СПОМЕНИКОТ НА СЛОБОДАТА ВО КОЧАНИ ГО ОДБРАВМЕ СО ГОЛЕМА СИМБОЛИКА ЗА НАШИОТ ПРВ ПОГОЛЕМ НАСТАП ВО МАКЕДОНИЈА, ВЕЛАТ ОД „КАФЕ ДЕ АНАТОЛИЈА“ ЗА КОНЦЕРТОТ НА 16 АВГУСТ

    СПОМЕНИКОТ НА СЛОБОДАТА ВО КОЧАНИ ГО ОДБРАВМЕ СО ГОЛЕМА СИМБОЛИКА ЗА НАШИОТ ПРВ ПОГОЛЕМ НАСТАП ВО МАКЕДОНИЈА, ВЕЛАТ ОД „КАФЕ ДЕ АНАТОЛИЈА“ ЗА КОНЦЕРТОТ НА 16 АВГУСТ„Кафе де Анатолија“ е позната по организацијата на музики настани низ целиот свет. /Споменикот се реставрира со американски грант од над 254 илјади долари. (Фото: СДК.МК)

    На 16 август, дискографската куќа „Кафе де Анатолија“ од Истибања, Виничко организира музички настан на Споменикот на слободата во Кочани. Забавата почнува од 19 часот и ќе трае до наутро. Ќе настапат повеќе диџеи меѓу кои и Били Естебан, кој заедно со Риалианс он ерт и Моника Илиева е еден од основачите на „Кафе де Анатолија“.

    „Кафе де Анатолија“ стана меѓународно позната по соработката со домашни и странски диџеи и продуценти и по настапите низ целиот свет, меѓу другите и во Дубаи, Катар, Америка, Романија, Индонезија. Создава органик хаус музика со етно елементи, а работи со над 4.000 диџеи и продуценти од целиот свет, меѓу кои Армен Миран, Меркан Деде, Зума Динос и други од оваа сцена.

    „Го избравме Споменикот на слободата како локација поради неговата историска и културна важност, која додава посебна атмосфера на настанот. Оваа локација е и симболична, бидејќи ова е првиот наш поголем настап во Македонија и посебно се радуваме поради тоа“, ни рекоа од „Кафе де Анатолија“.

    Монументалниот Споменик на слободата во Кочани, во знак на сеќавање на историските борби на македонскиот народ од Илинденското востание до Народноослободителната (НОБ) и антифашистичката борба од Втората светска војна, е изграден на ридот Локубија, на северозападната страна на градот. Уметничко-архитектонското решение  е на авторите Глигор Чемерски и Радован Раѓеновиќ. Граден е во периодот 1975-1977, од Општина Кочани, а целосно е завршен во 1981.

    Споменикот се нарекува и Тврдина или Храм на слободата и е од огромно значење за поновата македонска уметност. На комплексот од отворени бетонски ѕидни конструкции се аплицирани 335 квадратни метри мозаични прикази со претстави на историската борба на македонскиот народ за слобода од Илинденскиот период, па до НОБ.

    Споменикот на слободата во Кочани од 2022 се реставрира со американски грант од 254.300 долари преку Амбасадорскиот фонд на САД за зачувување на културата (ФФЦП). Грантот го доби Општина Кочани од Амбасадата на САД во Скопје. Ова е прва поддршка на овој американски фонд за реставрација на споменик од современата македонска уметност, што ја чествува и борбата против фашизмот. Подршката на САД за заштитата на културното наследство во Македонија е значителна и досега има огромен напредок во зачувувањето на археолошките локалитети, како и на византиското наследство.

    „Со доделените средства, Општината започна со реализација на конзерваторско-реставраторските работи на Споменикот на слободата. Досега е направена санација на ѕидните платна и партерното уредувања. Во тек е конзеравцијата на мозаиците на Глигор Чемерски. Планирано е целосната реализација на конзеравторско-реставраторскиот проект да заврши до октомври 2024 година“, ни рекоа од Министерството за култура.

    На концертот на „Кафе де Анатолија“ на 16 август од 19 часот настапува Никсар, од 21: 30 Квин Џи,  Били Естебан е од 22:45, Омер Тавар на полноќ, Риалианс он ерт од 1:30, а Инвиктоз од 3 часот.

    „Сите овие уметници се дел од ‘Кафе де Анатолија’ и ќе донесат уникатни звуци и енергија на сцената“, велат од дискографската куќа.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира