НОВАК ЃОКОВИЌ НОСИ ОХРИДСКИ БИСЕР

    НОВАК ЃОКОВИЌ НОСИ ОХРИДСКИ БИСЕРСрпскиот тенисер го добил бисерот преку негов познаник, кој престојувал во Охрид. - Дел од постерот на Ѓоковиќ со охридскиот бисер (Фото: СДК.МК)

    Прославениот тениски ас Новак Ѓоковиќ од неодамна носи охридски бисер, изработен од охридското семејство Филеви. Тој доби манжетни за кошула и православна бројаница, направени од оригинален охридски бисер.

    Постерот на Новак Ѓоковиќ со охридскиот бисер (Фото: СДК.МК)

    Српскиот тенисер го добил бисерот преку негов познаник, кој престојувал во Охрид.

    „Оригиналниот охридски бисер му го дадовме како знак на пријателство помеѓу нашите народи и во знак на почит кон големиот спортист, тенисер. Кај нас дојде еден познаник на Новак, кој ги презеде манжетните и бројаницата. Така и Ноле се вброи меѓу личностите од светскиот џет-сет кои го носат нашиот охридски бисер”, вели Михаил Филев, кој сега го води семејниот бизнис со охридскиот бисер.

    Во Охрид, оригинален охридски бисер изработуваат само семејствата Филеви и Талеви. Го прават со монизда, што ја создаваат школки во Индиски Океан, а потоа ја премачкуваат со емулзија, направена според посебна формула, што ја знаат само овие две семејства. Главна состојка на емулзијата се крлушките од охридската плашица.

    Хроничарите запишале дека тајната на изработката на оригиналниот бисер пред Втората светска војна во Охрид ја донесол некој белогардеец од областа на Бајкалското Езеро.

    Д. ЧУБРИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира