„ОГЛЕДАЛО ВО МАКЕДОНИЈА“ ПО ПОЛА ВЕК ГИ СПОИ ФОТОГРАФОТ НИЛ ФОЛБЕРГ И ВНУКОТ НА ДЕВОЈКАТА ОД НАСЛОВНАТА СЛИКА

    „ОГЛЕДАЛО ВО МАКЕДОНИЈА“ ПО ПОЛА ВЕК ГИ СПОИ ФОТОГРАФОТ НИЛ ФОЛБЕРГ И ВНУКОТ НА ДЕВОЈКАТА ОД НАСЛОВНАТА СЛИКАГоран Манојловски со Нил Фолберг и фотомонографијата „Огледало во Македонија“ на чија насловна страна е тетка му Аница фотографирана во Маврови Анови во 1971. (Фото: Арс Ламина)

    Мавровецот Горан Манојловски случајно на Интернет ја видел најавата за промоцијата на фотомонографијата „Огледало во Македонија“ на американско-израелскиот антрополог и фотограф Нил Фолберг, а жената на насловната фотографија му се видела многу позната. На фотографијата е млада убава девојка која хекла, сликана во двор во Маврови Анови во 1971.

    „Му ја покажав фотографијата на татко ми, 83-годишен, и го прашав дали е ова сестра му Аница Манојловска? Тој ми рече да, таа е. Многу се возбудив, оти со тетка ми живеевме заедно во Скопје, бевме многу блиски. Таа немаше свои деца, и пред да почине во 2010 ми остави аманет некое девојче во семејството да се вика по неа. Истата година ми се роди ќерка, и ја крстивме Ана“, кажа видно возбуден Манојловски, на синоќешната промоција на книгата на Фолберг.

    Фолберг кажа дека се сеќава на таа средба со Аница, и рече дека ова е уште едно заокружување на приказната. Кажа дека според насмевката на фотографијата, Аница е како „македонска Мона Лиза“.

    На почетокот мислев дека правам книга за Македонија, но кога ги разгледував фотографиите, открив дека всушност не пишувам книга само за Македонија, туку пишувам книга и за мене.Веројатно затоа насловот на книгата ‘Огледало во Македонија’ е сосема соодветен, зашто во оваа книга јас всушност се видов себеси, вели Фолберг. (Фото: Арс Ламина)

    Повеќе од половина век по првиот престој во Македонија, Нил Фолберг синоќа во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје ја промовираше „Огледало во Македонија“. Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е етнографска фоторепортажа за земјава од 1970-тите години. Во неа има избор на фотографии што авторот ги снимил за време на својот престој во Македонија, кои поради разни околности досега не биле ниту објавени ниту изложени во Македонија. Оваа несекојдневна промоција, која се одржа во присуство на многубројни фотографи, книжевници, филмаџии, новинари, како и стари, но и нови пријатели на Фолберг, беше емотивно патување низ времето.

    Во 1971, студентот и надежен фотограф Нил Фолберг привлечен од Македонија и од нејзината динамична фолклорна култура дошол во земјава со стипендија од Универзитетот на Калифорнија во Беркли за да помине пет месеци фотографирајќи пејзажи и луѓе. Полицијата и службите за државна безбедност ја комплицирале задачата на Фолберг. Во својот есеј на 50 страници во книгата, Фолберг пишува за неговата работа, за социјалниот и уметничкиот контекст и за неговите разговори со мајсторите покрај кои студирал, фотографите Ансел Адамс и Вилијам Гарнет.

    Беа потребни цели педесет години за овие фотографии да бидат создадени и потоа повторно оживеани во форма на книга. Кругот се затвора, само не докрај, рече професорката Илина Јакимовска (десно) која е иницијаторка да се објави делото. (Фото: Арс Ламина)

    Со објавувањето на книгата „Огледало во Македонија“ за Фолберг конечно завршува една приказна, која почна пред повеќе од 50 години.

    „За мене тоа е неверојатно, бидејќи секогаш сакам да го завршам тоа што сум го почнал. Досега имам објавено седум книги и реализирано многу проекти, изложби низ светот, особено во Блискиот Исток, сѐ што сум сработил досега беше објавено и изложено, освен овие фотографии. Тоа ме мачеше долго време… За време на мојот престој во Македонија излезе статија во ‘Нова Македонија’, во која пишуваше: ‘Студент од Универзитетот во Беркли работи на книга’. Но, таа книга никогаш не излезе и беше заборавена… Но, не беше заборавена од мене, бидејќи овие фотографии се дел од мојот живот. Се обидував да најдам издавач на книгата, и тоа одеше тешко. Исто така, како што поминуваше времето, за мене стануваше сѐ потешко да се сетам и на приказните. Си мислев, како ли ќе ја објавам книгата, бидејќи деталите за сликањето и луѓето почнаа да ми избледуваат. Но, се случи нешто неочекувано. Мојата девојка од времето кога престојував во Македонија ми пиша дека ги зачувала сите писма што сум ѝ ги пратил: 31 писмо пратени во период од пет месеци. Откако таа ми ги прати писмата си реков, е сега ја имам и приказната! Кога го собрав целиот материјал, знаев дека ја имам книгата! На почетокот мислев дека правам книга за Македонија, но кога ги разгледував фотографиите, открив дека всушност не пишувам книга само за Македонија, туку пишувам книга и за мене. Во фотографиите се пронајдов себеси. Иако никогаш не направив фотографија од мене. (Единствената фотографија од мене од тоа време, и која се најде на задната корица на книгата, ја направи еден фотограф од Битола.) Веројатно затоа насловот на книгата ‘Огледало во Македонија’ е сосема соодветен, зашто во оваа книга јас всушност се видов себеси. Иако ме нема на ниедна фотографија (тоа беше време пред селфијата), го открив најголемото селфи од сите – успеав да се пронајдам себеси, каков сум бил тогаш, да ја видам мојата личност, пристапот во тоа време, сѐ заедно… Гледајќи наназад низ овие фотографии наоѓам огледало што ме одразува мене, 21-годишен студент од Беркли. Се гледам себеси како поставувам статив и фотоапарат на јавен плоштад, каде што луѓето или поминуваат околу мене или ми приоѓаат, привлечени или одбиени од мојот фотоапарат. Тајни агенти ме следат, но јас не ги гледам. Се набљудувам себеси во огледалото на времето“, рече Фолберг.

    За себе вели дека во тоа време бил навистина сериозно посветен, студирал антропологија и се трудел да научи што повеќе за Македонија, да дознае повеќе за историјата на земјата. За жал, јазикот не го научил, бидејќи во тоа време на Универзитетот во Беркли не се изучувал македонскиот јазик, но се запишал на српскохрватски, што било доволно за да се разбере со локалците. Дошол подготвен за оваа авантура.

    „Тоа навистина беше голема авантура, бидејќи се запознав со неверојатни луѓе, дел од нив сретнав и денеска, по 50 години. Тие ме примија во нивните домови, во нивните животи и морам да кажам дека, да се биде дел од светот на другите, е навистина прекрасно. Среќен сум што дојдов и што ве запознав вас и оваа прекрасна земја“, рече Фолберг.

    Во чест на Фолберг, младиот етноквартет „Сигма“ ги изведе песните „Ајде ред се редат, мале, кочански сејмени“ и „Јовано, Јованке“, кои биле на една плоча што тој ја купил во Скопје во 1971. (Фото: Арс Ламина)

    Промоторката на книгата и иницијаторка за објавување на ова дело кое прво е издадено во Холандија, а сега и во Македонија, професорката Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, вели „кога првпат ги видов фотографиите на Нил Фолберг од Македонија, бев заведена од нивната убавина, но и вчудовидена од фактот дека ги гледа по првпат од времето кога биле создадени“.

    „И сите мои колеги го имаа истото прашање: како е можно нивната историска, етнографска и естетска вредност толку долго да била заобиколувана? Зошто немало локална изложба, истражување или барем јавно знаење за постоењето на оваа збирка? Некаква книга? Но, друг елемент беше критичен за мојата емоционална реакција: и јас, како и фотографиите, сум родена во 1971 година. Јас и тие сме се појавиле на овој свет во исто време и на исто место. Заедно сме го почнале своето патешествие. Педесет години подоцна, повторно се среќаваме… Ова е приказна за растењето на еден млад уметник, како професионалец и како човек, но истовремено е и џејмсбондовска авантура и оддавање почит кон мајсторите на фотографијата кај кои учел Фолберг (Ансел Адамс и Вилијам Гарнет). Беа потребни цели педесет години за овие фотографии да бидат создадени и потоа повторно оживеани во форма на книга. Кругот се затвора, само не докрај. Други почнуваат да се движат околу него, во концентрични бранувања, без јасен почеток, а ниту со дефинитивен крај. Ова е начинот на кој се среќаваат идеите и луѓето, носени од нежните далги на креацијата и фантазијата. На крајот, хронологијата и не е толку важна. Важно е чудото на поврзувањето“, рече Јакимовска.

    На крајот на промоцијата, како своевидно изненадување за авторот, кој е голем вљубеник во македонската изворна музика, настапи етносоставот „Сигма“. Младиот квартет ги изведе песните „Ајде ред се редат, мале, кочански сејмени“ и „Јовано, Јованке“, кои биле на една плоча што Фолберг ја купил во Скопје во 1971.

    Нил Фолберг е роден во Сан Франциско, во 1950 година. Денес живее во Израел, каде што ја води галеријата „Визија“ во Ерусалим. Има објавено и други книги, меѓу кои се „И јас ќе живеам меѓу нив“ (And I Shall Dwell Among Them) и „Небесни ноќи“ (Celestial Nights). Неговите фотографии се изложувани во музеи и галерии низ целиот свет, а неговите принтови се наоѓаат во големи музејски колекции.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира