Поранешната сопруга на Елвис Присли, Присила, поднесе тужба со која се обидува да ја оспори валидноста на тестаментот на нивната ќерка Лиса Мари, која ненадејно почина пред две недели. Тужбата оспорува амандман во тестаментот од 2016 година, со кој Присила беше тргната од улогата на управител на семејниот имот.
Адвокатите на Присила Присли велат дека нејзиното име е погрешно напишано во документот, а тој содржи и необичен потпис. Седумдесет и седумгодишната Присила дознала за овој амандман дури по смртта на Лиса Мари, стои во тужбата.
Одземањето на улогата на управител значи дека таа веќе не ги надгледува средствата на ќерка ѝ. Нејасно е колкава е вредноста на имотот, но разни тужби од изминатите години сугерираат дека Лиса Мари била во финансиски проблеми.
Со амандманот од 2016, за нови управители на имотот биле поставени децата на Лиса Мари, актерката Рајли Кио и Бенџамин Кио, кој изврши самоубиство во 2020.