Нова серија сателити „старлинк“ вечерва можеше да се види како поминува на небото над Македонија.
Станува збор за малите сателити што периодично ги лансира компанијата на американскиот милијардер Илон Маск, „СпејсЕкс“, а чија крајна цел е формирање на констелација од сателити, кои треба да ја покријат целата Земјина топка со брз интернет.
Секој сателит е тежок 227 килограми и оваа констелација постепено ќе се надградува. Секој пат одеднаш се лансираат по 60 сателити, кои оставаат впечаток на воз.
Маск почна да го развива проектот „Старлинк“ во 2015 година и неговата вредност се проценува на 10 милијарди долари. „СпејсЕкс“ до 22 април лансирал 417 сателити и во план е тоа да се изведува на секои две недели. Констелацијата за почеток би требала да се состои од 12.000 сателити.