Северниот бел носорог е на работ на изумирање, откако последниот мажјак од видот почина, потврдија денес конзерваторите од Кенија.
Носорогот Судан имаше 45 години и беше последниот мажјак од овој вид, кажа Ричард Вигне, извршен директор на конзерваторијата „Ол Пејета“ во Кенија.
Судан, кој беше чуван од неколку вооружени стражари за да го заштитат од ловокрадство, страдаше од компликации поврзани со неговата возраст, кои доведоа до дегенеративни промени на мускулите и коските, комбинирани со големи рани на кожата, кажа Вигне.
„Ветеринарите одлучија да го евтаназираат животното вчера, откако тој не можеше да стане и откако стана јасно дека многу страда. Тој беше голем амбасадор за видовите и ќе биде запаметен по работата за подигање на свеста глобално за заканите од исчезнување со кои се соочуваат не само носорозите, туку и многу други видови, како резултат на несовесната активност на човекот“, кажа Вигне.
По смртта на Судан остануваат уште само две женки носорози, неговата ќерка Најин и внуката Фату, кои исто така живеат во „Ол Пајета“.
Сè досега сите обиди да се добие машки наследник пропаднаа, поради малата количина на сперма од Судан.
Генетскиот материјал од Судан е собран вчера, и експертите се надеваат дека ќе можат да го употребата за да репродуцираат бел носорог преку напредни клеточни технологии. Проценетата цена на ин-витро оплодувањето за да се создаде жив северен бел носорог е 9 милиони долари. За да ги соберат парите, конзерваторите лани направија профил на Судан на социјалната мрежа за интимни средби „Тиндер“, со надеж дека ќе го заштитат од исчезнување.
Профилот на Судан беше паметен начин да се соберат пари: Кога посетителите ќе кликнеа на неговата слика од десно, со што на Тиндер се искажува интерес, беа пренасочувани на веб страницата за донации,.
Судан е роден 1973 година, најверојатно во Судан, но првиот дел од животот го мина во зоолошка градина во поранешна Чехословачка, пред да го префрлат во Кенија.
Северниот бел носорог е критично загрозен и можно е набрзо да исчезне. Тие тежат и до 2.400 килограми, и е трето најголемо животно во Африка по слонот и нилскиот коњ.