСКА