Пред 90 години била отворена како „Кантина Идадија“ во која се служеле ракија и по едно варено јајце, за низ историјата да стане култна скопска кафеана каде утрата почнуваат со чорба, ручеците продолжуваат со ќебапи, а вечерите се залеваат со вино.
„Идадија“ била отворена на 1 октомври 1928 година, а во чест на јубилејот, вечерва од 19 часот ќе се одржи свечена прослава со јавни личности, стари дебармаалци, спортисти, историчари, хроничари на Скопје, друштво кое се собира веќе 50 години и кое води записник во кое се заведува дека ако некој доцни на собиранката, ќе чести ќебапи.
Низ историјата на „Идадија“ нѐ водеше Сара Цветановска, правнука на газдата Ефто Секуловиќ-Цветановски, која го организира вечерашниот настан.
„Мојот прадедо Ефто бил на печалба во Романија, и кога се вратил во Скопје добил градежна дозвола и ја направил кафеаната. Горе има станбени, долу има деловни простории. Тогаш цело ова маало се викало Кај Идадија (Код Идадије). Идадија на турски јазик значи гимназија, а во близина на кафеаната била Учителската школа. Првиот назив бил ’Кантина Идадија’, но на почетокот не се служеле ќебапи и чорби, туку пијалок, а со секоја ракија одело бесплатно варено јајце. Во кујната имало голем сад каде постојано имало варени јајца“, ни рече Цветановска.
Во документите е заведено дека локалот се наоѓа надвор од центарот на градот, па газдата потоа кажувал дека на почетокот сите го одвратувале од идејата да отвора ресторан на периферија од градот.
Ефто е роден во 1895, а починал во 1945 година. Тој раководел со кафеаната до Втората светска војна, а за време не војната ја работеле неговите двајца синови, Апостол и Добри.
„Интересно е дека за време на војната во ’Идадија’ доаѓале различни војски, де српска, де бугарска. Во кафената имале слика со две лица, од едната страна со српскиот крал, од другата страна бугарскиот цар, затоа што не сакале да си ја бараат белјата“, вели Цветановска.
После војната, целиот објект бил национализиран, а фамилијата биле истерана оттаму, во рок 24 часа. Не можеле ништо да земат, сѐ им било конфискувано.
„По бројните тужби на семејството му е вратен станот, ја денационализирале и кафената, но морал да ја даваат под закуп прво на ’Мали одмор’, па на ’Метропол’. ’Метропол’ ја држеше до 1991 година, кога конечно сите тие одлуки влегоа во сила и оттогаш е на семејството. Тогаш и се реконструираше и се отворија два угостителски објекти како една целина“, додава Цветановска.
Таа кажува дека во кафеаната отсекогаш доаѓала најразлична клиентела, занаетчии, уметници, боеми, но сепак најбројни се спортистите и навивачите на „Вардар“ и на „Работнички“. На фејсбук страницата на настанот стои еден објавен коментар: „Според кажувањата на старите дебармаалци, Андон Дончевски избегнувал да поминува покрај ’Идадија’ додека бил тренер на ’Вардар’, бидејќи ’таму сите сѐ знаат’“.
За традиционалната Дебармаалска средба која се одржува секоја година напладне, Цветановска вели дека се слави после војната и дека според кажувањата на претците, почнало како идеја дека е слободен ден за еснафот и од голем ќеиф газдите сакале да ги почестат пријателите.
„90 години не се малку, ’Идадија’ не е само кафеана, тоа е еден градски духовен храм, музеј на градската култура. Целата историја на кафеаната е генерирана од заедницата. Анегдоти има безброј, да може да зборува кафаната. Ми текнува што ми раскажувале, дека секој ден доаѓал некој гостин и пиел шрицер. Ќе нарачал по литро вино и вода, и ќе речел: ’Дај ми вино да попијем воду’, а ако му останало вино ќе речел ’Дај ми воду да попијем вино’“, се смее Цветановска.
На денешната свеченост, после говорите на пријателите на „Идадија“, во двата локали ќе се отвори изложба со фотографии, документи, артефакти и уметнички дела и книжевни дела поврзани со кафаната. Кафеанските маси ќе претставуваат витрини во кои меѓу артефактите ќе има изложен прибор, разни нацрти од тоа време, дипломата за кафанџија на газда Ефто, како и првиот печат од 1928 година.
„Ќе дојдат многу луѓе што ги знаете, од маало, од ТВ, од зборење, од низ град. Ќе настапат убави луѓе што пишувале, пееле, цртале за ’Идадија’. Ќе си поприкажеме како било, што било уште од она време, ќе се почестиме, ќе се насмееме, па и ќе пееме ако треба, исто како секогаш ама сега сите одеднаш. Донесете ги постарите што ве носеле на ќебапчиња кога сте биле мали, дојдете со друштвото како кај стара другарка на роденден“, вели Цветановска.
Б. НЕСТОРОСКА