„Ве молиме да ја паркирате колата во десната лента“, напишале на македонски јазик со кирилично писмо Грците на граничниот премин Ники. Во најголемиот број случаи веќе не е проблем ако на службениците од пасошка контрола им кажете дека ќе одите да прошетате до Лерин или Воден. Не се лутат ако не ги користите грчките топоними Флорина или Едеса на што во минатото беа многу осетливи, па враќаа и патници од граница.
Во Лерин, пак, најблискиот град од јужна страна до Битола, секој втор ви враќа на македонски јазик, а ако не го знае нашиот јазик ви зборува на англиски за да ве услужи. Попријателска атмосфера немало во последните десетина година.
„Гледаме со голема надеж на преговорите дека конечно ќе престанат непријателските политики меѓу двете земји, зашто ние како народ сакаме да соработуваме. Мајка ми и татко ми беа ендопи, јас од нив го научив македонскиот јазик. Имам дуќан за чевли во чаршијата и секој втор муштерија ми е битолчанец. Преку ден повеќе зборувам по вашки, отколку на грчки“, ни рече Никос П., познат леринчанец кој 20 години има дуќан во центарот на Лерин.
Низ бутиците кога ќе ве слушнат дека зборувате македонски, ве прашуваат „дали можам да ви помогнам“ и продавачите се доста љубезни. За разлика од шкртиот речник во минатото, сега се волни и на македонски да ви објаснат каков е квалитетот на облеката.
Битолчани по навика со години ја окупираат првата сендвичара на влезот од чаршијата, каде гирото се троши како локум, па газдите без проблем зборуваат македонски. Битолчаните во Лерин знаат да дојдат и само за да замезат гиро, а на заминување си земаат по некое и за дома. Цената е два и пол евра, колку што чини порција кебапи во Битола.
Освен гиро, ги привлекуваат и продавниците со чевли, чиј избор во Лерин е голем. Доаѓаат да купат грчка алва, домашни украси, маслиново масло и други намирници во маркетот „Лидл“, па и по музички инструменти и жици, зашто во Битола не остана ни една музичка продавница. Музичарите дури и по перце за гитара одат во Лерин.
На граница ништо помала не е ни колоната во обратен правец, за влез во Македонија. Дневно во Битола доаѓаат по неколку стотици автомобили од Грција. Кај нас купуваат облека која им е евтина, а ја има по цена од пет евра за маичка или блуза, поправаат заби зашто услугите им се три пати поевтини и ги полнат автомобилите со гориво.
Лерин доби дури и современ автопат до граница со кој е олеснето патувањето, за разлика од порано кога мораше да се минува низ околните села. На таблите за да се насочат патниците наместо Македонија пишува Битола. На македонска страна пак, Битола со границата е поврзана со стариот регионален пат со дупки. Од пред неколку недели на патот сообраќајните знаци се обвиктани со црни кеси што побуди надеж кај жителите дека за скоро ќе започне најавената реконструкција.
Најголемата разлика, велат и битолчани и леринчани, се гледа во спортските обложувачници. Во Лерин тие се празни, а во Битола полни до таа мера што деновиве на Фејсбук беа објавени фотографии од битолчани кои спијат во обложувалница чекајќи да им се насмевне среќата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА