ПО ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО ПРЕД ЕДЕН ВЕК КРСТАРЕЛЕ БРОДОВИ, А ДЕНЕС ЕДВАЈ КАЈЧЕ СЕ СПУШТА

    ПО ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО ПРЕД ЕДЕН ВЕК КРСТАРЕЛЕ БРОДОВИ, А ДЕНЕС ЕДВАЈ КАЈЧЕ СЕ СПУШТАХидробусот „Нови Сад“ во летни месеци возеше на редовна патничка линија Претор-Голем Град-Отешево-Претор. (Фото: М. Јоновски)

    Пред сто години пловеле бродови, а денес ни чунки, напиша Методија Јоновски, новинар и публицист од Преспа, на Фејсбук страницата „Моја Преспа, мој Ресен, моја судбина“, осврнувајќи се на драстичното повлекување на водата во Преспанското Езеро.

    Тој пишува дека по посетата на југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ на Претор во 1924, првите бродови на Преспанското Езеро запловиле во 1928 година. Тоа биле воени патролни бротчиња на морнаричката касарна во Асамати. Таму, до некогашното хотелче на Стојан Мишев, прво на Преспанското Езеро, и натаму стои столбот на светилникот за ноќна ориентација на бродовите.

    Денес е реткост да се видат и рибарски бротчиња на езерото (Фото: Методија Јоновски)

    „Во 1962 година заплови хидробусот ‘Нови Сад’, а подоцна воените бродови беа претворени во патнички и во летно време имаше редовна патничка линија Претор-Голем Град-Отешево-Претор. За жал, сега преспанскиот хидробус со 150 седишта плови по Охридското Езеро, а едно од некогашните помали бротчиња остана потонато кај Царина. Ни останаа само спомените за нив“, пишува Методија, воедно објавувајќи ги и фотографиите од неговиот татко, преспанскиот хроничар, новинар и публицист Кирил Јоновски.

    Жителите на преспанските села се жалат дека поради ниското ниво на водата не можат да стават ни кајчиња во езерото. И понтонското пристаниште во Претор е целосно набиено во песок.

    Езерото е повлечено и од албанската страна (Фото: СДК.МК)

    „Мораме со трактор да влеземе во водата, па тој со влечење да го понесе кајчето во вода за да одиме по риби. Плиткиот дел е тиња и пропаѓате додека газите низ неа“, вели Сашо Цветановски од Асамати.

    Од Секторот за животна средина при Општина Ресен за САКАМДАКАЖАМ.МК уште пред два месеца соопштија дека во овој период е забележан најголем пад на водостојот, од 250 сантиметри.

    Локалните жители се жалат дека поради ниското ниво на водата не можат да ги стават кајчињата во езерото (Фото: СДК.МК)

    „Водостојот на Преспанското Езеро е драстично намален во последните 20 години и повеќе, а најголем пад има во моментот и изнесува околу 2,5 метри под нормалното. Во мај 2016 водостојот беше намален за 1,1 метар. Таквиот тренд продолжи до првата половина на 2017, додека во август 2108 висината беше намалена за 1,66 метри“, рече раководителот на Секторот за животна средина во Општина Ресен, Ајман Ал Малла.

    И еко-бродот за мониторинг на Преспанското Езеро во моментов е вон функција, зашто езерската вода во селото Стење, каде што е стациониран, е доста повлечена, па не може да се спушти.

    Жители од Преспа во Албанија кажуваат дека и таму Езерото драстично е повлечено, а некогашните плажи ги голтаат појаси со трска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира