„ШПАРКАСЕ БАНКА“ ЈА ПОЧНУВА ПРОГРАМАТА „ЧЕКОР ПО ЧЕКОР“ ЗА ПОДДРШКА НА МЛАДИ ПРЕТПРИЕМАЧИ

    „ШПАРКАСЕ БАНКА“ ЈА ПОЧНУВА ПРОГРАМАТА „ЧЕКОР ПО ЧЕКОР“ ЗА ПОДДРШКА НА МЛАДИ ПРЕТПРИЕМАЧИПрограмата „Чекор по чекор“ на „Шпаркасе банка Македонија“ е првата акцелераторска програма од овој вид, која има за цел да обезбеди финансиска и општествена поддршка на компаниите што се во почетната фаза на отпочнување сопствен бизнис, со можност за кредитирање во износ до 25.000 евра и понуда на разновидни пакети на образовна, финансиска и менторска поддршка. - Владимир Кечовски, директор на Дирекцијата Микроклиенти во „Шпаркасе“

    Одбележувајќи ја десетгодишнината од своето присуство во Македонија, „Шпаркасе банка“ ја стартува првата акцелераторска програма за поддршка и реализација на стартап бизниси, насловена „Чекор по чекор“.

    Наменета за млади претприемачи, односно компании помлади од 36 месеци, како и за нови бизнис идеи, таа треба да помогне во почнувањето на сопствен бизнис, за што преку Европскиот инвестициски фонд се обезбедени 1,5 милиони евра. Програмата нуди едукативна, финансиска и менторска поддршка.

    Аплицирањето, што ќе се одвива преку сајтот sparkasse.mk, почнува денеска и ќе трае еден месец, а најголем износ што ќе може да се одобри е 25.000 евра.

    „Ова е програма за кредитирање на нови, млади, динамични, иновативни мали бизниси и е во соработка со Европскиот инвестициски фонд, кој ги обезбеди средствата. Ова е проект кој не обезбедува само кредитна поддршка за малите претприемачи и стартап бизнисите, туку ова е партнерство кое започнува со едукација и изработка на бизнис планови, потоа нивна селекција и на крај, финансирање и реализација на бизнис идејата. Затоа, ова е еден вид акцелератор за стартап бизниси, за, како што самото име кажува, чекор по чекор да се обезбеди реализација од идеја до финализирање на проектот. Цел е младата популација која има здрави, добри и одржливи идеи, со цел да се зголеми нејзина вработеност“, изјави претседателот на Управниот одбор на „Шпаркасе банка“, Глигор Бишев.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари