„Алкалоид“ АД Скопје отвори музеј во кои се изложените дел од производите од почетоците на компанијата до денеска. Музејот, кој се наоѓа во просториите на компанијата, е на површина од над 300 метри квадратни и вклучува внимателно колекционирани сегменти од богатата компаниска историја и од работниот век на генерации алкалоидовци.
Меѓу музејските експонати се и првиот филм за „Алкалоид“ од 1950, најстарото кутиче и оригиналното одобрение за производство на лекот „кафетин“ од 1957, првите пакувања на култниот „бекутан“ од 1978, историјата на Билка со брендот „гуд нејчр“ од 1966, најстарите индустриски машини, ретроспектива на компанискиот логотип низ децениите, примероци од првите изданија на т. н. фабрички весници на „Алкалоид“ од 1971 и друго. Колекцијата содржи и експонати од поновите производи и брендови на „Алкалоид“, како што се брендот „блокмакс“ од 2012, екстензиите на „прокулин“ од 2017, „бекутан кидс витс“ од 2019, портфолиото на „мулти есенс“ од 2020, како и водечкото портфолио на цефалоспорини во компанијата.
„Овој простор содржи бројни драги спомени и значајни моменти од работниот век на генерации алкалоидовци, кои сведочат за етапниот развој на една успешна македонска приказна, која денес нови генерации ја раскажуваат надвор од македонските граници, со пласмани во над 50 земји во светот. На едно место собравме поставки од скромните почетоци во два погона, во кои 15 работници произведувале 350 килограми фармацевтски суровини, до денес, кога во зенитот на деветтата деценија од нашето постоење имаме над 80.000 метри квадратни производствени капацитети, илјадници исполнителни вработени и милиони задоволни корисници“, кажа генералниот директор и претседател на Упрваниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
Од компанијата велат дека во својата долга историја „Алкалоид“ секогаш покажувал резилиентност и брза приспособливост на промените. Во контекст на успешниот развој, клучни одлики се континуираните инвестиции, квалитетот на производите и на стручниот кадар кој управува со процесите. Основна константа за компанијата претставува вложувањето во заедницата во која дејствува, а колективната општествена одговорност е врвен императив и влог за поттик кон пошироко општествено дејствување.