ПОЧНА СТРУМИЧКИОТ КАРНЕВАЛ, В САБОТА ПАРАДА НА 42 ГРУПИ

    ПОЧНА СТРУМИЧКИОТ КАРНЕВАЛ, В САБОТА ПАРАДА НА 42 ГРУПИЗа осумдневниот карневал, годинава се пријавени околу 2.000 маски од земјава и странство (Фото: СДК.МК)

    Со предавањето на клучот на градот од градоначалникот Коста Јаневски на струмичките карневалци стартуваа осумдневните активности од годинашново издание на струмичкиот карневал . Клучот го примија организаторите кои до следната треба да ги реализираат сите свечености тна кои се очекуваат десетици илјади посетители од земјава и странство.

    „Со надеж дека ќе имаме уште едно успешно издание, со задоволство го предавам клучот на градот на карневалците. Нека се случи струмичкото чудо, нека Струмица биде повторно центар на светот’’, рече градоначалникот Јаневски.

    Градоначалникот Коста Јаневски денеска им го предаде клучот на Струмица на карневалците (Фото: СДК.МК)

    Според програмата, овие денови ќе има детски маскенбали, конcцерти и изложби под маски, в петок ќе биде големиот маскенбал каде ќе се избираат принцот и принцезата на годинашново издание додека, а в сабота е големото дефиле по струмичките улици.

    „Годинава имаме пријавено околу 2.000 маски од земјава и странство. Според креациите што се подготвуваат, посетителите во сабота ќе има што да видат. Од авиони до ракети, од митови до бајки, но и сцени од реалноста, сегашноста, сето тоа преточено во одлично музичко-сценски кореографии’’, вели Ване Ристов, член на организациониот одбор.

    Годинава настап на струмичкиот карневал потврдија 42 групи од земјава, и од Србија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Бугарија и од Аруба, чии членови по завршувањето на карневалот ќе организираат забава под отворено на струмичкиот плоштад.

    „Може да ве увериме дека сите што ќе бидат по струмичките улици ќе бидат пријатно изненадени од нашата маска. Не сакаме да откриваме, но ќе понудиме шаренило од бои преку нордиска митолошка приказна во која сè е рачно изработено”, вели Анита Станковска од групата ,,Мулен Руж’,’ што ќе ја презентира маската Валкири на која работеле два месеца.

    Годинашново издание на Струмичкиот карневал чини околу 5 милиони денари. Средствата се обезбедени од буџетот на Општината и спонзорства, а по пауза од неколку години средства одобри и Министерството за култура, во висина од 2 милиони денари.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира