ОНА ШТО ПОРАНО ГО ВИКАВМЕ ГРЕШКА СЕГА СЕ ВИКА ИЗБОР, ВЕЛИ ЛЕГЕНДАРНИОТ РЕЖИСЕР ПОЛ ШРЕДЕР

    ОНА ШТО ПОРАНО ГО ВИКАВМЕ ГРЕШКА СЕГА СЕ ВИКА ИЗБОР, ВЕЛИ ЛЕГЕНДАРНИОТ РЕЖИСЕР ПОЛ ШРЕДЕРПол Шредер е легендарен автор, но не е поштеден од нападите врз авторскиот интегритет на холувудската индустрија

    (Специјално од Ротердам: Марина КОСТОВА)

    Легендарниот филмски автор Пол Шредер, сценарист на класиците „Таксист“ и „Разјарениот бик“ и режисер на „Американски жиголо“, „Луѓе мачки“ и „Мишима“, имаше мастерклас на филмскиот фестивал во Ротердам и зборуваше за најстрашното што може да му се случи на уметник – да му ја одземат авторската слобода и делото. Иако звучи неверојатно, неговото искуство е уште едно од ужасните во холивудската филмска индустрија, каде ниту легендите не се поштедени од постојаните брутални напади врз нивниот авторски интегритет.

    На мастеркласот во Ротердам Шредер зборуваше за најстрашното што може да му се случи на уметник – да му ја одземат авторската слобода и делото (Фото: СДК.МК)

    Во 2013, Шредер го сними филмот „Замирање на светлината“ по негово сценарио со Николас Кејџ во главната улога. По долга битка со инвеститорите за креативната слобода, Шредер си дал отказ, но не можел да го повлече потписот од филмот кој продуцентите целосно го премонтирале и нема врска со неговата верзија. Шредер, кој има 72 години и пола век кариера, рече дека направил две грешки – првата што прифатил да работи со тие луѓе, а втората креативна, во драматуршката структура на сценариото.

    „Порано инвеститорите иако не знаеле ништо за филм, барем сакале филм и сакале да заработат од филм. Денеска, инвеститорите ниту сакаат ниту им е гајле за филмот, битен им е само нивниот бизнис модел кој треба да им донесе пари. Значи, во случајот со ‘Замирање на светината’ нивниот бизнис модел беше дека во филм од 120 минути со Николас Кејџ ќе има 5 акциони сцени и тој ќе им донесе 17 отсто профит. Затоа, откако го снимив филмот ми рекоа дека нема потреба да доаѓам во монтажата. Откако се побунив, ми рекоа дека се однесувам како автор, а не како најмен режисер за каков што ме сметаа. Чудно што се однесував како автор, со оглед дека јас го напишав сценариото и го режирав филмот“, вели Шредер.

    Три години подоцна, со Николас Кејџ го снимил „Куче изеде куче“ и паралелно со монтажата на тој филм, на диво го премонтирал и „Замирање на светлината“ во негова авторска верзија што се вика „Темница“ во која ги исправил своите креативни грешки.

    Откако се побунив, ми рекоа дека се однесувам како автор, а не како најмен режисер за каков што ме сметаа. Чудно што се однесував како автор, со оглед дека јас го напишав сценариото и го режирав филмот“, вели Шредер (Фото: СДК.МК)

    „Им понудив во компанијата ‘Лајонсгејт’да ми дозволат да го премонтирам филмот и да им го отстапам без никаков надомест, тие се согласија но продуцентите одбија, па морав да го премонтирам на диво, без пристап до оригиналниот материјал. ‘Темница’ не е за дистрибуција, но го отстапив на универзитетските библиотеки каде што ги донирам моите архиви, така што може да го гледаат студенти и сите што ги интересира“, вели Шредер.

    Неговиот последен филм „Првата реформистичка црква“, во кој Итан Хок игра свештеник што ја губи верата среде хипокризијата во црквата, имаше премиера лани во Венеција, а во Ротердам имаше специјална проекција.

    „Денеска е толку лесно да се сними филм, секој може, она што порано го викавме грешка сега се вика избор. На пример, ликот седи во соба со бела кошула, излегува од собата со зелена кошула. Порано тоа се викаше грешка во континуитетот, сега се вика избор“, се смее Шредер.

    Во „Таксист“ Роберт де Ниро ја игра легендарната улога на Тервис Бикл, таксист кој полека запаѓа во манична депресија и лудило. На прашањето ако на дваесет години Тревис Бикл бил таксист, на 30 бил жиголо, а на 40 истерувач на ѓаволот, што би бил на 50 години, Шредер без размислување одговори: „Свештеник!“

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира