Со интензивна зелeна боја, во нијанси приближнo на полускапоцениот камен хризолит, обоена е буковата шума околу манастирот „Света Ана“ над пелистерското село Маловишта. Манастирот, кој бил изграден пред 82 години, а постојат податоци дека храм имало и во 18 век, најчесто збира гости за славата на седми август. Напролет бидејќи патот е каллив, ретки се намерниците што се искачуваат по пелистерските падини за да дојдат до „Света Ана“. Но, оние кои во ова доба се впуштаат во ваква авантура и минуваат пеш по многу стрмен пат, не можат да ја заборават убавината на теренот, посебно зелената боја на шумата.
„Ова е неверојатно, цел живот планинарам, но оваа зелена боја е магична. Шумата е толку густа што не ви дава видик понатаму. Тука се спојуваат пролетта со есента. Додека дрвјата пролетно зеленеат, патот е прекриен со лисја изпаѓани од есента. Во селото е сончево, а шумата е во сенка од букови стебла. Во Маловишта е топло, а на манастир свежо зашто е подигнат на 1.410 метри надморска височина. Ова е Пелистер и не само моликата, туку и буката знае да биде чудесна“, коментира планинарот Никола Митревски.
Манастирот е оддалечен од селото Маловишта два и пол километри. Се стигнува единствено по стрмен планински пат. Тука никакво влијание нема извршено цивилизацијата, па патот е оставен онака како што го обликувала природата со децении. Од страните висок, а на средина вдлабнат. Минувачите мора да внимаат каде се движат зашто прекриен е со дебел слој листови и не можат точно да видат дали газат на земја, камен или корен од дрво. Местото изобилува со изворчиња, осојничаво е па во овој период од годината знае да биде доста калливо. Сепак, сè заедно дава несекојдневно уживање во боите на природата, звуците на птиците и чистиот пелистерски воздух. Во оваа густа шума која е дел од Националниот парк Пелистер нема ни грам од штетените ПМ10, и ПМ2,5 честички или уште помала ситна прашина.
По напорната патека, манастирот е место за починка, засолниште доколку има невреме и секако за молитва на верниците. Има многу легенди за неговата чудотворна моќ. Некои веруваат дека дава пород, а други со ноже делкаат од кората на старото стебло вградено во храмот и ја носат дома со надеж дека ќе им донесе среќа во семејството, а трети пијат од изворот верувајќи дека е лековит.
Местото изобилува со спокој, а манастирот со икони, дел изработени во 1930-те години. Има и постари на кои им е потребна реставрација.
„Света Ана“ е опколена и со други храмови, како што е црквичката „Свети Спас“ високо во планината под врвот Пирамида на 2.000 метри надморска височина. Оние кои сакаат да останат и да уживаат подолго во овој крај, каде секое годишно време има своја убавина, може да преноќат во конаците. Има трепезарија и топло огниште, зашто тука вечерите и преку лето се свежи. Другиот ден, можности за прошетки има многу, една од обележаните патеки води за Копанки, каде пеш се стигнува за неполни две часа.
Ж. ЗДРАВКОВСКА