Неговиот прадедо Стојан Неделков учествувал во зографисувањето на Слепченскиот манастир, а внукот и ликовен уметник Љупчо Неделковски-Бобек слика ретки икони, дел по урнек на оние кои во минатото го краселе храмот, а денес се однесени на други места. Бобек со ретроспективна изложба што деновиве се одржа во Младинскиот културен центар во Битола одбележа три децении ликовно творештво и остварени над дваесет изложби.
„Љубовта кон уметноста кај него е како генетска предиспозиција. Во манастирот во Слепче постои еден натпис: ‘ас Стојан Неделков од село Слепче, од Сугаревци, се стори себап манасирот да се зографиса со тајфата и сите по мене’ и потоа се наведени имињата на луѓето кои учествувале во зографисувањето на манастирот. Главниот мајстор бил прадедо на Љупчо, тогаш Неделков“, рече Оливера Макриевска, историчар на уметноста, советник конзерватор во Завод и музеј Битола.
Токму манастирот Св. Јован Претеча кој пред неколку години прослави и 1.000 години постоење е една од главните инспирации во творештвото на Бобек. Досега изработил над 2.000 цртежи и икони, а меѓу нив и ретките икони на Богородица Троеручица и Богородица Патеводителка.
„Богородица Троеручица е единствена икона која ја имаат манастирите во Слепче и на Хиландар. Оригиналната икона е во Хиландар во Грција, но таа не била вака со три раце, туку едната рака била аплицирана во метал. Некој монах во манастирот во Слепче ја насликал кон крајот на 16 вак со три раце. Таа од Слепче е однесена во музејот во Скопје, па јас одлучив да ја насликам. Истото е и со Богородица Патеводителка , и таа е во музејот во Скопје, но оригиналната потекнува од манастириот од Слепче“, вели Неделковски.
Иако имал можности да го напушти родниот крај, сепак одлучил да остане во Демир Хисар и таму да ги отвори своето ателје и галерија. Тоа е рурална општина, но според дадени уметници по глава на жител можно е да е прва во Македонија. Од демирхисарскиот крај се и: Петре М. Андреевски, Божин Павловски, Раде Силјан, Јордан Плевнеш, Владо Цветановски, Љубе Цветановски, Горјан Петревски и многу други писатели, посети и сликари.
Ж. ЗДРАВКОВСКА