СЛАБИТЕ ОЦЕНКИ НА ДИСЛЕКСИЧАРИТЕ СЕ ЕДИНИЦА ЗА НАШЕТО ОБРАЗОВАНИЕ

    СЛАБИТЕ ОЦЕНКИ НА ДИСЛЕКСИЧАРИТЕ СЕ ЕДИНИЦА ЗА НАШЕТО ОБРАЗОВАНИЕШтетите кои ги создава неефикасното образование не се само едукативни, децата од нашиот школски систем излегуваат со многу ниска самодоверба, неразвиени вештини и слаба социјализираност.

    Мрзеливи, незаинтересирани, расеани, неинтелигентни, а некогаш и со ментална попреченост. Ова, многу често, кај нас се квалификации за учениците со дислексија. Состојбата е непрепознаена во нашето образование, а професорите се неинформирани и неедуцирани за неа како потешкотија во учењето.

    Недостатокот на ефикасни едукативни методи за деца со дислексија во нашите основни и средни училишта, остава трајни и несогледливи последици на младите во оваа клучна фаза на нивниот ментален и психички развој. Штетите кои ги создава неефикасното образование не се само едукативни, децата од нашиот школски систем излегуваат со многу ниска самодоверба, неразвиени вештини и слаба социјализираност. Тие се веќе убедени дека нешто не е во ред со нив, штом не можат да се прилагодат на наставата која е добра за повеќето од нивните врсници. Но, вистината е сосема спротивна. Децата со дислексија најчесто се со просечна или висока интелигенција, но со специфични едукативни потреби. Нивниот мозок поинаку ги процесира информациите, а течното читање, набројувањето, брзото меморирање, вербалноста, искажувањето на мислите се дел од нивните потешкотии.

    Дека нејзиниот син има дислексија, Билјана Божиновска се посомневала пред две години, кога тој имал 7 години и бил второ одделение. Во тој период требало да го совладува читањето, но тој давал отпор и се жалел дека и после краткотрајно читање е многу уморен. Од училиштето го потврдиле истото, но во тој момент таа не знаела кој точно може да ја детектира и потврди состојбата. Заради тоа, Билјана самата истражувала на интернет, барајќи искуства и методи како најдобро да му помогне на нејзиното дете.

    „Во тој период мојот син во училиште тешко го следеше материјалот, тешко препишуваше од табла, имаше проблеми при решавање на текстуалните задачи по математика, ги извртуваше нумеричките резултати, имаше лош и неразбирлив ракопис во домашната работа, контролните вежби и тестовите, речиси никогаш не земаше учество во дискусиите за време на часот и слично. За среќа, и покрај сите тешкотии со кои што се соочуваше, не покажа аверзија кон училиштето, освен одбивност да чита и да потроши повеќе време за да совлада одреден материјал“, објаснува Божиновска.

    Неуспехот на дислексичарите се третира како личен неуспех, а во суштина е институционален, поради неподготвеност на институциите и на наставниците да ја препознаат состојбата и соодветно да работат со нив, вели Билјана Божиновска

    Билјана своите сомнежи ги споделила со наставниците и со училишните педагог и психолог, но тие и побарале писмена потврда дека синот има дислексија. Потврдата за дислексија ја добиле годинава од психолог на Детската клиника.

    „Во училиштето оставија впечаток дека ќе се заземат целосно за да му помогнат во училишните активности, а посетија и еден од семинарите за  дислексија, кои ги организира здружението ’Ајнштајн’. Во меѓувреме мојот син, вон училиштето работи со дефектолог и тоа дефинитивно му е од голема помош. Со негова помош совладува некои техники за полесно читање и создава навика за препрочитување на текстот колку што е потребно за да го разбере. Како поминува времето, се чувствува посигурен и изразува се поголемо задоволство и среќа за успешно завршената работа“, посочува Божиновска.

    Таа смета дека за дислексичарите не е потребна посебна образовна програма, туку само прилагодување на пристапот на работа со нив. Најмногу од се, потребно е разбирање за нивната состојба и соодветна поддршка од наставниците со цел нивната надареност и талент да дојдат до израз.

    „Силно сум уверена дека проблемот мора да се решава на повисоко ниво, односно Министерството за образование би требало што поскоро да изготви кратки упатства и препораки за работа со ученици кои се соочуваат со дислексија. Се работи за значителна бројка, некаде од 10 до 15 проценти, ученици меѓу кои најголем број се натпросечно интелигентни. Доколку нашиот систем не е во можност на време да ја открие нивната состојба, а уште помалку да има соодветен образовен пристап, овие надарени ученици завршуваат осакатени, исфрустрирани и нереализирани. Нивниот неуспех се третира како личен неуспех, наводно поради мрзеливост или глупавост, а во суштина е институционален неуспех поради неподготвеност на институциите и неможност на наставниот кадар да ја препознае оваа состојба и соодветно да работи со овие ученици“, заклучува Божиновска.

    Средношколката Ана, пак, своите потешкотии во учењето ги открила кога имала 8 години. Во досегашното образование се сретнала со многу предизвици, но не дозволила дислексијата да и биде пречка. Таа вели дека чувствува многу голема самодоверба, првенствено заради големата поддршка од нејзиното семејство, во кое за дислексијата се зборува отворено и не се смета за никаков хендикеп, туку, напротив за дарба.

    Сомнежите дека детето се соочува со состојбата, на нејзината мајка Јасмина Ангелова и ги потврдиле логопедот и дефектологот со кои работела. Во основното училиште каде што учела, само психологот имал познавања за дислексијата, за разлика од одделенските и предметните наставници, кои воопшто не ја препознале состојбата кај детето. Во тој период Ана имала тешкотии со читањето и многу тешко се снаоѓала при писменото тестирање. Немала доволно време да ги прочита и разбере сите задачи, па тоа се одразувало и на успехот. Таа и денес, во трета година гимназија, се уште тешко чита, и` треба помош, особено по математика и за писменото изразување и пишување состави по македонски јазик. Но, дополнителен проблем, според нејзината мајка Јасмина, е што не добива поддршка од дел од професорите.

    „Мојата ќерка дома секогаш добива помош за да ги заврши училишните обврски. Во училиште, пак, помош добива само на нејзина иницијатива. Соработката со некои од професорите и е одлична, а од некои речиси и да не добива поддршка заради што и денес испрашувањето го преживува многу стресно, особено писмените тестирања и се срами доколку треба да чита пред соучениците“, вели Ангелова.

    Таа порачува дека државата и училиштата мора да ја исполнат својата обврска и да создадат еднакви услови за образование за сите деца. Потребно е дефинирање на дислексијата, а за професорите итна и добра едукација, како да ја препознаваат уште од најрана возраст и најважно, како треба да постапуваат со децата.

    „Се обратив до Министерството за образование и ја отворив темата за  децата со дислексија, но, за жал, кај нас работите многу бавно се менуваат. Многу далеку сме од другите земји каде и на факултетите идните наставници ги изучуваат предметите дислексија и дисграфија. Децата со дислексија имаат потреба од помош од стручни и едуцирани наставници, бидејќи сега тие со мака, снаодливост и со голема поддршка од дома, успеваат да го завршат образованието“, посочува Ангелова.

    Училиштето QSI изготвува индивидуални годишни и неделни наставни планови за сите деца, креирани според начинот на кој учениците најдобро учат и според нивните лични потреби, вели Катерина Николовска

    Дека образованието на деца со дислексија може да биде успешна приказна се доказ школските системи од развиените земји, кои применуваат различни едукативни методи што овозможиле многу дислексичари да имаат завиден академски успех. Некои од овие методи се применуваат и кај нас, но само во приватните интернационални училишта.

    „Не постои штета од рана интервенција. ’Најлошото’ нешто што може да се случи е детето да добие поддршка, па дури и ако подоцна се утврди дека не станувало збор за дислексија“, смета Катерина Николовска, терапевт за јазик и потешкотии во учењето во Центарот за диференцирано учење на меѓународното училиште „Квалити скул интернешанал“ (Quality School International-QSI).

    Таа посочува дека обврските на наставниците кои предаваат во редовна настава и работат со ученици со типичен развој е да ги препознаат симптомите и да интервенираат дури и кога мислат дека е сè уште рано.

    „Во суштина секое дете, без разлика дали има потешкотија или не, има индивидуален начин на учење, па според тоа би требало да има и индивидуален наставен пристап. Во QSI изготвуваме индивидуални наставни планови за сите деца со кои работиме. Секогаш има годишни и неделни планови кои се креирани според начинот на кој учениците најдобро учат и според нивните лични потреби. Јас работам индивидуално со секој ученик, со тоа што ги земам од часовите по англиски јазик и литература, кои им создаваат најмногу фрустрација бидејќи не можат да ги следат со очекуваното темпо. Доколку има потреба работам на сосема други вештини, различни од оние кои ги работат нивните врсници. Во некои случаи работам комбинирано на специфични вештини за читање и пишување, но и на адаптирана редовна наставна програма, а некогаш пак работам во помали групи само на адаптирана или модифицирана настава, која ја следи нивното одделение. Значи има индивидуална, изолирана работа со децата и работа со поддршка на час. Не можеме да поставиме генерално правило, затоа што се зависи од личната потреба на децата“, вели Николовска.

    Со оглед на тоа што QSI е меѓународно училиште во кое секоја година се менува структурата на деца, најчесто учениците доаѓаат со веќе воочена потешкотија во некои од европските или американски дијагностички центри. Но, и во случај дотогаш да не е препознаена, сите професори во училиштето се запознаени со дислексијата и сличните потешкотии кај учениците и од таму доаѓа првата информација. Запознаени се и наставничките во предучилишниот центар и градинката, затоа што и на таа возраст може да се забележат одредени симптоми кои доколку се игнорираат одат во лош прилог на развојот на детето.

    „Работиме по две Ортон Гиланхам(Orton Gilingham) методи. Едната е Take Flight, A Comprehensive Intervention for Students with Dyslexia која што е фонетски и фонлошки структурирана програма наменета исклучиво за деца со дислексија. Целта на Take Flight е да им овозможи на учениците со дислексија да го подобрат препознавањето зборови, точноста и течноста во читањето, разбирање на прочитаното и, секако, да им помогне во транзицијата од терапија во училницата во учење во „надворешниот свет“. Друга програма која исто така се користи е NILD Educational Therapy. Оваа програма е наменета за индивидуална работа или работа во мали групи. Фокусот на оваа терапија е развој на четирите главни компоненти: когнитивни вештини, перцепција, академски вештини и работа на емоции. Целта е да им се овозможи на учениците да развијат алатки за самостојно учење и функционирање како во училницата така и надвор од неа“, објаснува Николовска.

    Начинот на настава во „Нова“ е многу интерактивен и децата никогаш не се оставени сами да работат, секогаш им се нудат повеќе стратегии за работа, а тие си ја одбираат таа која им одговара“, вели Даница Тренева

    Меѓународното училиште „Нова“од 2012 година развива програми наменети за поддршка на децата со дислексија. Најголем фокус се става на развивање на техниките за читање, особено за течност и точност и разбирање на прочитаниот текст. Според Даница Тренева, академски јазичен терапевт, во „Нова“ целата настава се изведува преку различни сликовити демонстрации, моделирање и други техники, како и со графички организатори и давање доволно време детето да ја заврши задачата. Децата со потешкотии во учењето можат да добијат индивидуална програма за работа или пак да работат во рамките на наставниот план заедно со класот. За секое дете се прави индивидуална проценка, а крајната цел е да ги научат вештините кои им се потребни.

    „Начинот на настава во ’Нова’ е многу интерактивен и децата никогаш не се оставени сами да работат, секогаш им се нудат повеќе стратегии за работа, а тие си ја одбираат таа која им одговара“, вели Тренева.

    Таа е терапевт сертифициран од Fundamental Learning Center од Канзас, кој врши обука според програмата Take flight, составена од тим на педијатри, наставници и научници. Програмата предвидува висока динамика на работа со деца со дислексија и дисграфија, четири или пет пати неделно по 4 минути, индивидуално или во мали групи до 5 деца.

    „Во моментов јас работам индивидуално или во парови. На децата им ги моделирам јазичните шеми за да ги применат во читање и разбирање. Кога ќе станат свесни за нив тогаш и гледаат дека ги наоѓаат и ги применуваат и увидуваат дека на тој начин стануваат добри во читањето и на тој начин ја градат самодовербата. Наставниците ги следат моите препораки за работа во наставата, а размената на информации за секое дете се прави најмалку еднаш месечно“, вели Тренева.

     

     

     


    Сторијата ја подготви Сања Наумовска, во рамките на проектот „Не сум чуден, само имам дислексија!“

    Овој материјал е финансиран и изготвен со помош на Европската Унија и Граѓанската асоцијација МОСТ. Содржината на материјалот е единствена одговорност на Здружението за дислексија „АЈНШТАЈН“ и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија и Граѓанската асоцијација МОСТ.

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира