СКОПЈЕ ВЕЌЕ НЕМА УРБАНИЗАМ, ТОА Е ЖАЛНО, ВЕЛИ МИМОЗА НЕСТОРОВА-ТОМИЌ, АРХИТЕКТКА ШТО РАБОТЕЛА НА ОБНОВА НА СКОПЈЕ ПО ПЛАНОТ НА КЕНЗО ТАНГЕ

Може да ги учите жителите на дисциплина ако им создадете услови за дисциплина, вели во разговор со САКАМДАКАЖАМ.МК, Несторова-Томиќ која луцидно се сеќава на почетоците, на постземјотресно Скопје, работата со Танге и колегите од Југославија и дава критики и совети за градските власти и за младите архитекти.

    СКОПЈЕ ВЕЌЕ НЕМА УРБАНИЗАМ, ТОА Е ЖАЛНО, ВЕЛИ МИМОЗА НЕСТОРОВА-ТОМИЌ, АРХИТЕКТКА ШТО РАБОТЕЛА НА ОБНОВА НА СКОПЈЕ ПО ПЛАНОТ НА КЕНЗО ТАНГЕМимоза Несторова-Томиќ минатиот месец го доби признанието „Опера омниа“ (Мојот опус) од меѓународното друштво Шеар Архитектс (Share Architects) за забележителни достигнувања во архитектурата во текот на целата нејзина кариера (Фото: К. Попов)

    Деведесетгодишната архитектка Мимоза Несторова-Томиќ, една од најреномираните автори и урбанисти во Македонија, минатиот месец го доби признанието „Опера омниа“ (Мојот опус) од меѓународното друштво Шеар aрхитектс (Share Architects) за забележителни достигнувања во архитектурата во текот на целата нејзина кариера. Во богатата и наградувана кариера, за Несторова-Томиќ се издвојува дека како дел од тимот на Градскиот завод за урбанизам и архитектура работела на Деталниот урбанистички план за скопската Стара чаршија, за реконструкција на Сули ан, на ревитализација на Старата чаршија и Чифте амам, авторка е на проектот за стоковната куќа „Беко“, на Музејот на Македонија (со Кирил Муратовски), работела реконструкција на ентериерот на Универзалната сала и била една од урбанистите кои работеле на разработка на проектот од јапонскиот архитект Кензо Танге, на обновувањето на Скопје после земјотресот.

    Во разговорот за САКАМДАКАЖАМ.МК, Несторова-Томиќ луцидно се сеќава на почетоците, на постземјотресно Скопје, работата со Танге и колегите од Југославија и дава критики и совети за градските власти и за младите архитекти.

    Мимоза Несторова-Томиќ во богатата кариера била на студски престој во Франција, на тримесечна специјализација во Лондон, на петмесечен престој во САД, на едномесечен престој во Лондон и Ротердам и на студиско патување во Франција и во Англија (Фото: K. Попов )

    Родена е во Струга во 1929 година, каде завршила основно образование, па една година учела во охридската Гимназија.

    „Татко ми сакаше да знам што повеќе јазици, и ме пушти во Битола, во француски пансион. Таму бев еден семестар, почна војната во Југославија и се вратив во охридската гимназија. Бев меѓу добрите ученици. Конкурирав за на технологија, но според планската распределба, ме запишаа на Архитеконски факултет при Техничката висока школа во Белград. Таму атмосферата беше многу интересна, сите сакаа да се дружат, дали дека после војната, сите републики се дружеа“, вели архитектката.

    Дипломирала во 1953, и кога дошла во Македонија, ја однела дипломата во Министерство за труд и оттаму ѝ рекле дека за една недела ќе ѝ јават каде ќе биде распоредена.

    „Во тој период во Македонија имаше многу малку стручен кадар и среднистите станаа министри. Важно беше да има кој да работи и да ја реализира програмата. Тие ми испратија писмо да се јавам на Институтот за народна архитектура при Техничкиот факултет во Скопје, станав асистент и работев 12 години. После земјотресот факултетот мируваше, ама дојде циркуларно писмо од Завод за урбанизам, кој може од фирмите што имаат стручен кадар да се пријави да работи. На факултетот има педагошка работа и нема многу работа за да се ангажирате да правите проекти. Ние правевме проекти за побрзо да се изгради индустрија, школство, болници и други обични амбуланти. Проектите се купуваа и ние ги разработувавме“, вели таа.

    По земјотресот на 26 јули 1963, на 27-ми во Скопје доаѓа Тито и вели дека Скопје ќе биде поубаво и помодерно, со солидарност на цела Југославија.

    „По три дена се јави во Обединетите нации и им вели дека ни треба помош. Кенеди се јавува и кажува дека полската болница која е во Берлин ќе оди да помогне во Скопје. Збунети сме, од Запад ни даваат помош. Болницата ја сместија во Куманово, таму имаше 18 хирурзи, од скандинавските земји, од Германија и од Франција. По една недела се јавува Хрушчов и вели дека Русија ќе пушти исто толку единици со опрема за спасување. Одеднаш во Скопје, на тој размрдан терен доаѓаат две спротивставени војски, и почнаа нормално да функционираат“, се сеќава Несторова-Томиќ.

    Целата операција за повторна изградба на Скопје ја водел архитектот Ернест Вајсман, кој дипломирал во Белград. Тој им рекол, ќе ви дојдат тројца суперстар експерти: Морис Ротивал од Франција, кој предавал на Јеил и е урбанист на два континенти, Константинос Доксијадис кој се занимава со теорија на екистиката и третиот е Кензо Танге, таткото на теоријата за метаболизам. Меѓународното жири составено од значајни урбанисти го одбрало проектот на Танге, затоа што имало извонредна организација во градот.

    Несторова-Томиќ вели дека од целиот проект на Кензо Танге е реализирано близу 35 отсто.  (Фото: К. Попов)

    „Тој беше голем, но многу скромен архитект. Неговиот проект за Градска порта е голем и сè почнува од Железничката станица. Станицата сами ја правеа Јапонците без македонски архитекти, комплицирано беше бидејќи никој не сакаше да ја помести станицата од центарот на Скопје, но возот правеше голем проблем на улицата 11 Октомври, и таму по 2-3 часа Кисела Вода беше отсечена. Кога се одлучија да се гради, нашите бараа да има 15 ленти. Јапонците пресметаа и викаат: ‘Што ќе ви се. И да ви се реализира проектот со Бугарија, доста ви се 5 ленти, не сте ни почетна ни крајна станица, туку транзитна’“, вели таа и додава:

    „Танге беше заколнат функционалист. Тој вака велеше: Во 8 часот стигнувате со возот на Железничка станица. Тука треба да има плоштади, луѓето да се сретнуваат, да комуницираат. Потоа одите во комплексот банки, тие се мал Волстрит за Македонија, треба да има што повеќе банки за луѓето да имаат избор. Веднаш до комплексот е Републичкиот центар, каде едно до друго треба да бидат поставени министерствата за екологија и архитектура, и економија и финансии едно до друго, да не одите низ цел град за да завршите работа.  Оттука одите во Градскиот трговски центар, во близина е Културниот центар (на денешниот простор на Националната опера и балет, Факултетот за музичка уметност, Средното музичко училиште и Филхармонијата н. з.). Танге предвидува во 16 часот да се качите со возот, и во 16:07 да ручате со фамилијата. Неговиот проект за Градска порта завршува до Градски ѕид, а пак за него, е само идејата задржана. Не беше таков концептот. Од целиот проект на Танге реализиран е близу 35 отсто“, кажува Несторова-Томиќ.

    Вели дека околу Железничката станица требало да има станбени згради од по 17 ката, по три лево и десно, кои ќе донесат живост, да не биде отуѓено тоа место. Танге им укажувал дека на последните спратови треба да има апартмани.

    „Кога од СИЗ го видоа планот и рекоа: ‘Ауу, за гастарбајтери ли ќе ги правиме’. Танге е Јапонец и не знам како ја проценил тогашната политичка ситуација во Југославија и ни рече: ‘Не знам дали ќе имате амбасади, ама конзулати ќе имате и спремајте се барем да имате што да им понудите. Ние влеговме неспремни во сè. Потоа што се случи, луѓето земаа кредити за да ги оспособат куќите да им ги издадат на цели амбасади“, вели Несторова-Томиќ.

    Несторова-Томиќ има добиено повеќе награди во кариерата, меѓу кои и „13 Ноември“, а во 2011 ја доби наградата „Андреја Дамјанов“ за животно дело од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (Фото: К. Попов)

    За време на работата во Заводот за урбанизам и архитектура, Несторова-Томиќ говори за искуството со тимот од Варшава, со кој до крај работела на урбанистичкиот план за Скопје.

    „Првпат се судривме со авторитет од власта кога требаше да се лоцира Железарата. Таа беше лоцирана по партиска линија, а ние рековме за 20 години ќе биде во Центарот. Не нè послушаа, речено-сторено, сега е во центар. Во сообраќајната студија направена по Беркли најлесно е решено Скопје, нема ниту трамвај ниту тролејбус, туку единствено превозно е автобус кој доаѓа на секои 7 минути. Таа студија еднаш не ја отворија надлежните. Полјаците ме научија на голема професионалност. Кога ќе добиев проект од урбанизам или архитектура, прво треба да се провери маркицата, со еден предпроект, прво да видите како ќе влезете. Не како што го направија Археолошки музеј, го изградија па видоа нема од каде да влезат. Андреј Дамјанов како вели: ‘Не оди близу до вода, водата ќе ти ја сруши куќата кога тогаш’. А денес како, сите државни згради ги напикаа покрај кејот. На ронатица не оди и на суводолица, а Водно е целото компромитирано“, вели таа.

    „Не сум шовинист, но жените барабар со мажите ја градеа својата држава. Сум била на работни акции. Еден Јапонец ми вели: ‘Сигурно си член на партија’. Велам: ‘Не, туку од мали нè навикнуваа на работа’. А денес, мала е навиката за работа, а голема е љубовта кон кафулињата. Да се добие плата, а да не се работи“, вели таа.

    За еден од најдрагите објекти го издвојува Републичкиот секретаријат за внатрешни работи (МВР), кој требало да се изгради кај денешен „Сити мол“.

    „Пет фирми бевме поканети, но ние, Завод за урбанизам, добивме прва награда. За жал, ‘Пелагонија’ се наметна за да не пропадне фирмата и ним им дадоа да го градат. Не ги знаеме сите ујдурми, демек немало пари, ама ете се изгради таму кај што е денес, на ачик место“, вели таа.

    Говорејќи за кршење на авторските права, се наметна прашањето за „Скопје 2014“, и Несторова-Томиќ вели дека „неговите креатори треба еднаш да седнат и на сите да ни објаснат зошто не вратија во 16. век“.

    „Јас сум поборник на тој културолошки урбанизам, зад кој стојат Џон Расел и Вилијам Морис, кои велат: ‘Ништо не смеете да рушите. Само субстандардот може да го рушите. Тоа е изградено со наши средства и затоа не ми е комплекс да речам да не се руши. Ќе го цитирам, Еразмо Ротердамски ‘Ова е мала пофалба на лудоста‘. Сметам дека треба да остане како споменик на срамот“, вели таа.

    „Полјаците ме научија на голема професионалност. Кога ќе добиев проект од урбанизам или архитектура, прво треба да се провери маркицата, со еден пред проект, прво да видите како ќе влезете. Не како што го направија Археолошки музеј, го изградија па видоа нема од каде да влезат“, вели урбанистката Несторова-Томиќ (Фото: К. Попов)

    На прашањето што денес најмногу ѝ пречи за Скопје, наградуваната архитектка вели: „На градов му фали зеленило, градот зависи од зеленило, а ако е зеленилото уредно и кантите ќе бидат чисти. Ние сме многу паничари, во сѐ сакаме да се мешаме, направија толку многу гаражи, а тие не се рентабилни. Луѓето штом добијат власт мислат дека се многу паметни. Ѓубрето е урбанистички проблем. Ставете контејнери и ќе го решите проблемот. Сите шетаме по градовите, па земете од таму нешто и спроведете. Многу ме боли што е неуреден град. Скопје е главен град, не се потруди да го задржи Заводот за урбанизам и архитектура. Нема урбанизам во Скопје и тоа е жално. Порано, во Заводот имаше одделение и за хортикулура и се знаеше за секој жител колкава квадратура зеленило следи. Градов не е освежен, сакаме да знаеме каде ни се пешачките премини, да се води сметка, тоа се најтривијални работи. Може да ги учите жителите на дисциплина ако им создадете услови за дисциплина“.

    Несторова-Томиќ смета дека денес Македонија изобилува со стручни лица и оти тие мора да се искористат, а на младите архитекти им порачува првенствено да се почитуваат меѓу себе, да создаваат атмосфера на взаемно почитување, тоа е култура која им ја налага самата професија, а не да се организираат во кланови и да планираат кој кого ќе уништи.

    „Младите треба да се борат за својата идеја, не со сила да ја наметнуваат, туку да бидат функционалисти, рационалисти и добри конструктори. Да не се плашат да влезат во иновации, затоа што идејата е важна кај архитектот. Како вели Гидеон: ’Кој нема идеја оди назад, кој има идеја оди напред’“, вели Несторова-Томиќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира