Италијанецот Паоло Маџели, еден од водечките светски режисери и интелектуалци, по повеќе од 20 години, едвај нашол 3 месеци во Скопје да работи претстава. Седумдесет и едногодишниот режисер со 35 годишна кариера, од март во Македонскиот народен театар (МНТ) го поставува „Еден месец на село“ на рускиот класик Иван Сергеевич Тургењев. По паузата летово, премиерата се најавува за крајот на септември.
Во минатото оценуван како контроверзен, авангарден и не толку лесен за соработка, Маџели со екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК беше исклучително љубезен и отворен, при тоа ни даде шанса ексклузивно да фотографираме една сценска проба со Никола Ристановски и Сашка Димитровска.
„Со Скопје сум врзан уште од младоста, а последен пат бев тука како гостин на Киро Глигоров, кога беше на половина од неговиот втор мандат. Тој имаше некои идеи, но јас бев постојано зафатен, но ете не ни се посреќи. Веќе 20 години ме канат и Драмски и МНТ да дојдам, и конечно, мојот драматург Жељка Удовичиќ ми рече мора да најдеме 2 месеци за Скопје. Кога дојдов, гледав некои интересни претстави како ‘Животот е прекрасен’ и помислив вреди да се работи со овој ансамбл“, вели Маџели, кој пред 30-на години во МНТ и во Драмски ги има поставено „Црна дупка“ и „Тетовирани души“ на Горан Стефановски.
Вели дека прва идеја, прв импулс му било да ја работи „Три сестри“ од Чехов.
„Но, од една страна, градот диктира, суфлира нешто. Од средбите и дружењата со старите пријатели, ми се причини дека градот е некако депресивен, гледам дека луѓето не се баш во најдобра форма. Па си реков, зошто да одам со ‘Три сестри’ и уште да ги вовлечам луѓето надолу. Решив да одам со нешто што има врска со Чехов, кое е тажно, но во исто време откачено, трагично, а комично. Во тој период, Дејан Пројковски беше директор и го прашав дали Тургењев е преведен кај вас и ми рече скоро ништо не е преведено. Не можев да поверувам дека еден автор, на кого вгодина ќе му се одбележат 200 години од раѓањето, воопшто не е преведен. И си реков, па ова е вистинска прилика, да дојдам со класик кој не е познат. Текстот 4 месеци го преведуваше мојата пријателка од младоста Катерина Коцевска“, ни рече Маџели.
„Еден месец на село“ е текст каде е важен колективот, тука актерите имаат големи задачи. Сите ликови, вели Маџели, се главни, исто како кај Чехов. Еден лик има некоја доминација, која е зависна од другите ликови.
По аудицијата избрал 12 актери од МНТ, плус едно дете, а како гостин од Драмскиот театар учествува и Коцевска. Не направил отворена аудиција, бидејќи смета дека кога во театарот има голем ансамбл не е во ред да се носат актери од други театри.
Сценографијата ја работи Лоренцо Банчи, сликар од Италија, а костимите негова долгодишна соработничка од Ријека Мануела Паладин, за која вели дека е една од најдобрите и најинтересни млади костимографи во Хрватска. Музиката е на македонскиот композитор Љупчо Константинов.
Маџели продолжува дека не е режисер кој седи долго на читачка маса, прагматичен е во тој поглед и кога ќе дојде на проба, знае што треба да работи и веднаш оди на мизансцен.
„Сметам дека треба нешто да се фиксира, и потоа на таа основа да се работи, доработува, коригира. Тоа е работа која нема крај. Секогаш може подлабоко и подобро, но под услов да не се менува концептот“, смета тој.
Не е исто, вели, да се работи со Македонци, или со Срби, разликата е огромна од Скопје до Белград, а да не се говори за до Париз, Јужна Америка или Јапонија.
Секој глумец е претставник на својата земја и култура, на својот народ и менталитет, а огромна е разликата во менталитетот, во користењето на театарот, во уморот, во пристапот на пробите.
„Во таа насока сакам да кажам нешто околу дисциплината. Ми се чини дека македонскиот театар порано беше поекстремен во прифаќањето на таа дисциплина. Мислам дека денес глумците во суштина, не живеат добро. Многу често мораат, не сите, да се ангажираат, да пронајдат други извори на приходи, па поради таа трка да се постигне некој пристоен живот, многу често доаѓа и до некои природни деконцетрации, што им создаваат постојани проблеми. Тоа го гледам како генерален проблем, секако дека постојат индивидуални разлики, но мислам дека во таа дисциплинска смисла, тоа се чувствува. Кога човек има голем број други обврски, тогаш тешко може да се даде 100 отсто секој ден за нешто друго. Тоа е мислам општествен проблем. Проблем кој предизвикува расчекор помеѓу општетсвото и уметниците. Уметниците не се платени доволно и тоа е проблем. Тој проблем се чувствува и во Белград, во Загреб сѐ помалку, а во Љубљана скоро да го нема. Тоа е проблем врзан со економијата. Дисциплината има врска со економијата“, кажа режисерот.
Во овој контекст, Маџели рече дека сака да се надоврзе, дека не му е сфатливо како може денес во Македонија да има едвај неколку печатени весници.
„Јас паметам дека во ‘Нова Македонија’ порано работеа по 7-8 новинари само во културните рубрики. Не ми е јасно. Државата треба да знае дека без весници нема културна публика“, вели еден од најголемите актуелни режисери во Европа.
Низ пријатниот и остроумен разговор, Маџели се врати на почетоците, на родната Тоскана, каде заедно со повеќе режисери, меѓу кои и оскаровецот Роберто Бенињи основале театар.
„Тогаш, во тој театар, кога имав 18 години имав сѐ, навистина сѐ. Со Бенињи сме пријатели цел живот, бевме немирни деца, правевме интересни работи“, се смее театарската легенда.
По пет години, друштвото се разделило, некои заминале за Париз, Бенињи во Рим, а Маџели во Фиренца, каде учествувал на Меѓународна смотра на државни театри, која таа година била фокусирана исклучиво на театрите од источниот блок, со 3-4 гости од западните театари.
„Тогаш запознав свет кој ми беше доста интересен, запознав режисери од Источна Германија, Романија, Чешка. Ми се видоа навистина интересни и си се запрашав: ‘Па како ние ништо не знаеме за нив’. Случајно, поетот Владимир Лукиќ гледал моја претстава во Париз, и ме покани да дојдам во Белград. Дојдов во Белград во 1974 и го запознав младиот Мики Манојловиќ, работевме, па се вратив во Италија и почнав да се интересирам за славистика, па имав еден куп животни авантури во екс Југославија. Работев во Париз, Дрезден, Виена, но секогаш се враќав во Белград. Никогаш не го оставав“, со драги спомени се присетува Маџели.
Режисерот на познатите претстави како „Вујко Вања“, „Три сестри“, „Вишновата градина“, „Дон Жуан“, „На дното“, „Електра“, „Платонов“, е познат по своите критички политички ставови, па често во хрватските медиуми се објавуваат негови интервјуа, каде говори за национализам, за Европа, САД, за мигрантите.
„Не отстапувам од своето политичко јас. Не разбирам каква било форма на омраза, на војна, национализам, тоа не е мој свет. Мојот свет е нешто друго. Зар не е доволно да си човек, и да реагираш како човек и да не сакаш злото да биде идеал? Зар може војната да постои како идеал, омразата, расизмот? Тоа се работи кои човек треба апсолутно да ги негира“, вели Маџели.
Со провакативниот режисер проговоривме и за употребата на технологијата во театарот и го прашавме дали е најголемата закана за театарот денес. Маџели вели дека не може да каже дека во минатото бил имун на технологијата. Во Германија и во Хрватска пред 15 години работел претстави со седум камери на сцена, и изгледало како кино во живо.
„Употребата на технологијата е нешто што за мојот живот е сосем застарено и досадно. Затоа што, таа теорија дека ние живееме виртуелен живот и дека во тој правец мора да најдеме разни начини да ја пополниме таа празнина, тоа веќе не ме интересира. Досадно и непотребно, јас на тоа му реков чао пред 10 години. Нека си оди напред технологијата, но театарот се враќа на глумата и глумците“, вели Маџели.
Подготвувајќи ја новата претстава во МНТ „Еден месец на село“, Маџели вели дека за да се каже дека една претстава е добра, треба салата и публиката да се заинтересирани за тоа што се говори на сцената, а лоша е кога никој, ни глумците не знааат зошто постои таа претстава.
„Најтешко во пакувањето на една претстава е да се исправиш и да бидеш задоволен од она што го имаш на сцена. Голема е борбата да се стигне до тоа. Да, треба многу искуство, но треба многу да се сака работата, кај сите да има голема мотивација, сила. Тоа е најтешко и најубаво, и се случува за среќа често, но не секогаш“, вели Маџели.
Б. НЕСТОРОСКА