ОСКАРОВЕЦОТ ХАВИЕР БАРДЕМ ПО СОСТАНОКОТ ВО ГЕРМАНСКИОТ БУНДЕСТАГ ПОВИКА НА ПОГОЛЕМА ЗАШТИТА НА АНТАРКТИКОТ

    ОСКАРОВЕЦОТ ХАВИЕР БАРДЕМ ПО СОСТАНОКОТ ВО ГЕРМАНСКИОТ БУНДЕСТАГ ПОВИКА НА ПОГОЛЕМА ЗАШТИТА НА АНТАРКТИКОТОскаровецот Хавиер Бардем се вклучи во кампањата на Гринпис за заштита на Антарктикот со тоа што ќе прави документарен филм. (Фото: ДПА)

    Шпанскиот актер Хавиер Бардем повика на поголема заштита на над 1,8 милиони квадратни километри на Антарктик за да се намалат ефектите од климатските промени.

    Територијата му е позната на Бардем, кој неодамна нурна со подморница во двочасовна експедиција во рамки на кампањата на групата „Гринпис“.

    Неделава тој се сретна со пратениците во германскиот Бундестаг и изјави дека неговата загриженост за климатските проблеми не е нова и дека чувствува дека ваков активизам им должи на своите деца и внуци.

    „Излегов од Бундестагот со чувство имавме доста успешен состанок. Откако ги слушнаа експертите кои зборуваа за нивните наоди на морското дно и откако видоа делови од документарецот што го снимам, имавме впечаток дека сите се многу заинтересирани. Имаше многу луѓе на состанокот, и тие заминаа со ветување дека ќе подготват петиција во Бундестагот. Значи не само на парламентарно ниво, туку и на владино ниво во Германија едногласно ќе се бара заштита на Антарктикот“, вели Бардем.

    Тој кажа дека се вклучил во кампањата за да помогне, иако не е експерт во областа, односно не е ниту биолог ниту научник. Според него многу е битно се да биде добро документирано, во што ќе бидат вклучени непобитни докази, дури и за некласифицираните видови.

    „Влегов во ова затоа што сум загрижен за климатските промени и глобалното затоплување на планетата. Има луѓе кои се среќни што можат да носат облека со кратки ракави во Мадрид во декември, но има и такви што не се. Јас сум од оние вторите. Иако тоа значи дека можеш да уживаш надвор, но тоа не е добро. Што ќе се случи по 20 години!? Лично го правам она што можам. Кога Гринпис ме прашаа да се вклучам во кампањата, тоа го направив без двоумење, бидејќи ова е тема која ме загрижува и сметам дека е привилегија за мене да работам со луѓе кои навистина прават нешто за сите нас“, вели Бардем.

    Тој вели дека климатските промени предизвикуваат метеоролошки катастрофи, кои пак ќе предизвикуваат егзодус на милиони луѓе, кои ќе се селат низ цел свет барајќи засолниште. Според него тоа ќе биде тешко.

    „Не мислам дека некому му е потребен контакт со природата за да разбере дека токму природата ги создава условите за нашиот опстанок на планетата. Луѓето кои тоа го знаат ни кажуваат, и освен индивидуалните активности како што е рециклирањето, ние треба да притискаме на луѓето кои носат одлуки и да побараме од гласачите да не гласаат за оние кои негираат дека имаме проблем, како што е американскиот претседател Доналд Трамп, за да не се случи овој свет да биде уништен по 30 години. Ова значи да бидеш одговорен“, вели Бардем.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари