Режисерот Роман Полански, кој поголем дел од животот го помина како бегалец и обвинет за силување во САД, ќе снима нов филм насловен „Обвинувам“, изјавија неговите продуценти за АФП. Осумдесет и петгодишниот режисер со полско потекло, кој четири децении помина во бегство од американското судство откако призна дека имал секс со 13-годишно девојче во 1977, ќе снима историски шпионски трилер базиран на аферата Драјфус од 1894, еден од најскандалозните случаи на злоупотреба на судството во француската историја.
Сценариото го пишува британскиот писател Роберт Харис, кој работеше со Полански на „Писател во сенка“ од 2010. Во „Обвинувам“ ќе глуми францускиот оскаровец Жан Дужарден, како офицерот Пикарт кој докажал дека капетанот Евреин Алфред Драјфус бил неправедно обвинет дека шпионирал во корист на Германците. Од продукцијата „Леџенд филмс“ потврдија дека снимањето ќе почне наскоро во околината на Париз.
Работниот наслов на англиски јазик на филмот е „Аферата Драјфус“, но францускиот наслов „Обвинувам“ доаѓа од славното отворено писмо „Обвинувам!“ од писателот Емил Зола во знак на поддршка на капетанот, во кое ја обвинува француската Влада за антисемитизам. По објавувањето на писмото, Зола бил осуден на клевета и пребегнал во Англија, каде останал до падот на Владата во 1899.
Филмот ќе биде целосно на француски јазик, а ќе глумат и Луј Гарел (како Драјфус), Матје Амалрик и сопругата на Полански, Емануел Сење.