СЕМЕЈСТВОТО НА ФРАНЦУСКИОТ УМЕТНИК ЖАН ПЕЈРИСАК ПОДАРИ НЕГОВО ДЕЛО ЗА БИТОЛСКАТА ОПШТИНА

    СЕМЕЈСТВОТО НА ФРАНЦУСКИОТ УМЕТНИК ЖАН ПЕЈРИСАК ПОДАРИ НЕГОВО ДЕЛО ЗА БИТОЛСКАТА ОПШТИНАФранцускиот амбасадор Сирил Бомгартнер и битолскиот градоначалник Тони Коњановски ја претставија сликата во Општината. (Фото: СДК.МК)

    Францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер и битолскиот градоначалник Тони Коњановски ја открија голема репродукција, диптих, составена од две дела на францускиот уметник Жан Пејрисак (1895-1974) која ќе краси дел од внатрешните ѕидови на битолската општинска зграда. Репродукцијата насловена „Бреговите на Драгор во Моностар“ е изработена од дела што авторот ги насликал во Битола во 1917 кога бил дел од француската армија која се борела на Македонскиот фронт во Првата светска војна. Пејрисак е претставник на француската модерна уметност од 20. век, а во неговите дел има и елементи на кубизмот.

    „Ова дело е симбол на пријателството меѓу нас. Таа приказна за нашето пријателство е долга, но станува уште подлабока и почовечка. Оваа фреска е составена од репродукции на дела кои ја претставуваат старата битолска чаршија и бреговите на Драгор. Жан сакал да студира медицина, но започнала војната и се пријавил како доборволец, а во 1917  бил испратен на Македонскиот односно Солунскиот фронт во Солун и Битола. Неговите спомени од Солунскиот фонт го следат засекогаш. Во делата ќе престави многу мотиви од Битола. Преку оваа фреска Жан повторно се врати во градот кој толку силно го има приврзано“, рече францускиот амбасадор Бомгартнер.

    Репродукцијата е откриена по повод празнувањето на 104-годишнината од крајот на Првата светска војна. По војната Жан се разболел од маларија и жолтица, а откако се излекувал заминал да живее во Алжир и творел цело време, претежно мотиви од војната.

    Авторските права за делата ги отстапи семејството Пејрисак, чија внука Стефани рече дека се почестени што сеќавањето на нејзиниот дедо од средбата со македонскиот народ ќе бидат присутни во очите на многу посетители преку ѕидовите на битолската Општина. Репродукцијата ја направи уметничкото ателје Солак, а иницијативата за проектот ја даде историчарот од Франција Ерик Алан.

    „Ова е уште една потврда за нашата соработка во делот на културата и уметноста. Ова дело потекнува од 1917 и отсликува еден мошне значаен период за Битола. Верувам дека ќе претставува вистинска атракција за многу гости кои ќе ја посетат Битола и ќе сведочи за добрата меѓународна соработа која ја негува Општината“, рече градоначалникот Коњановски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира