Ѓокица Лукаревски, доајенот на македонското глумиште, препознатлив актер од голем број претстави, ТВ-драми, ТВ-емисии, радио емисијата „Хихирику“ како и од филмови, на 29 април ќе наполни 67 години и официјално ќе оди во пензија. Лукаревски годинава слави и јубилеј, 40 години активно играње на сцената, и овие два повода ги спои во претставата „Партија реми“, која премиерно се изведе на 20 април во неговиот матичен Драмски театар. Претставата е во режија на Виолета Џолева, а партнерка на Лукаревски е актерката Маја Вељковиќ-Пановска.
Лукаревски во 1972 се запишал на тогашниот Факултетот за висока музичка школа, оддел за драмски актери, во класата на професорот Илија Џувалековски, кој само што дошол од Загреб каде држел класа на тамошната академија.
Колеги во класата на Лукаревски биле Ненад Стојановски, Димитар Зози, Илко Стефановски, Гоце Тодоровски, Мирче Доневски и Славица Ковачевиќ-Јовановска.
„Поминавме период од четири години кој беше извонредно забавен, интересен, затоа што се работеше за професор, легенда на театарското глумиште, кој знаеше да ни направи неповторлива атмосфера, со многу анегдоти од неговиот живот. Завршивме сите Академија, успешно, што е многу важно, со дипломската претстава ‘Враќање дома’. Сите бевме оценети со највисоки оцени и добивме вработувања во театарите низ републикава. Илко во Битола, Ненад, Гоце, Димитар и јас во Драмски, Славица и Мирче во МНТ. Така добивме можност да го реализираме она што сме го научиле и она што го носиме во себе како талент“, ни рече актерот.
Лукаревски вели дека најдрагоцен занатски совет кој студентите го добиле од професорот Џувалековски е тоа што ги научил како да ја разбијат тремата на сцена.
„За време на едни проби на факултет, јас го играв Отело, а Славица Дездемона. Во една љубовна сцена во која следи бакнеж, ние и двајцата млади, се туфкаме, се грчиме, непријатно ни е. Џувалековски седи во партер и ми вели: ’Што е бе копиљ, тргни се’. Дојде, зема, ја бакнува, ја бакнува, јас си велам ‘Еее зар може и вака’. Тој беше стручњак во разбивањето на тремата, беше отворен човек и сакаше да нè ослободи и нас од она што може да биде бариера во понатамошното работење“, раскажува глумецот.
По вработувањето во Драмски, почнал како статист во „Рибарски караници“ во режија на Тодорка Кондова- Зафировска па следела улогата на Зганарел во „Дон Жуан“ во режија на Љубиша Георгиевски , за која вели дека ја играл со посебно задоволство и која била високо оценета од критиката, како и ролјите во „Крал Иби“ и „Карамазови“.
„Јас буквално не ги паметам сите улоги, затоа што немам никаква потреба од евидентирање, од картотека. Моето евидентирање на улогите кои сум ги направил, завршува во оној момент кога претставата ќе престане да живее“, вели тој.
Во 1986, заедно со Гоце Тодоровски, Благоја Чоревски, Владимир Ангеловски, Димче Мешковски и Емин Унџел и режисерот Димитар Станкоски ја создадоа претставата „Женски оркестар“, која беше апсолутен хит во Македонија и во дијаспората.
„Таа екипа е неповторлива. Денес знаат да ме провоцираат да ја обновиме, но сметам дека како интерес е веќе одминат. Се играше десетина години, повеќе пати бевме во Австралија. Беше многу интересно за нив, непредвилива и наиде на огромен успех. Можам да се пофалам и со комедијата ‘Како да ја убиеш сопругата и зошто’ со колешката Катерина Коцевска, која доживеа 100-тина изведби, која исто наиде на голем успех и во Австралија и во Канада“, рече Лукаревски.
Тој тип на престави беа комедии, но вели тој, никојпат во животот не сакал да се дефинира како комичар, затоа што чувствува потреба за себепотврдување како актер со репертоар со различни вкусови. Ја издвојува улогата на Иследникот во „Карамазови“ од Душан Ковачевиќ, каде играл страшен, крволочен лик, една драмска улога која била забележана и со која станува првиот добитник на наградата за епизодна улога „Димче Трајковски“ на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
„Да се разбереме, немам добиено многу награди, што не ми претставува некаков хендикеп. Јас знам дека единствената моја награда е публиката која ме прима, ме перцепира онака како што јас би сакал да се случи, а тоа баш така се случува“, додава тој.
Глумел и во филмовите „Исправи се, Делфина“, „Пресуда“ (една од главните улоги ), „Оловна бригада“, „Јазол“, „Тетовирање“, во многу ТВ-драми и серии меѓу кои и „Трст виа Скопје“, „Таксист“, „Втора смена“, „Опстанок“.
Лукаревски се потсетува на работата како актер, а потоа и водител на најстарата и уникатна сатирична емисија, своевиден бренд на Македонското радио, „Хихирику“, која по 40 години, лани беше укината.
„’Хихирику’ беше најслушаната емисија на Радио Скопје, која земаше награди на сите натпреварувања на радиодифузните станици низ Југославија, буквално беше страв за одредени радио станици кои учествуваа.
Одеднаш, од материјални причини или не знам какви, дојде до ситуација да се запре работата. Тоа мислам дека предизвика страшна болка кај авторот Иван Карадак, кој почина по 8 месеци. Тоа предизивика страшна болка и тага во неговата душа, затоа што беше апсолутно и стопостотно посветен на постоњето на ‘Хихирику’. Мислам дека веќе е неблагодарно да се зборува. Јас не можам да сфатам како може да се уништи нешто што е успешно. Тоа е трагедија“, вели Лукаревски.
Околу анегдотите за претставите и гостувањата, Лукаревски вели дека се многу и многупати раскажувани, но ги издвои случките со „Женски оркестар.“
„Во Струмица, во еден ден ја игравме три пати. Јас ја играв Џоконда и во еден момент треба да се качам на столица. Само што се качив, се распадна и јас пропаднав во неа. Не можев да излезам и ја доиграв претставата со столицата околу мене. Публиката беше во делириум. Во една сцена пак, излегоа сите колеги на сцени и играме најнормално, кога одеднаш одозола излезе колега со маска на аждаја. Толку се исплашив, бидејќи не очекував, почнав да викам сѐ додека не се расчисти ситуацијата низ смеа. Во Канада и Австралија пак, бидејќи бевме 11 пати, луѓето веќе почнаа да се соживуваат со нас и да ги кажуваат нашите реплики. Во еден момент, гледам еден човек во публика, се спрема нешто да ми дофрли, и му реков : ‘Ајде повели’. Тој се засрами и се повлече“, се присетува Лукаревски.
Го прашавме за споредба на златните времиња на Драмски театар и изминатиов период, а тој се присетува дека Драмски беше познат по една атмосфера на многу пријателства, дружење, на многу среќни моменти, на хумористичен начин, со шеги, за кои вели, дека во еден период го красеа овој театар.
„Имаше кохезија меѓу артистите, сега е малку олабавена. Ние сме знаеле во тој период да седиме, да се караме, да пееме и да се радуваме но , сѐ со цел да биде креативно, позитивно во креативниот процес. Денес мислам дека Драмски полека се вади од таа ситуација, кога имаше една погрешна репертоарска политика, затоа што одеднаш се направи огромна празнина меѓу нешто што беше евидентно потврдено како квалитет меѓу личностите кои работеа. Се дојде до една ситуација, дали од финансиска точка или од непоседување на капацитет кај тие што работеа, почнаа да се прават петпарачки претстави, кои не можеше да се споредат, не можеше да бидат ни со малку помала оцена оценети од оние кои ги правевме. Многу е важно да се знае да се направи репертоарска и кадровска политика. Драмски има актери кои не беа доволно искористени, ако една група од нив е на врвот на популарноста, тоа требаше да се искористи, но не се искористи. Во таа борба на генерации, тој рез направи многу длабока рана за Драмски театар, а мислам дека сега се враќааат ситуациите на правилен терк. Треба да се негува таа кохеретнтност на постоење на генерации, на размислувања, на енергија, на физичка и ментална снага“, вели Лукаревски.
Продолжува дека за него има само добро или само лоши претстави, не може да е половично, во стилот „добро е, ама овде може вака и така“.
„Претставата е лоша кога претставува товар за публиката, кога публиката не може да ја перцепира претставата. Ако почнеме да правиме апстрактни варијанти, кои што се исполнети со метафизика, тоа е страшен проблем. Јас не велам дека не треба да има специфика во режирањето, во создавањето, но мора прво да се најде начин како да се доближи до публиката. Наједноставно е да ја гледа и да не го допре, ќе си замине и нема да се врати веќе в театар. Зошто да плати карта да дојде и некој да се изживува со него. Ако сум гледач и ме тераш да се смеам, ќе се смеам, ако ме тераш да плачам, ќе плачам. Но да ми ставаш сладолед на глава и да ме мачиш, не може“, рече Лукаревски.
Б. НЕСТОРОСКА