ПОРАДИ КОРОНАВИРУСОТ НИ ИСЕЛЕНИЦИТЕ НЕ НАВРАТИЈА ВО БРАЈЧИНО ЗА ПРАЗНИЦИТЕ

    ПОРАДИ КОРОНАВИРУСОТ НИ ИСЕЛЕНИЦИТЕ НЕ НАВРАТИЈА ВО БРАЈЧИНО ЗА ПРАЗНИЦИТЕБрајчино е печалбарско село со малку жители, но има 120 семејства во Торонто, 80 во Мелбурн, по 40 во Америка и во Шведска. (Фото: СДК.МК)

    Ни новогодишните, ни Божиќните празници годинава не ја живнаа пасквелијата во преспанското село Брајчино. Во ова печалбарско село во близина на Преспанското Езеро, каде ретко кој оџак чади зашто многу огништа одамна згаснале, поради пандемијата со ковид-19 сега не навратија ни иселениците. Странските регистарски таблички, развиорени знаменца, па и исцртани симболи останати по вратите од куќите, се неми сведоци каде се иселени стопаните.

    Ова е печалбарско село во кое денес останаа малку жители. Но, има 120 семејства со овдешно потекло во Торонто, 80 во Мелбурн, 40 во Америка, исто толку во Шведска.

    На некои куќи се виорат знамиња од Канада и Австралија и укажуваат дека во две прекуокеански земји денес им се распарчени семејствата. (Фото: СДК.МК)

    Некои на замандалените дрвени порти прикачиле стари регистарски таблички од возила што порано ги возеле во Холандија, Германија… На некои куќи се виорат знамиња од Канада и Австралија и укажуваат дека во две прекуокеански земји денес им се распарчени семејствата. Трети пак, го исцртале јаворовиот лист од канадското знаме на влезовите од куќите.

    „Порано, за Божиќ доаѓаа синот и снаата со внуците од Шведска. Но, ковидот промени сè. Брајчино живееше за празници и за Духовден, кога дел од иселените доаѓаа да раздадат за душа на покојните предци. Сега не зависиме од празници, туку од бранови на епидемијата“, рече Јован Таневски, жител на Брајчино.

    Белег на селото се куќите од делкан камен и дрвени чардаци. Дел цврсти ги надживеаја вековите, други пропаднаа, а трети ги обновија газдите од странство иако ретко доаѓаат.

    Белег на селото се куќите од делкан камен и дрвени чардаци. (Фото: СДК.МК)

    „Тука има таква мода. Жителите се заминати во странство, а им останал кар на душата за родната стреа, па праќаат пари да се изгради старата таткова куќа, да не им се распадне тланикот“, кажува ѕидарот Ристо Папа, кој се пресели тука од Албанија. „Ги поправаме старите куќи, некои нови си прават. На секоја куќа обичај е да се запишуваат имињата на иселените семејства Мачкови, Чоролови, Попови. Иако не се тука да им се памети лозата“.

    Во селото веќе не работи ни „Балтан“, кафеаната на познатата Николина Ангеловска, пионерка на селскиот туризам во Македонија. Поради возраста, таа мораше да замине кај семејството во Скопје, па под клуч е капацитетот од 4.000 метри квадартни со соби во старински стил, трпезарии крај камин и простран двор. Тука навраќаа Ерван Фуере, градоначалници на Париз, 27 амбасадори, конзули, министри, претседатели на држави. Доаѓаа дипломати дури од Африка, а тука сопругата на ексамериканскиот амбасадор Лоренс Батлер ја правела зимницата заедно со газдарицата. Гостите скоро четири децении добиваа удобно сместување во автентичен амбиент и богата трпеза од ѓомлезиња, праз печен по стари бабини рецепти, суви цирони, крапчиња, домашни колбаси, качамак, пити, зелници, манџи. Тука и картичките испратени по пошта од странство стинуваа без поштенски број, доволно беше да пишува Николина, Брајчино, Македонија.

    Се верува дека селото го штитат шест светци за кои се изградени храмови, некои и од 16 век. Опкружени се со дабова шума, која се смета за вакавска. Стара е 500 години. Стеблата се со пречник од 2 метра. Во близина на црквата „Св. Атанас“, откако бил ослепен цар Самоил, брат му Арон дошол да ги мине последните денови од животот.

    Црквите се опкружени со дабова шума. (Фото: СДК.МК)

    Во селото сè уште кружат приказните за Ставре Џајков, иселеник од Брајчино во Америка, кој бил во затвор со американски мафијаш Ал Капоне. Бил осуден поради нелегална продажба. Извесен период од казната ја поминал во келија покрај Ал Капоне во еден од американските затвори. Но, било прифатено неговото барање да биде депортиран во Македонија оти долго време не ја видел мајка си. Така наместо по затвори, се вратил во родното село, а по побурниот живот починал во домот за стари лица во Битола.

    Во 1960-те години, во Југославија било невозможно да се добие дозвола за работа во странство, па посиромашните жители на Брајчино преку граница илегално бегале за Грција. Патот водел низ планина, а за да не бидат фатени бегале во зима.

    „Еден ги свртел опинците наопаку и изгледало дека се враќа, друг бегал со хармоника на грбот, па му се лизнал еден од ремените и се слушнале звуци, го откриеле. На трет криејќи се од патролата му замрзнале нозете, па подоцна му ги ампутирале. Оние кои ќе успееле да преминат завршувале во логорот Лаврион во Грција, од каде чекале со години да добијат виза за Америка, Австралија или европска држава “, кажува Митко Поповски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира