НОВ БИОЛОШКИ ЛЕК ЗА БОЛНИТЕ ОД МУЛТИПЛЕКС СКЛЕРОЗА НА КЛИНИКАТА ЗА НЕВРОЛОГИЈА

    НОВ БИОЛОШКИ ЛЕК ЗА БОЛНИТЕ ОД МУЛТИПЛЕКС СКЛЕРОЗА НА КЛИНИКАТА ЗА НЕВРОЛОГИЈА„Во Македонија лекот е одобрен во април годинава од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), а веќе е почната постапката за набавка на лекот за тринаесет пациенти со МС“, кажа Александра Ивановска, директор на Рош Македонија

    Тринаесет пациенти кои се лекуваат на Клиниката за неврологија од мултиплекс склероза (МС) наскоро ќе добијат третман со нов биолошки лек „Окревус“ (окрелизумаб) од фармацевтската компанија Рош.
    Александра Ивановска, директор на Рош Македонија, кажа дека компанијата веќе дала донација да се опреми соба на Клиниката за неврологија, каде интравенската терапија ќе се дава по најсовремени стандарди.

    „Во Македонија лекот е одобрен во април годинава од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), а веќе е почната постапката за набавка на лекот за тринаесет пациенти со МС. Посветени сме партнерски да соработуваме со Клиниката за неврологија, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување  во обезбедување на фармакоекономски модел и ценовна флексибилност, за да се овозможи достапност на лекот за сите лица со МС“, рече Ивановска.

    Новиот лек се користи за лекување активни форми на релапсна мултиплекс склероза и прв и единствен лек одобрен во светот за третман на лица во рана фаза на примарно прогресивна МС. Тој овозможува значително намалување на активност на болеста и прогресија на инвалидноста. Предноста на оваа терапија, според компанијата Рош, е и тоа што пациентите ја примаат еднаш на шест месеци, а не како досегашните терапии секој ден или еднаш неделно.

    Во светот од мултиплекс склероза боледуваат 2,5 милиони лица, а во Македонија над 1.200.

    „За жал, од оваа болест најчесто заболува младата популација, на возраст од 20-40 годишна возраст. Mултиплекс склерозата е хронична и инвалидизирачка болест, со трајни последици по здравјето, мобилноста и инклузијата на пациентите во секојдневните активности и работоспособноста. Но, тие се и голем товар за нивните семејства и општеството во целина. Со помош на иновативните лекови можеме да ја контролираме прогресијата на болеста. На Клиниката за неврологија, во моментот се лекуваат 409 пациенти, од кои 372 се на третман со терапија од прва линија или интерферони, a 37 на терапија од втора линија”, рече д-р Иван Барбов, невролог и директор на Клиниката за неврологија.

    Европската Агенција за лекови „Окревус“ го одобри во јануари годинава. Досега тој е одобрен во 60 земји во светот и со него се лекувани над 40.000 пациенти

    Д-р Игор Кузмановски, од Клиниката за неврологија, кажа дека лекот ефикасно го намалува бројот на влошувања на состојбата кај околу 80 отсто од пациентите и значително ја успорува прогресијата на болеста во споредба со високи дози на лекот интерферон бета-1а.

    „Според клиничките студии ова е прв и единствен лек одобрен за третман на лицата со примарно прогресивна МС, кој значително ја успорува прогресијата на инвалидноста и ги намалува лезиите на болеста во мозокот во споредба со плацебо во период од 3 години“, рече Кузмановски.

    Проф. д-р Томас Бергер, директор на Клиниката за невроимунологија и МС и заменик-претседавач на клиничкиот оддел за неврологија при Медицинскиот Факултет во Инсбрук, Австрија кажа дека Европската Агенција за лекови го одобри лекот во јануари 2018 година.

    Лекот пред македонската стручна јавност беше презентиран минатата недела, а тој е одобрен во 60 земји во светот и со него се лекувани над 40.000 пациенти.

    Мултипла склероза (МС) е хронична болест која засега околу 2,5 милиони луѓе во светот за која во моментот нема лек. МС настанува кога имуниот систем абнормално ја напаѓа обвивката и поддршката околу нервните клетки (миелинска обвивка) во мозокот, рбетниот мозок и оптичките нерви, предивикувајќи воспаление и последователно оштетување. Ова оштетување може да предизвика низа симптоми, вклучувајќи мускулна слабост, замор и потешкотии во видот, и може со тек на време да води до инвалидитет. Кај повеќето лица со МС првите симптоми се јавуваат помеѓу 20 и 40 годишна возраст, правејќи ја болеста водечка причина за нетрауматски инвалидитет кај млади возрасни лица.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира