Скопската активистка Јасмина Голубовска, чиј гест на антивладините протести на 5 мај, 2015 во Скопје го обиколи светот, е вброена меѓу фотографиите на пркосни жени што станале икони на граѓанскиот отпор изминативе децении. Фотографијата на која демонстрантката Јасмина Голубовска го користи штитот на полицаецот како огледало за да си стави јарко црвен кармин е меѓу 8-те најславни што ги споменува британскиот весник „Гардијан“. Фотографијата ја сними фоторепортерот Огнен Теофиловски, соработник на агенцијата Ројтерс.
Во текстот насловен „Фотографии од протестите: моќта на една жена против светот“, „Гардијан“ пишува дека често најславните слики од протестите се оние на кои пркосат жени. Меѓу нив е вброена и онаа со Голубовска. Како што вели „Гардијан“, овие слики „ни даваат надеж дека протестите можат да успеат, и дека постои сила во едноставните изрази на човечност“.
Демонстрациите пред Владата на 5 мај, 2015 беа израз на револт откако дента СДСМ во бомбите од прислушуваните разговори откри дека МВР на чело со министерката Гордана Јанкуловска се обиделе да ја скријат смртта на Мартин Нешковски кој беше брутално претепан од припадник на полицкските тигри на 6 јуни, 2011 на прославата на победата на ВМРО-ДПМНЕ на Плоштадот Македонија. Повеќечасовните масовни демонстрации беа насилно растерани од полицијата, а повеќемина демонстранти беа уапсени и судските процеси против нив уште траат.
Овие демонстрации, заедно со студентските протести кои почнаа во декември, 2014 и ланските на Шарената револуција, се најголемиот континуиран израз на граѓанскиот отпор во Македонија досега.