OСТАНАВМЕ БЕЗ ДОМАШНИ АВИОКОМПАНИИ, А ЌЕ СЕ РАЗБЕГААТ И РЕГУЛАРНИТЕ ПОРАДИ ФАВОРИЗИРАЊЕТО НА НИСКОТАРИФНИТЕ, ПРЕДУПРЕДУВА ПИЛОТОТ ВЕТЕРАН ЧАЧКИРОВ

    OСТАНАВМЕ БЕЗ ДОМАШНИ АВИОКОМПАНИИ, А ЌЕ СЕ РАЗБЕГААТ И РЕГУЛАРНИТЕ ПОРАДИ ФАВОРИЗИРАЊЕТО НА НИСКОТАРИФНИТЕ, ПРЕДУПРЕДУВА ПИЛОТОТ ВЕТЕРАН ЧАЧКИРОВ„Новите експерти за авијација започнаа со раскинување на билатералните договори за воздушен сообраќај, кои колку толку правно ја штитеа домашната авијација, без притоа да добијат исти права за нашите компании. Небаре влеговме во Европската унија!“, вели Чачкиров, поранешен директор на Дирекцијата за цивилна воздушна пловидба.

    Македонските авиокомпании, пред сè „Палер Македонија“ и „МАТ“, ги пренесуваа патниците до нивните директни дестинации без ничија поткрепа и поддршка и најголемиот дел од остварените финансии остануваа тука. Имаше и години кога бројот на патници на домашните аеродроми ја надмина цифрата од над еден милион и со сето тоа, уште поголема вистина е дека Македонија покажа и докажа дека може и треба да има сопствена авиокомпанија, вели во разговорот за САКАМДАКАЖАМ.МК познатиот македонски пилот, инженер и некогашен директор на Дирекцијата за цивилна воздушна пловидба Ѓорѓи Чачкиров.

    „Меѓутоа, како времето одминуваше, Македонија како да остана без сопствени „крила“, дојдоа нови, странски компании, на опашката на авионите веќе го нема македонското знаме“, вели тој.

    Познатиот македонски пилот Ѓорѓи Чачкиров стравува и дека поради субвенциите што ги добиваат нискотарифните авиокомпании, кои, згора на тоа, на исто место и во исто време летаат со регуларните компетитивни авиокомпании, ќе се разбегаат и тие – регуларните.

    „Палер Македонија беше присутна во периодот на распадот на бившата ни држава, ги донесе нашите војници дома, ги донесе нашите граѓани од завојуваните подрачја, донесе значаен прилив на девизи кога беа најпотребни, ги ‘разработи’ нашите аеродроми и направи мрежа од 18 редовни дестинации ширум Европа“, потсетува Чачкиров.

    „Се променија и голем број домашни стручни кадри, донесувајќи странски експерти за аеродроми, па повторно се прашувам: како оние, наши стари кадри, се справуваа со над еден милион патници, во некои поранешни времиња и многу поскромни услови. И само што помисливме дека ќе добиеме нова роза на ветришта, а со неа и нов аеродром, и тоа се откажа. Велат, средствата ќе биле пренаменети. Та нели ги дадовме под концесија, за да бидат осовременети и да добиеме уште еден карго аеродром (каков немаме), кој во магловити периоди можеби би бил и алтернативен аеродром. Но, за сега и понатаму, остануваме свои на своето, со два меѓународни аеродрома, со променети имиња и опременост таква каква што е! Притоа, да додадеме дека сега ќе летаме со нискотарифни компании, на исто место и во исто време со регуларните компетитивни авиокомпании. Во такви услови, се плашам да не се разбегаат и тие – регуларните. Но, и тука не видовме никаков договор, кој договор и понатаму продолжува, уште малку. И тука, останаа информациите или дезинформациите од медиумите, дека нискотарифните ќе вработат огромен број домашни кадри и ќе се инвестираат странски средства, но под услов да бидат субвенционирани. Субвенциите беа дадени! Тоа мене ми личи како на ’јајчар‘ од Македонија, некој да му понуди тезга во соседна држава и да го субвенционира да продава поевтини јајца. Но, бидејќи ние немавме јајца, го понудивме авиосообраќајот и за нискотарифни компании, токму на аеродромот во главниот град. Уште и министер присуствуваше на отворање на нова дестинација. Отворање на нова дестинација е вистински настан, но за бизнисот на компанијата која го отвора, не и за мене! А патем, можеби на македонските граѓани не им е неопходна токму таа дестинација. Така, како пример би споменал, оние наши многубројни патници кои бараат да летаат директно до Цирих, се разбира со ниска тарифа, тоа не е можно, бидејќи има држави кои го штитат карактерот на авиосообраќајот на ’главните‘ аеродроми“, вели Чачкиров.

    Нашиот соговорник како стручњак за воздухопловство имаше и добар преглед во случувањата на македонското небо.

    „Се создадоа и новокомпонирани стручни лица, на кои не им требаше домашна авиокомпанија, ниту пак располагање со македонските меѓународни аеродроми, или билатерални спогодби за авиосообраќај. Па така, новите експерти за авијација започнаа со раскинување на билатералните договори за воздушен сообраќај, кои колку толку правно ја штитеа домашната авијација, без притоа да добијат исти права за нашите компании. Небаре влеговме во Европската унија! Потоа, продолжија со издавање на аеродромите под концесии, се разбира со убави ветувања од концесионерите. Така, дојдоа и тие! Ветија странски инвестиции, сигурност за вработените, нови вработувања, нови објекти, нов аеродром и не знам уште што. Извинете, но не знам, бидејќи не сум имал можност да видам никаков договор, а изгледа дека и многу компетентни личности не го виделе тој договор! Но, што е со познатите ветувања од истиот? Оние кои беа пишувани во медиумите. За новиот аеродром во Овчеполието, некои рекоа дека треба да се направи ’роза на ветришта‘, па да се отпочне со негова изградба. Се прашувам како ли оваа наша Македонија, без розата на ветришта, или како велат ’ружата на ветрови‘, ги изградила скопскиот и охридскиот аеродром, како се изградени петте спортски аеродроми, десетината стопански аеродроми и хелиодроми? Веројатно на ова прашање можат да одговорат компетентните институции од овие простори! А сигурен сум дека има и компетентни, но и дека има и долгогодишни анализи на роза на ветришта за целиов овој простор, од многу поодамна“, кажува Чачкиров.

    Чачкиров не го крие своето незадоволство од фактот што на ниту една опашка на комерцијалните авиони го нема македонското знаме.

    „Голем број наши македонски пилоти и стјуардеси ќе летаат во странските авиокомпании или ќе работат дома на места на кои не им треба стекнатата лиценца. Овде пак, се прашувам каде се плаќаат придонесите за сите останати вработени кои се ангажирани во оние нискотарифните? Ова ми е потребно за да направам проста математика: што или колку добиваме, а колку губиме. Велам ’ние‘, а мислам на Република Македонија. При тоа смислено го изоставам фактот што, на ниту една опашка на комерцијалните авиони, го нема македонското знаме или македонската регистрација. Велат, и сигурно е така, се зголемил бројот на патници на македонските аеродроми, на над еден милион. Така е, но повторно се прашувам, дали е тоа по заслуга на концесионерот на аеродромите или по заслуга на нискотарифните (немојте нискобуџетните, нивните буџети претпоставувам се високи). Мислам и мислам, па си велам: имаме голем број странски инвеститори и мисионери во Македонија, па можеби и тие природно го зголемуваат овој број на патници. А можеби и општиот технолошки развој придонесува за растот на користење на воздушниот сообраќај и придонесува за истото!? Но, сосема сум сигурен дека онаа висока бројка на иселени млади луѓе, на работа во странство, која ја презентираат медиумите, меѓу нив и пилоти, стјуардеси и авиомеханичари, сè уште ја сакаат својата татковина, па најмалку еднаш во годината си доаѓаат дома. Можеби и тие размислуваат, со своето одење и враќање, да го зголемат бројот на патници на македонските аеродроми“, вели помалку саркастично нашиот соговорник.

    Познатиот пилот и инженер Чачкиров прашува што стана со платениот елаборат за постоење на домашна авиокомпанија.

    Чачкиров не го крие своето незадоволство од фактот што на ниту една опашка на комерцијалните авиони го нема македонското знаме.

    „За волја на вистината, не го видовме ниту најавуваниот платен елаборат или студија за постоење на ’национална компанија‘ (читајте домашна авиокомпанија, бидејќи националните веќе не постојат). Па можеби и од таму ќе произлезеа одговори на многу мои прашања. Во меѓувреме, очигледно, Агенцијата за цивилна воздушна пловидба ќе ја збогатува својата стручност преку вработувањата, учеството на меѓународните семинари, како и преку инспекции над работата на аероклубовите, аеродромите и стопанската авијација – Бониер. Па сега, покрај сиве овие прашања кои си ги поставувам, навистина ми останува последното прашање: каде оди македонската авио-индустрија и дали нашите деца и внуци повторно ќе сонуваат да бидат пилоти, стјуарди/стјуардеси, авио-инженери и слично?!“, е прашањето кое Чачкиров често си го поставува.

    Чачкиров многу добро се сеќава како беше формирана првата македонска национална авиокомпанија.

    „Прва наша авиокомпанија беше ’Палер Македонија‘. Се создаде сопствен пилотски, кабински, технички и помошен кадар и со пиетет се презентираше на меѓународната воздухопловна сцена. Компанијата беше присутна во периодот на распадот на бившата ни држава, ги донесе нашите војници дома, ги донесе нашите граѓани од завојуваните подрачја, донесе значаен прилив на девизи кога беа најпотребни, ги „разработи“ нашите аеродроми и направи мрежа од 18 редовни дестинации ширум Европа. Покрај тоа, авионите со лавче, македонско знаме и регистрација, ги превезуваа нашите државници, спортски репрезентации, туристи и обични луѓе. Во некоја година беа превезени дури и над 400.000 патници. И кога мислевме дека самостојно создадовме чудо во комерцијалната авијација, чудото се зголеми! Се родија уште низа други авиокомпании, вклучувајќи ја и последната ’национална‘ авиокомпанија МАТ – Македонски Авиотранспорт. Сите тие компании, повторно за чудо, ги пренесуваа патниците до нивните директни дестинации без ничија поткрепа и поддршка. Можеби, во таквите услови се создаде и нелојална меѓусебна конкуренција, но сепак, важно е дека најголемиот дел од остварените финансии остануваа тука: во компаниите, кај вработените и ангажираните, во УЈП, кај аеродромите, во Макпетрол, на аеродромските паркинзи и кафеани, во бурекчилниците и хотелите, кај таксистите и носачите, или накусо, во оваа самостојна Република Македонија. А, за волја на вистината, имаше и години кога бројот на патници на домашните аеродроми ја надмина цифрата од над еден милион. Со сето тоа, уште поголема вистина е дека Република Македонија покажа и докажа дека може и треба да има сопствена авиокомпанија“, вели Ѓорѓи Чачкиров.

    Чачкиров има богата воздухопловна кариера

    Има завршено Воздухопловна академија во Белград, го изведе првиот лет во самостојна Македонија, учествуваше во формирањето (воздухопловен дел) на Палер Македонија. Беше директор на тогашната Дирекцијата за цивилна воздушна пловидба (сега АЦВ – Агенција за цивилно воздухопловство). Во 2009 година целосно ги подготвува и ја регистрира и авиокомпанијата МАТ Ервејс и е поставен на позиција заменик на генералниот директор. Беше и генерален секретар на некогашниот Воздухопловен сојуз на Македонија.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира