РОКЕНРОЛОТ НЕ Е МРТОВ – ИТАЛИЈАНСКАТА ГРУПА „МАНЕСКИН“ ПОБЕДИ НА ЕВРОВИЗИЈА

    РОКЕНРОЛОТ НЕ Е МРТОВ – ИТАЛИЈАНСКАТА ГРУПА „МАНЕСКИН“ ПОБЕДИ НА ЕВРОВИЗИЈАИталијанската рок-група „Манескин“ победи со „Тивки и добри“ и освоени 524 поени. (Фото: ЕБУ)

    (Специјално од Ротердам: Игор ТРАЈКОВСКИ)

    На синоќешното евровизиско финале, во конкуренција од 26 композиции и пред публика од само околу 3.500 гледачи, победи италијанската рок-група „Манескин“ со фантастична изведба на „Тивки и добри“ (Zitti e buoni) и освоени 524 поени. Песната беше победничка и на годинашниов фестивал во Сан Ремо, кој служи и како италијански национален избор за претставник на Евровизија. Франција, која заедно со Италија беше меѓу фаворитите за победа, заврши на второто место со 499 поени, пред Швајцарија со 432 и Исланд со 378. Ова е трета победа на Италија на Евровизија, по победите на Џиљола Чинквети во 1964 и Тото Кутуњо во 1990.

    За првпат, дури 4 земји добија по нула поени од публиката – Велика Британија, Германија, Шпанија и Холандија. Велика Британија единствена доби нула поени и од од жиријата, па заврши на последното 26. место.

    Италија сега ја презема организацијата на Евровизија 2022, но кој град ќе биде домаќин е сѐ уште неизвесно. (Фото: ЕБУ)

    Годинашново 65. пандемско евровизиско издание ќе остане запомнето по извонредната организација во тешки услови, континуирани корона-тестови за сите што последниве две недели имаа пристап до комплексот „Ахој“, одлична сцена со ултрамодерна техничка поддршка, тешко достапни делегации поради рестрикциите за контактирање и групирање, непостоечки промотивни забави и настани, и речиси комплетно отсуство на туристи. Холандија, која вложи милиони во организацијата, со фестивалот ќе заврши во финансиска загуба бидејќи отсуството на посетители и драстично редуцираната публика повлекува со себе и отсуство на приходи. Сепак, атмосферата и под тие услови беше одлична, и се покажа дека настани од помасовен карактер и во овие напорни времиња можат да се организираат безбедно.

    Евровизијава, која беше најголем настан одржан во последниве 15 месеци, веројатно ќе биде репер за организација на сите други кои ќе следат во наредниов период.

    Од резултатите за сите натпреварувачки вечери кои беа објавени по финалето, дознавме дека на првата полуфинална вечер во вторникот Македонија со „Стојам тука“ на Васил Гарванлиев заврши на 15. место од 16 пејачи, со освоени вкупно 23 поени. Полоша од нас беше само Ирска. Ако има нешто позитивно да се извлече од искуството, тоа е дека веќе не нѐ ставаат во категорија „добра ви е песната, ама настапот ви е за никаде“. Оваа година категоријата беше „настапот ви е добар, ама песната не ви е за на фестивалов”.

    На првата полуфинална вечер во вторникот Македонија со „Стојам тука“ на Васил Гарванлиев заврши на 15. место од 16 пејачи, со освоени вкупно 23 поени. (Фото: ЕБУ)

    Во случајов – иако резултатот е ист – не дека песната е лоша туку, едноставно, прилега за театарска сцена, а не за евровизиска. Додека во 2019 со Тамара Тодевска имавме одличен баланс на песна и настап, годинава тоа не го повторивме. Александар Ристиќ, член на малубројниот српски евровизиски новинарски корпус, вели дека „проблемот со сите наши бившојугословенски држави е што најчесто целта ни е само да се провлечеме во финале, а не да победиме во финалето“. На победа можеби и мислиме отпосле, ако се протнеме, кога возот веќе поминал. А кога целта е само протнувањето, тогаш и тоа виси на конец.

    Ако речеме дека лекцијата за настап сега сме ја научиле, по две успешни сценски поставки, тогаш сега е време да ја повториме и доучиме претходната лекција за избор на песна, добра и соодветна за настан од овој калибар. Без двете научени лекции успех ќе нема.

    Италија сега ја презема организацијата на Евровизија 2022, но кој град ќе биде домаќин е сѐ уште неизвесно. Пред некоја година, кога Италија исто важеше за фаворит за победа, од РАИ изјавија дека во случај да победат би сакале настанот да го одржат во Торино. На победничката прес-конференција синоќа, истото прашање остана без одговор. Но, вечерта сепак ни даде одговор на прашањето дали рокенролот е мртов – Евровизија и Италија велат дека не е.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира