СИТЕ САКАМЕ ЈАНЕ ДА ПРООДИ, И ВО СКОПЈЕ ПОЧНА КАМПАЊАТА ЗА ДЕНОТ НА РЕТКИ БОЛЕСТИ

    СИТЕ САКАМЕ ЈАНЕ ДА ПРООДИ, И ВО СКОПЈЕ ПОЧНА КАМПАЊАТА ЗА ДЕНОТ НА РЕТКИ БОЛЕСТИУчениците од основното училиште Димитар Поп Георгиев Беровски денеска ги цртаа лицата, за да му дадат поддршка на Јане и другите лица со ретки болести, како дел од кампањата за Денот на ретки болести.(ФОТО: Ѓ. Личовски)

    Со цртање на лицата како дел од кампањата за одбележување на Денот на ретки болести што почна во Охрид, денеска во Скопје соучениците на Јане Велковски, кој боледува од спинална мускулна атрофија (СМА), му покажаа дека тој е нивниот херој и го поддржуваат во неговата борба да прооди.

    На голем плакат во форма на срце школските другари му напишаа пораки на Јане дека силно како и тој посакуваат да стане од неговата електрична количка и да заигра фудбал (ФОТО: Ѓ. Личовски)

    Од утрото во основното училиште Димитар Поп Георгиев Беровски во скопската населба Хром, децата не само од одделението на Јане туку и од другите класови ги цртаа лицата со бои и му подготвуваа подарок. На голема плакат во форма на срце тие му напишаа пораки на нивниот другар, дека силно како и тој посакуваат да стане од неговата електрична количка и да заигра фудбал.

    „Јане, јас верувам во тебе и знам дека можеш да успееш. Секогаш ќе бидам со тебе, хероју мој. Јане јас многу те сакам, ти ќе бидеш славен и ќе бидеш мој херој. Јане ти ќе бидеш славен фудбалер, јас те сакам“, беа дел од пораките.

    Сакаме Јане да прооди и заедно да играме фудбал, велат школските другари на Јане кои денес ги цртаа лицата (ФОТО: Ѓ. Личовски)

    „Многу ви благодарам што ми давате поддршка. Ми покажавте дека сите сме еднакви и нема разлики меѓу нас“, им рече Јане на школските другари и истрчаа во училишниот двор каде место фудбал играа со балони, кои подоцна ги фрлија како поддршка за сите лица со посебни потреби.

    Наставничката на Јане, Гордана Наумовска Трајкоска вели дека одлучиле малку порано да го одбележат Денот на ретки болести бидејќи денеска е ден на љубовта и децата сакале да покажат колку го сакаат нивниот другар кој и покрај болеста и во количка секој ден игра фудбал со нив.

    „Сите деца ги цртаа лицата за да апелираат Јане и останатите деца со ретки болести да го добијат својот лек. Јане постојано зборува колку сака да стане фудбалер. Децата го знаат тоа па дури и кога ги кажуваа новогодишните желби велеа дека една од желбите им е нивниот другар Јане да прооди“, вели Трајкоска.

    Меѓународниот ден на ретки болести се одбележува на 28 февруари. Годинава мотото на кампањата, која почна во Охрид, е лицата обојат лицата во различни бои во форма на рака, со цел да се зголеми свеста за ретки болести и да се даде поддршка на овие лица.

    Меѓународниот ден на ретки болести се одбележува на 28 февруари. Годинава мотото на кампањата е лицата обојат лицата во различни бои во форма на рака, со цел да се зголеми свеста за ретки болести и да се даде поддршка на овие лица.(ФОТО: Ѓ. Личовски)

    Јане, кој беше дел од кампањата на УЕФА „Еднакви на терен“, од своето раѓање боледува од спинална мускулна атрофија тип 2 (СМА) и е врзан за инвалидска количка. Пред две години, Фондот за здравство му одобри операција на Јане на Kлиника во Париз за корекција на сколиозата која е очекувана последица од СМА. Со примена на нов метод во рбетниот столб на Јане му се поставени импланти. На секои шест месеци Јане оди во клиниката за да му продолжуваат имплантите кои треба да го следат неговиот раст. Сега Јане чека државата да му го обезбеди лекот „спинраза“, кој може да му помогне во оставарување на неговиот сон да застане на нозе и заигра фудбал.

    „Ми покажавте дека сите сме еднакви и нема разлики меѓу нас“, им рече Јане на школските другари (ФОТО: Ѓ. Личовски)

    Премиерот Зоран Заев на 3 јануари годинава во својот кабинет го прими Јане и му  вети дека ќе го добие лекот.

    „Веднаш ќе почне постапката за обезбедување на лекот ‘спинраза‘ и нема да прекинеме додека не го обезбедиме за сите болни од спинална мускулна атрофија во Македонија“, напиша премиерот Заев на својот фејсбук профил по средбата со Јане.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира