Студентите од Факултетот за електротехника и информатички технологии во Скопје (ФЕИТ): Марко Доневски, Елена Тодорова (трета година) и Маја Наумоска (втора година), освоија прво место на 29. издание на натпреварот ИЦАМЕС (ICAMES – International Cultural and Academic Meeting of Engineering Students), кој се одржува секоја година на Универзитетот Богазичи во Истанбул, Турција. Станува збор за еден од најреномираните меѓународни инженерски натпревари, каде што учествуваат студентски тимови од врвни универзитети низ целиот свет.
Тие велат дека нивниот проект е нешто што може да стане потенцијално огромно медицинско откритие.
„Мотивирани од зачестеноста во секојдневието на повредите на надворешните лигаменти на колената, оваа наша идеја нуди можност за многу побрза и поедноставна рехабилитација. Се работи за сензори кои го детектираат напредокот на пациент во фаза на рехабилитација, по извршени рехабилитациони вежби. Секој пациент е приказна сама за себе, па со овој уред би можело точно и прецизно да се дефинира ефективноста на индивидуалниот пост-оперативен третман и напредок на лица со таков тип на повреда. Целата слика ја дополнува и одредена апликација, која би претставувала база на податоци детектирани и собрани од сензорите, кои болницата би ги дала на позајмено користење на пациентот. Со тоа, постои непрекината достапност на информации, со кои лекарот ќе може да се послужи во секое време. Целта, за разлика од комплексноста на самиот проект, е доста едноставна-задоволни пациенти, кои на најлесен начин ги постигнале посакуваните цели“, велат студентите за САКАМДАКАЖАМ.МК.

Тодорова, Доневски и Наумоска на еден од најреномираните меѓународни инженерски натпревари, каде што учествуваат студентски тимови од врвни универзитети низ целиот свет. (Фото: Приватна архива)
Во конкуренција биле тимови од земји како : Италија, Канада, Австрија, Украина, Кипар, Јордан, Грузија, Босна и Херцеговина, кои се претставиле со идеи кои биле сериозно подготвени, иновативни и технички издржани.
Тоа за тројцата македонски студенти не било пречка, туку напротив – поттикнувачки предизвик.
Во такво опкружување, нивниот проект се истакнал по својата практична примена, иновативниот карактер и јасниот придонес во подобрување на квалитетот на живот на пациентите. Интеграцијата на технологија со здравствени решенија и потенцијалот за реална примена биле клучните елементи што придонеле да го добијат признанието за најдобар проект на натпреварот.
Доневски, Тодорова и Наумоска велат дека иако доаѓаат од различни инженерски насоки, нивната соработка се покажала како извонредно успешна.
„Она што нè обединува е заедничката страст кон иновациите и силната мотивација да создадеме решение кое има реално, општествено значење. Проектот го развивме како тим со комплементарни знаења и пристапи, што ни овозможи целосно да ја покриеме и техничката и апликативната страна на иновацијата. Ментор ни беше асс. м-р Александар Крлески, чие стручно водство беше од големо значење, а поддршката од ФЕИТ одигра клучна улога во нашиот развој и подготовка за меѓународна презентација“, велат тие.

„Ментор ни беше асс. м-р Александар Крлески, чие стручно водство беше од големо значење, а поддршката од ФЕИТ одигра клучна улога во нашиот развој и подготовка за меѓународна презентација“, велат тие. (Фото: Приватна архива)
Ги прашавме и кој е следен чекор за проектот, дали некој ги исконтактирал за негова реализација, а тие велат дека на прашањето: ,,Што понатаму?” се надеваат на многу одговори.
Во моментов се целосно посветени на тоа овој проект да не остане само како студентска идеја, туку да прерасне во решение со реална примена и вистинско влијание.
„Иако досега сè уште не сме стапиле во контакт со потенцијални соработници, активно работиме на тоа да го доближиме проектот до болници и здравствени установи кои ќе го препознаат неговиот потенцијал. Отворени сме за соработка и подготвени да вложиме труд, време и знаење за оваа иновација да заживее таму каде што е најпотребна – кај пациентите. Стремиме кон високи врвови и усовршување и продолжување на нашата успешна студентска приказна“, ни рекоа Доневски, Тодорва и Наумоска.
Б. НЕСТОРОСКА