ПЕРУ ЌЕ САДИ МИЛИОН ДРВЈА НА МАЧУ ПИКЧУ ЗА ДА ГО ЗАШТИТИ ОД СВЛЕЧИШТА

    ПЕРУ ЌЕ САДИ МИЛИОН ДРВЈА НА МАЧУ ПИКЧУ ЗА ДА ГО ЗАШТИТИ ОД СВЛЕЧИШТАСпоред државата, на овој начин ќе се заштити не само светилиштето, туку и заштитените флора и фауна. (Фото: АФП)

    Претседателот на Перу Мартин Визкара најави кампања со која ќе се пошумува археолошкиот локалитет Мачу Пикчу, со цел да го заштити од лизгање на земјиштето и од пожари. Визкара вети дека ќе се посадат еден милион дрвја на површина од 35 илјади хектари на локалитетот кој е под заштита на УНЕСКО. Дрвата ќе се засадат на заштитената зона околу светилиштето на Мачу Пикчу.

    Мачу Пикчу, што се нарекува и „изгубениот град на Инките“, е најпознат симбол на некогашната империја. Инките почнале да го градат во 1400-та година, но бил напуштен од владетелите на Инките еден век подоцна. Иако градот и археолошкото наоѓалиште биле познати за мештаните, тој не бил познат за останатиот дел од светот. Во 1911, американскиот историчар Хирман Бигман го претставил Мачу Пикчу на светот и оттогаш е светска туристичка атракција.

    „Овој план е ветување, обврска од владата, од регионот, од општината и од сите граѓани кои сакаат да го заштитат ова светско чудо“, изјави претседателот.

    Според Министерството за животна средина, на овој начин ќе се заштити не само светилиштето, туку и заштитените флора и фауна. Пределот под Андите во Јужна Америка е под ризик на лизгање на земјиштето и шумски пожари во летниот период.

    Ова е само дел од мерките кои државата ги презема за да го заштити светото место. Во 2017 го ограничија бројот на туристи на помалку од 6 илјади на ден, кои влегуваат во два термина.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари