По пет години истражување и подготовка, Рајксмузеум во Амстердам ја започна втората фаза од својата јавна реставрација на ремек-делото „Ноќна стража“ на Рембрант ван Рајн. На 12 ноември, тим од осум конзерватори на Рајксмузеум започна со отстранување на лакот од сликата.
„Отстранувањето на стариот лак ќе ни овозможи да ја зачуваме сликата за идните генерации“, велат од Mузејот.
Процесот на реставрација се одвива во проѕирна стаклена комора во музејот. Посетителите можат да го следат во живо. Конзерваторите користат посебен вид ткиво со растворувач за да го растворат и апсорбираат лакот нанесен на „Ноќната стража“ за време на неговата реставрација во 1975-1976. Потоа, со помош на микроскоп и исклучителна прецизност го отстрануваат уште постариот лак со стапчиња со памук.
„Овој момент е кулминација на долгогодишното научно истражување, примена на оваа техника на други слики и спроведување тестови на самата ‘Ноќна стража’“, велат од Музејот.
Во текот на изминатите пет години, конзерваторите на Рајксмузеум го проучуваа секој сантиметар од „Ноќната стража“ користејќи ги најнапредните технологии, од дигитални слики и научни студии до вештачка интелигенција.
„Ова дело доведе до различни откритија во нашето разбирање на состојбата на сликата и начинот на работа на уметникот“, додаваат од Музејот.
Директорот Тако Дибитс се радува што ќе започне следниот дел од „Операција Ноќна стража“.
„Фазата на реставрација е исполнета со исчекување: отстранувањето на лакот ќе ја разоткрие историјата на ‘Ноќната стража’ и ќе биде навистина уникатно искуство за публиката која ќе дојде во музејот, да може да го следи процесот од толку блиску“, рече тој.