ШТИПЈАНЕЦ СТАНУВА И СИ ЛЕГНУВА СО СЛИКАТА НА ТИТО

    ШТИПЈАНЕЦ СТАНУВА И СИ ЛЕГНУВА СО СЛИКАТА НА ТИТОПоранешниот титов гардист, пензионерот Стојчо Василев, 34 години за 4 мај оди во посета на гробот на Тито во Куќата на цвеќето во Белград, а низ Штип се шета со сликите на Тито и Јованка Броз (Фото: СДК.МК)

    Штипскиот пензионер Стојче Василев, по смртта на Јосип Броз Тито постојано ја посетува Куќата на цвеќето во Белград каде се поклонува пред гробот на Тито, положува цвеќе ја бакнува неговата слика што ја носи на своето палто и се враќа во Македонија.

    „Откако Тито умре, секоја година на 4 мај ја посетувам Куќата на цвеќето. Тоа значи дека годинава одам по 34. пат. Во последните години тоа го правиме со група титови подджувачи од Штип и од Кочани. И оваа година за Белград замина цел автобус со патници од повеќе места во Источна Македонија“, вели поранешниот титов гардист.

    Василев бил војник во Кавадарци, а потоа добил прекоманда во Белград каде бил член на титовата гарда. По војската се вратил во Штип и се вработил во Градежното претпријатите „Пелагонија“.

    „Бев дежурен таа ноќ кога Тито умре. Многу тешко ја примив веста за неговата смрт. Плачев цела ноќ. Кога заминав во пензија, решив да ја носам сликата на Тито на моето палто. Со гордост се шетам насекаде со таа слика. Додека можам, на 4 мај ќе одам на Куќата на цвеќето. Да оживее Тито пак ќе направи убава држава“, вели Василев, кој една слика со Тито има залепено на пижамата, а на палтото со кое излегува едната слика е само со Тито, а другата Тито со Јованка Броз.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира