Пред сто години пловеле бродови, а денес ни чунки, напиша Методија Јоновски, новинар и публицист од Преспа, на Фејсбук страницата „Моја Преспа, мој Ресен, моја судбина“, осврнувајќи се на драстичното повлекување на водата во Преспанското Езеро.
Тој пишува дека по посетата на југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ на Претор во 1924, првите бродови на Преспанското Езеро запловиле во 1928 година. Тоа биле воени патролни бротчиња на морнаричката касарна во Асамати. Таму, до некогашното хотелче на Стојан Мишев, прво на Преспанското Езеро, и натаму стои столбот на светилникот за ноќна ориентација на бродовите.
„Во 1962 година заплови хидробусот ‘Нови Сад’, а подоцна воените бродови беа претворени во патнички и во летно време имаше редовна патничка линија Претор-Голем Град-Отешево-Претор. За жал, сега преспанскиот хидробус со 150 седишта плови по Охридското Езеро, а едно од некогашните помали бротчиња остана потонато кај Царина. Ни останаа само спомените за нив“, пишува Методија, воедно објавувајќи ги и фотографиите од неговиот татко, преспанскиот хроничар, новинар и публицист Кирил Јоновски.
Жителите на преспанските села се жалат дека поради ниското ниво на водата не можат да стават ни кајчиња во езерото. И понтонското пристаниште во Претор е целосно набиено во песок.
„Мораме со трактор да влеземе во водата, па тој со влечење да го понесе кајчето во вода за да одиме по риби. Плиткиот дел е тиња и пропаѓате додека газите низ неа“, вели Сашо Цветановски од Асамати.
Од Секторот за животна средина при Општина Ресен за САКАМДАКАЖАМ.МК уште пред два месеца соопштија дека во овој период е забележан најголем пад на водостојот, од 250 сантиметри.
„Водостојот на Преспанското Езеро е драстично намален во последните 20 години и повеќе, а најголем пад има во моментот и изнесува околу 2,5 метри под нормалното. Во мај 2016 водостојот беше намален за 1,1 метар. Таквиот тренд продолжи до првата половина на 2017, додека во август 2108 висината беше намалена за 1,66 метри“, рече раководителот на Секторот за животна средина во Општина Ресен, Ајман Ал Малла.
И еко-бродот за мониторинг на Преспанското Езеро во моментов е вон функција, зашто езерската вода во селото Стење, каде што е стациониран, е доста повлечена, па не може да се спушти.
Жители од Преспа во Албанија кажуваат дека и таму Езерото драстично е повлечено, а некогашните плажи ги голтаат појаси со трска.
Ж. ЗДРАВКОВСКА