„Спејс Екс“ на Илон Маск успешно лансираше четири астронаути кон Меѓународната вселенска станица (ИСС) на првиот вистински такси лет што за НАСА го изведе приватна компанија. На летот се наоѓаат Американците Мајкл Хопкинс, Виктор Главер и Шенон Вокер и искусниот јапонски астронаут Соичи Ногучи и нивното пристигнување на ИСС се очекува утре во утринските часови по македонско време.
„Ова беше едно лудо полетување. Имаше многу насмевки“, кажа Хопкинс од капсулата „Кру дрегон“.
Компанијата на Маск ги обезбеди и капсулата и ракетата за мисијата, откако НАСА почна нова ера во која рутинските летови со астронаути во ниската орбита на Земјата ќе ги изведуваат комерцијални партнери. „Спејс Екс“ потпиша договор со НАСА од три милијарди долари за развој, тестирање и лансирање на астронаутска такси служба.
Летот треба да трае 27 часови, од кои патниците ќе одмораат осум часа.