СПОМЕН КУЌАТА НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО БИТОЛА ЗАТВОРЕНА ВЕЌЕ ТРИ ГОДИНИ, НЕМА ДОВОЛНО ПАРИ ЗА РЕСТАВРАЦИЈА

    СПОМЕН КУЌАТА НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО БИТОЛА ЗАТВОРЕНА ВЕЌЕ ТРИ ГОДИНИ, НЕМА ДОВОЛНО ПАРИ ЗА РЕСТАВРАЦИЈАВо 1901, Гоце Делчев два месеца престојувал во куќата на Ракиџиеви и до пред неколку години тука живееше едно семејство, па таа остануваше отворена (Фото: СДК.МК)

    Од пред три години затворена е Спомен куќата на Гоце Делчев во Битола поради лошата состојба во која се наоѓа објектот. Кога ќе биде отворена повторно за посетители, не може да се предвиди, зашто парите издвоени од Министерството за култура не стигаат за забрзано да се реновира. Годинава, од вкупните потребни средства за конзервација и реставрација на фасадата што ги побарал битолскиот Завод и Музеј, беа одобрени само шест проценти.

    Од Завод и музеј-Битола, во чија надлежност е Спомен куќата, велат дека се преземаат активности за реставрација, во согласност со висината на добиените средства.

    „Спомен куќата е затворена пред околу три години, кога е повлечена и дотогашната музејска поставка заради нејзино обновување и осовременување, но најмногу заради лошата состојба на самиот објект. Во првата фаза, во 2016 беше изработена проектна документација за осовременување на куќата. Минатата година беа доделени 250.000 денари за реализација на предвидените активности, со што беше комплетно заменета електричната инсталација и беа преземени некои помали зафати во ентериерот, што повторно беше во согласност со висината на доделените средства“, вели директорката Мери Стојанова.

    Куќата содржеше две изложбени простории со вкупна површина од 37 квадратни метри (Фото: СДК.МК)

    Пред повеќе години, едно семејство живееше во куќата и така придонесуваше да биде отворена и одржувана. По смртта на членовите на ова семејство, посетите се најавуваа во Завод и музеј. Денес, куќата е затворена.

    „Оваа година, со Годишната програма на Министерството за култура се доделени само 350.000 денари од повеќе од 5.799.000 денари колку што беа побарани за целосна реализација на проектот“, додава Стојанова.

    Во оваа куќа, Гоце Делчев во 1901 година престојувал во домот на тогашниот началник на Реонскиот комитет на ВМРО во Битолско, Михаил Ракиџиев. Во Битола останал два месеца, а за тоа време, во битолскиот затвор го посетил и војводата Даме Груев и остварил средби и со други истакнати припадници на револуционерната организација. На заминување, во знак на благодарност, му подарил пиштол на Ракиџиев, што како реликвија се пренесувал од генерација на генерација и на крај, завршил како вреден експонат во Спомен куќата.

    Куќата содржеше две изложбени простории со вкупна површина од 37 квадратни метри. Едната имаше документи и фотографии за дејствувањето на војводата, а во другата, каде Делчев ги одржувал состаноците, беше задржан ентериерот во оригинална состојба. Таму беше и гобленот извезен од разнобојни монистри, кој за спомен му бил даден на Ракиџиев од политичките затвореници во Централниот битолски затвор.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира